Плач над истурено млеко

По двенеделна пауза, имав на ум безброј теми што ми се чинат значајни за моментов. Едната можеше да биде во духот на Велигден (и воскресението), па ќе се пошегував со чудесиите на македонскиот политички систем во кој САМОРАСПУШТЕНО собрание се попишманило и решило да „воскресне“ по два месеца за да ја легализира дивоградбата во вид на еден куп уредби со законска сила што немаат ама баш никаква врска со справувањето со пандемијата, а кои притоа се спротивни на Уставот и на законите. Во моментов се чека одлуката на бившиот претседател на бившото Собрание… Ако барате (колку-толку, макар минимално) издржан и уставен излез од овој правен галиматијас, него не може да ви го даде ни целата Катедра за уставно право на Правниот факултет, бидејќи вакво чудо од неуставни закони што се толерираат од страна на Уставниот суд, на кој не му ни требаше ковид-19 за да се заклучи во самоизолација, нема никаде на светот! Овој пржински Гордиев јазол „плаче“ за меч, ама…

Во врска со вонредната состојба работите се, исто така, (из)вонредни. Или како што деновиве напиша еден мој бивш студент, „кога би бил автор на ваков Устав, би ми било срам тоа да го напишам во мојата кратка биографија (на Фрчко не му е срам ама баш за ништо, а богами и кратката биографија не му е за покажување). Интересно, оној јаден устав, полн со дупки, пропусти, нелогичности, остана на Шкариќ да го брани – и тоа, за чудо (ако остана место за чудење во оваа земја), овој конституционалист ја брани вонредната состојба, а не човековите права. Нејсе! Всушност, она за што сакав да пишувам е нешто што интелектуалната и критичка елита низ светот веќе го именуваше како појава на ковид-1984.

Додуша, оваа формула звучи многу позгодно кога е изговорена на англиски, но и вака (се надевам) дека на некои ќе им заѕвони ѕвончето дека станува збор за нов бран на орвелизација на стварноста, сега под влијание на јакнење на државната контрола (на Големиот брат), а во име на јавното здравје и опстанокот на нацијата (со други зборови, ново ниво на биополитика со нови импликации).
Тоа се веројатно круцијалните проблеми поврзани со иднината на демократијата и човековите права во капитализмот на надзорот (surveillance capitalism) за кој, меѓу другите, зборува и опоменува Јувал Харари, а уште повеќе Шошана Зубоф од Харвард. Не, ова нема никаква врска со теории на заговор, со чипирање или 5Г-технологијата – ама има многу врска со тоталитарните закани со кои се соочува човештвото, и тоа во време на стравотна глобална рецесија (а од ниту една рецесија во историјата не се родило нешто добро).

Ако ова и не беше веќе доволно за инспирација и поттик за размисла, има и уште една тема за која треба да зборуваме, ама кај нас не е ниту на хоризонтот: начинот на живот, љубов, ментално здравје на една цела популација не само поради карантинот, туку поради она што следува по „олабавувањето на мерките“, но во сенка на стравот.
И ете, во време кога се нишаат темелите на човештвото (без претерување), кога треба да размислуваме не за два, туку за пет чекори напред околу опстанокот и на земјава, ама и на човештвото чиј дел сме (каков-таков), македонската јавност се разбранува за пролеаното млеко од пред цели три години – т.е. Договорот за добрососедство со Бугарија и новите уцени на патот кон интеграцијата во ЕУ! Ако сме и „социјално дистанцирани“ во стварниот живот, во социјалните мрежи изгледа дека сме вмрежени во сцена како во грчка трагедија, па се кука и лелека до небо за неправдите врз Македонците. Знам дека ќе ве налутам, ама таква ми е и намерата.

Прво, кога се потпишуваше и ратификуваше тој договор (кој во ништо не е помала и помалку срамна капитулација од онаа во Преспанскиот договор), во далечната 2017 година, малкумина реагираа. Да, да, свесна сум за тазе-ефектите од 27 април, но освен неколку осамени гласови (по обичај), другите си мрчеа по дома. И што е најстрашно, и власта и опозицијата беа „конструктивни“, а пошироката јавност не се ни потруди да го прочита текстот на договорот. Можеби ако го прочиташе и овој, а потоа и Преспанскиот (наредната година), ќе сфатеше во каков клинч е ставена Македонија од своите први соседи, ама со благослов на ЕУ.

Можеби ако се разбереше дека за македонскиот идентитет се поопасни бугарските уцени од грчките, нештата ќе беа појасни. Она што сега Бугарија го користи како легитимна алатка во рамките на ЕУ, т.е. се повикува на склучениот договор (за кој, да потсетам, немаше отпор, дури ни во опозициските кругови, освен она бледо „срамота, срамота“), е содржано во одредбите во кои македонската страна имплицитно се откажува од македонскиот јазик и од македонското малцинство во Бугарија. Да биде иронијата поголема, наредната година таа иста влада се фалеше дека го зачувала (барем) македонскиот јазик со Преспанскиот договор, ако веќе капитулирала пред сите други идиотски барања (од типот на наша гаранција дека Аце Големиот е чистокрвен Грк). Двата договора се резултат на „маестрална абракадабра“ на т.н. меѓународна заедница, која посака да го затвори овој дел од Балканот, кој веќе ѝ одеше на нерви, и да нѐ набута во НАТО, на клоци ако треба.

Нема врска со што тие споделуваат ист националистички дух и се спротивни на сето она што Брисел сака да го прикаже како чисти „европски вредности“ (бидејќи такви не постојат – ако се вредности, тогаш се универзални, а ако се европски – тогаш се сомнителен производ на една мека колонијална матрица). Кога меѓу странските колеги или во научните трудови се обидувам да го елаборирам ова, на тие што ме слушаат/читаат не им се верува (па понекогаш им е полесно да ме нападнат како националистка, отколку да прочитаат сами за што навистина станува збор).
Да ја скратам долгата приказна и да ја плеснам грдата вистина в лице: т.н. нова методологија за зачленување во ЕУ е нешто што за нас треба да е дежа ви, веќе видена и искусена работа. Само што сега она што беше грчки исклучок станува правило – па, буквално секоја одделна членка на Унијата има право да поставува и испорачува услови во текот на преговорите.

Значи, ние во таа „дисциплина“ треба да сме шампиони, барем по искуството од изминатите 20-30 години. За ситуацијата во која сега се наоѓаме НАЈМАЛКУ се виновни државите од ЕУ, кои си ги штитат националните интереси (дури и кога се примитивни, националистички, агресивни или нецивилизациски). Целата вина лежи на политичките елити, кои, на еден или друг начин, го дозволија ова, со пропаганда и уверување дека ЕУ е за тебе, за на крајот да излезе „ќебе за тебе“ (од ЕУ-помошта). Ова со донацијата од ќебиња, на симболично ниво, е сосема соодветно: ви текнува дека малите несигурни и исплашени дечиња најчесто имаат омилено ќебенце што си го гушкаат кога треба да потонат во сон (ако немаат некое кадифено мече или панда)? Е, токму така, утехата дојде, заедно со неколку респиратори (Трендо со право постави прашање „има ли живот по респиратор“).

Знам дека сега ќе ми се „пуштат“ мнозина да ме напаѓаат дека поттикнувам летаргија, будам дефетизам (наместо борбен дух?!), дека мора да се бориме докрај итн. Мене ми е доста, бидејќи не е ни случајна ни глупава онаа изрека за тоа колку е попусто да плачеш над истуреното млеко! Уште полошо е плачењето ако си самиот виновен за тоа… Всушност, ми се чини дека е по малку патетично во сегашниов миг да жалиш за нешто од минатото (што си пропуштил да го сториш или дури и не си го антиципирал), а пропушташ што ти се случува сега, под носот… Да се разбереме: прво, датум за преговори нема и не се знае кога ќе има; „зеленото светло“ е само светло на семафорот, ама улиците се празни, градовите се како духови да живеат во нив, па и зелените светла не значат ништо…

Процесот на преговори, ако воопшто и почне, ќе трае со децении – или барем додека трае оваа и ваква Европска Унија, на која не ѝ се пишува арно. Кога би имале малку (колективен) ум, сега би се прашале дали е време за плачење за јазикот што самите го уништуваме секојдневно и за Бојко Борисов, дали е време за изборното сценарио на СДСМ среде пандемија, зошто им се брза да добијат нов мандат пред да се открие дека Царот е гол, а македонскиот буџет празен како црна дупка, имаме ли стратегија барем за матурата или за наставата од есен, што е со земја во која се спасуваат банките и угостителството (најмоќното лоби се кафеанџиите изгледа), во која здравствената заштита (тестирање на вирусот) станува недостижен луксуз…

Имаме ли ние воопшто претстава за светот по ковид-19? Во нормална (а сиромашна и слаба) земја веројатно би се размислувало за експертска влада поддржана од широка коалиција, која би решавала егзистенцијални и стратегиски проблеми, ама и која не би дозволила екстензија и мутација на вирусот во ковид-1984. Но ние не сме таква држава – освен она во заградата… Македонскиот јазик ќе си опстане во мерка во која ние тоа ќе го дозволиме и негуваме; македонските малцинства се повешти во битката за своите права и во Бугарија и во Грција – ич гајле да не им береме… Но она што сега треба да има апсолутен приоритет е „новото нормално“, „новото сега“, хуманизација на светот и користење на оваа страшна криза како портал во нов свет (како што вели умната Арундати Рој, иако тагата и скепсата од очите не може да ги скрие). Дајте, доста кукање за ланскиот снег и растуреното млеко – снег и немаше, а млекото е одамна скиснато.