Пировата победа на (пост)колонијална Европа

Овие редови ги пишувам на денот (9 мај) кога се одбележува 75-годишнина од победата над фашизмот, во време кога буквално ништо не е јасно (поточно, намерно е замаглено) – и буквално сѐ, и жртвите и злосторниците (по бројка или потекло), е предмет на договор. Историјата, дури и за еден од најважните моменти што навидум го обединија светот (како што денес го прави ковид-19), е подложна на ревизионизам и фабрикување како никогаш порано.

Пазарењата се прават и во рамките на една иста земја, но и регионално и глобално – и сето тоа од позиција на моќ и со идеолошки анимозитет кон Другиот. „Другиот“ е симболичка категорија, бидејќи еднаш Русија или Кина можат да бидат (стари) сојузници, а веднаш потоа да се обвинат дека ја присвојуваат историската победа над фашизмот на сметка на Западот. Не само што се води симболична битка за тоа кој бил победник и кој повеќе жртви дал во Втората светска војна (методологијата на броење на жртвите малку потсетува на денешниот хаотичен систем со кој се пребројуваат жртвите од ковид-19), туку веќе не е ни јасно кој/што е победено.

Одликите на фашизмот се релативизирани до непрепознатливост, па затоа прашањето на денот гласи: дали е победен? Дали причините што довеле до Втората (а претходно до Првата) светска војна се елиминирани, дали се научени историските лекции, дали милитантниот империјализам е навистина минато? Фашизацијата ползи постепено, дисперзирана е на мали делчиња, и ако не се види големата слика сето тоа изгледа бенигно.

Манифестациите со кои оваа година се одбележуваше 9 Мај беа виртуелни, речиси хиперреални: празни градови и плоштади, културни и други манифестации на ТВ-екраните или интернет, симболични обраќања на лидерите… Кралицата Елизабета го повтори слоганот на Британија „никогаш не се предавај, никогаш не очајувај“, властите во Загреб нагласуваат дека партизанското движење било најсилно токму во Хрватска (додека во исто време усташтвото се ребрендира). Слично е и во Унгарија и во Полска, за Бугарија и да не зборувам. Така, 75 години нема ништо ново, освен ново пишување на историјата во која жртвите се сторители, а сторителите на злодела се жртви. До 100-та годишнина целата операција ќе заврши, можеби слично како приказната за Балканските војни.

Од поодамна ЕУ (која лажно се претставува како Европа) си го присвои денот на победата над фашизмот ребрендирајќи го во Ден на Европа, а се прогласи и за царство на среќата присвојувајќи ја за своја химна „Одата на радоста“. Притоа, Европа е само она што Брисел ќе го потврди како такво, сѐ друго останува во чекалницата (чистилиштето) или е на работ на остатокот на светот (на недостојните, варварите). Русија слави, како што велат некои дисиденти, ден на амнезија: се нагласува огромниот број жртви на најголемата војна за родината (со 27 милиони, тие се на врвот на црната листа, на која војниците и цивилите се вбројани рамо до рамо), но без споменување на дистопијата во која ја наоѓа војната, под палката на Сталин, кој веќе го има земено својот дел од олтарот.

Во време кога сите се удираат в гради, само Македонија тивка, тивка, да потивка не може да биде… Како да се каже дека била на вистинската страна на историјата, на страната на сојузниците, токму сега кога историските читанки ѝ ги пишува токму оној што бил на страната на фашизмот (кој пак има право на вето за нејзиниот влез во Рајот наречен, ЕУ)? Затоа во „нашата земја“ се премолчува химната, се молчи и на денот кога е убиен Гоце, се молчи на денот кога е победен фашизмот, се молчи за 20.000 жртви, за погромот на Евреите, за тортурата врз најнапредниот дел од ослободителното движење. Но затоа во тишината силно одекна најновиот изум на „националните пошти на нашата земја“: поштенската марка за македонско-хрватското пријателство на кое е прикажана голема Хрватска! Можеби, во знак на благодарност за хрватската поддршка од неодамнешниот самит? Или како ироничен симбол на победа на фашизмот (или транседенција на пријателството на Ванчо Михајлов и Анте Павелиќ) наместо над фашизмот?

Во време кога сѐ е виртуелно (вклучувајќи го и непријателот, војната, љубовта, солидарноста), виртуелен беше и самитот на ЕУ со претставниците на (измислениот) Западен Балкан. Резултатот е декларација со името на градот во кој НЕ се одржа самит, полна со празни фрази, но и орвелијански пораки. За Македонија (неспомната, исто како и проширувањето) најважен е делот во кој се порачува: „Дополнителни и решителни напори треба да се посветат на помирувањето и регионалната стабилност, како и на наоѓање и имплементирање на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и за проблемите, чии корени се во наследството од минатото, а во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи.

“ За некои медиуми (како Телма) декларацијата/заклучоците од самитот биле „млаки“ (веројатно по силување ова му доаѓа како шлаканица – особено за оној што ни силувањето не го почувствувал како акт на насилство, туку како чин за негово добро). Пак не им текнува дека не е до Софија, туку е до политиката на Брисел. Декларацијата не е ништо друго туку ехо на многу историски епизоди, а од поновите – на Лисабонската декларација (од јуни 1992 година). Ако тогаш заклучокот беше дека земјата ќе биде меѓународно признаена само доколку од своето име го избрише зборот „Македонија“, сега имплицитно се внесува уште еден невозможен услов: да се прифати дека македонскиот јазик не постои. Нашите „браќа“ Хрвати (слушав нивни ТВ-дебати) тоа воопшто и не го забележаа, дури и меѓу борците за човекови права меѓу нив.

Но не се виновни тие кога Македонците молчат, особено политичката каста. Други нации (сегашни и бивши) слават жртви, па и порази, слават имагинарни победи (како Сан Стефано), ама и денови кога е кажано историско НЕ (на фашизмот, на уцените, на Информбирото, на Москва, на Берлин). Нешто слично како нашите соседи со Oxi денот. Иако денес меѓу нив има колонии на периферијата, а некои не постојат (како СФРЈ), сепак таквите чинови останале запишани со златни букви и се извор на инспирација за новите генерации. Ако и сме биле на вистинската страна и нашите предци гинеле во име на тој НЕпокор, кажавме НЕ и на 30 септември 2018, но денес повеќе личиме на поданичка нација, која за сѐ кима со глава (па дури им е и „млако“).

Лидерот на опозицијата Мицковски порачува: „Европа ќе ја донесеме затоа што нашиот народ тоа го заслужува!“ Фразата „ќе ја донесеме“ е проблематична од многу причини (а обично велат „ние ќе одиме во Европа“). Но многу повеќе загрижува помислата дека можеби „нашиот народ“ навистина ја заслужува оваа и ваква Европа, која слави победа над фашизмот, а замижува пред културниот геноцид на македонскиот народ. И не само за тој геноцид и за својата неславна улога во минатото за која пееле и пишувале и Мисирков и другите револуционерни дејци.
Во контекст на меморијализациите, да потсетам на уште еден парадокс: ЕУ (наречена Европа) е сочинета од нации, кои наводно рекле НЕ на фашизмот и на меѓусебните војни, се помириле и тргнале во изградба на светла иднина (во рамките на својата Тврдина/Тврдината Европа е име што ѝ е одамна дадено од критичките мислители).

Во тој мит умешно се истакнува француско-германското помирување, ама нема ни збор за крвавото колонијално минато и за постколонијалната политика, која меѓу другото, е составен дел и на политиката на проширување. Ова е „семејство“ (кое не секогаш е многу среќно, а и разводите се на дневен ред, а во кое има и црни овци/отпадници ама се толерираат) на држави и корпорации, а не на народи и граѓани – прагматичен сојуз воспоставен од геополитички/економски причини. Додека нам ни попуваат за помирување и соочување со минатото, тие ги имаат избришано од читанките резултатите од озлогласените колонијални освојувања, експлоатации, геноцид, тортури и гладување на поробени народи од Азија до Африка.

Дали сте чуле за изразување жалење, извинување или барем за инаков третман на луѓето/земјите што страдале од европските империјални освојувања? И дали можете да поверувате дека била потребна Втората светска војна, за Роберт Шуман и Жан Моне заедно со Конрад Аденауер и уште неколкумина да го елиминираат засекогаш тешкото бреме, да свртат нова страница и да ја препородат Европа во симбол на модерност, (европски?) вредности, прогрес и мир? За волја на вистината, барем Германија, која минала низ процесот на денацификација, кој кулминира во 1968-та, се обидува да ги елиминира сите латентни знаци на милитаризам (не секогаш успешно, но го чини тоа барем конзистентно); нејзиниот економски ордолиберализам/мек империјализам е, сепак, нешто сосема друго…

Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, две во едно, чинат само обичен оксиморон, особено денес кога елементи на фашизација виреат и во членките на ЕУ, но и во бриселскиот естаблишмент, а кои мижат пред отворен културен геноцид на еден мал народ. Кога велам мал, не мислам на бројноста, туку на елиминацијата на чувство на достоинство, самопочит и одважност да каже НЕ. Барем еднаш, громко и силно… Најжално од сѐ е што Македонците се слепи за да не го видат епитафот на ЕУ, и глуви за да ги чујат звуците на Бетовеновата Петта симфонија што ја потиснаа „Одата на радоста“.