Пат

Да советуваш некого за нешта што не ги познаваш е исто како да учиш коњ да јава. Но, општо земено, исклучително ретко кога во животот сум си зел за право да му делам совети некому за што и да е. Советите, во суштина, се губење време. Што и да советувате, секој на крајот ќе го направи она што му е нему дадено да го прави. И толку. Лично мислам дека дури човек и да побара совет од некој нему искрено близок и добронамерен човек, треба да го направи обратното од советуваното. На крајот од сѐ, да советуваш некого а тој да не го бара тоа, ниту очекува, во најмала работа е продавање ветер и магла – на ветерот и на маглата лично. Затоа, ова што сега го пишувам е само моја мечта за тоа што јас го очекувам од себеси кога би бил на местото на оној другиот. И тоа е сѐ. За да сме докрај разбрани, одамна ниту нешто очекувам, ниту нешто барам од луѓето. Тоа ме прави да се чувствувам слободно во односите со нив. Но човек сум, полн со надежи за подобро, поубаво и посреќно. Што и да значат сите тие содржини на духот кај луѓето. Кај мене означуваат состојба на нештата што ја дефинираат смислата на постоењето воопшто.

Драги мои, вие сега сте сета наша надеж. Вие сте сите наши мечти и желби за тоа како и што треба да се прави за потака. Вие сте сето она што ние би сакале да бидеме а не сме можеле оти не сме знаеле. Вие сте сега сѐ што воопшто сме знаеле дека знаеме.
Не верувајте им на оние што знаат подобро од вас денес, а не знаеле на денот кога сте барале некој што знае. Тие не знаат. Тие само сакаат нешто што ќе го наречат ваше.
Вие сте почетокот на крајот на еден пат, кој, да, нема да биде ниту лесен, а ниту рамен. Ќе се искачуваат уште многу ридови. Ќе се поминат уште многу рамнини и ќе се преминат уште многу реки. И солзи, и пот, и паѓања, и разочарувања бескрајни се пред нас, по патот што, треба да сме барем со тоа досега на чисто, не води кон никаква цел туку кон нови патишта, кои никогаш не смееме да дозволиме да престанат да се отвораат пред нас. Не верувајте кога ви кажуваат дека на крајот од оној пат таму, и удолу од оној рид онаму, и зад онаа река е целта што треба да се освои. Целта на ова патување е самото патување, токму по овие патишта по кои сега вие ги водите другите. Ова патување се нарекува живот и нема цел. Животот е неговата цел. Оној живот што ќе дојде по вас и ќе оди по патот по кој вие сте оделе, но со воздишки и мечти за тоа дека некои пред нив оделе по истите тие патишта и дека одејќи по нив изградиле бели градови и китни села, места достојни за да се наречат човечки и нивни. Човечки и наши.

Не заборавајте по пат на браќата по затворите и судовите.
Ете, само толку и само тоа. Многу ли се очекува од вас? Можете ли да одите, ете, само по тој пат и само заради овие две работи? Првата работа е сѐ што ќе направите да биде човечко, а втората е уште полесна: да го препознаваме, разбираме и чувствуваме како наше, што и да е тоа што ќе го направите. Имајте на ум дека ние не сме сите исти, фала му на бога или на она што нѐ направило да сме такви точно какви што сме. И секој од нас има свои мечти и свои идеи за тоа по кој пат да се фати и како да се оди по оној што сме го одбрале да одиме. Оти, пак, и патиштата не се малку. И сите водат кон иста цел – патувањето.
По пат не заборавајте на жените, на татковците и мајките, на сестрите и на браќата по затворите и по судовите.
Имајте трпение со нас. Секогаш обидувајте се да разберете што сакаме лево и десно од патот. Направете го тоа што го сакаме, ако можете и ако треба да се прави. Не заборавајте никогаш дека ние секогаш ќе веруваме дека она што е добро за нас е добро за сите. Тоа најчесто не е така. Ама, не прекорувајте нѐ, патот долг, некогаш здодевен и прав, треба нешто и да се зборува по пат. Па, луѓе сме, нели кажав дека бараме нешто човечко? Помислувам дека ние што само сакаме, а не знаеме како да го направиме тоа што го сакаме, најчесто сакаме да зборуваме за тоа што го сакаме, а откако некој друг ќе ни го направи тоа нешто што го сакаме, одеднаш и сосема необјасниво ќе престанеме да го сакаме. Вие правете го она што може и треба да се прави, оти ние никогаш нема да престанеме да го сакаме она што е наше и она што е човечки да ни припаѓа, секогаш сега и секогаш веднаш. Нели сме луѓе? А со луѓе е најтешко.

Не заборавајте по пат на децата на браќата по затворите и судовите.
Имајте на ум дека полесно е лозје да копаш отколку со луѓе да се расправаш. А лозја по патот по кој одиме, колку ти душа сака. Вие што нема да можете по пат да доодите и да водите, поради тоа што сме, не заборавајте дека чесна работа е и лозје копање. Никој вечно не водел никого по патиштата наши. Тоа, сигурен сум, ете барем тоа го знаете пред да почнете да водите по патиштата, кои, имајте го на ум и ова: тие патишта не се ваши, туку наши. Некои велат дека дури и негови. На бог, на природата, на духот или во што кој си верува денес или ќе верува утре. Не барајте од нас сите да веруваме во исто, оти здодевен ќе ви биде патот и вам, а и нам. А луѓе сме, освен леб, вода и игри, сакаме и да веруваме.
И Ќосето да го вратите.
Драги мои, не судете по пат. Ама бидете правични. Не попуштајте пред законите. Никому. И за ништо. Оти оние што не можат и не знаат да живеат по законите, тие не се достојни да се наречат човек и наши. Оние што ќе бараат од вас што и да е, а не е по законите, тие се вашите непријатели и тие ќе ве ослепат и слепи ќе водите по патот. Не давајте ништо ако не е по закон. Оти законот се вашите очи. Ако дадете што и да е, кому и да е, надвор од законот, си го давате белото видело. Е, тогаш пак црно ќе ни се пишува и гледа. Вие слепи ќе водите слепци. Знаете каде води тој пат, нели? Во амбисот во кој потонавме од водачи што водеа кон беззаконие и хаос. Во неред живеат луѓе што не можат да се наречат со ништо човечко. И тие не се ваши. Тие се туѓи и истајте им се од патот. Вие тргнете по друг пат. Па, барем тоа е лесно. По тој пат оделе и вашите предци. Еден од нив, Блаже Конески, ви оставил прекрасен совет за тоа по кој пат треба вие да фатите. Тие што ќе побараат надвор од законот да одите лево, вие само свртете десно и сѐ ќе биде во ред. Тоа е вистинскиот пат. Тоа е нашиот. Тоа е човечкиот пат. Секој што одел по тој пат, никогаш не погрешил.
Не заборавајте по пат кои сте и што сте, од каде сте дошле и по кој пат треба да одите.

Бидете демократи, отворени за сите, дури и за оние прокопсани што не ве заслужуваат. Дајте им на сите, на секого по пат, можност да направи нешто добро за себеси и за другите. Не знаете дали некој знае или не знае. Тоа не знаете. Но само по законот и само она што е човечко и наше. Слушајте го мнозинството. Не верувајте им на оние што по пат ќе ве советуваат дека сте поумни од мнозинството. Не сте. Овозможете им на оние што на сет глас врескаат дека знаат подобро од вас кој е вистинскиот пат, да одат по тој пат. Ако е вистинскиот, и мнозинството ќе тргне по нив. Ако не е, нема. Вие останете со мнозинството. Разговарајте со луѓето по пат. Никогаш не може да знаете кому му е дадено да знае тоа знаење да го пренесе на вас. Нема да ви биде пренесено ако не сте подготвени да го прифатите од друг и не го наречете ваше. Не бидете тирани. Тираните живеат само од нивните советници и за нивните совети. Тиранијата раѓа тиранија, несреќи и јад. И никогаш тиранинот нема да биде наречен човек и наш. Никогаш. Не верувајте во тоа дека она што го правите денес, утре ќе биде запаметено и наречено поинаку од она што навистина било. Ние што одиме по тој пат, точно знаеме што е тоа што е, дури и кога ви кажуваме дека не знаеме. Да знаете, ако не знаеме, значи се плашиме од вас и од вашето незнаење. Е тогаш, плашете се вие, оти црно ќе ви се напише и пред и по вас.
Не заборавајте по пат да ни кажувате за тоа кои сме ние сега и кои бевме на денот кога тргнавме по пат. Луѓе сме, забораваме.

Одете по својот пат. По оној во кој верувате дека е вистинскиот. Оти, пак ќе речеме, патишта многу, а луѓе малку. Луѓе што можат да се наречат наши. Луѓе што сами ќе се речат за наши. Не присилувајте ги по пат луѓето да се нарекуваат вака, така или онака. Без разлика како ќе се наречат, тие се само луѓе. Исти како вас. Исти како нас, само не се нарекуваат наши. Не отфрлајте ги и не понижувајте ги. Оти одејќи по овој пат, нѐ понижувале и уште нѐ понижуваат и нарекуваат за недостојни и за чергари без пат што треба да се изоди. По пат не правете им го на другите она што не сакате да ви го прават вам. Но бранете го вашиот пат како знаете и умеете. Сѐ е дозволено по пат ако треба да се одбраните себеси и вашите. Немајте милост за оние што ви го земаат неправедно вашиот пат, или делот од патот по кој одите вие и вашите. Не заборавајте, има патишта што ќе ги споделувате со други, помагајте им по пат. Оти тој пат да не бил и ваш и нивен, немало да го одите заедно.
По пат, напред секогаш да води знаменосецот со нашето знаме, за да знаеме дека уште одиме и дека тоа е нашиот пат. Може патот да го погрешите, и ќе ви биде простено, но ако знамето ни го погрешите, тоа никогаш нема да ви се прости.
Оставете знаци покрај патот по кој поминувате, за да се вратат и оние што по пат заминале по други патишта, или не можеле да ве следат. Не заборавајте ги и не откажувајте се од нив, никогаш. Оти вашиот пат е и нивен пат и тие на него може да се вратат кога сакаат и како сакаат. Нивен пат, нивна работа.
Плачете денес, утре нема да ви биде простено, оти нема да ви личи. Кој човек што може да се нарече човек и наш сака да оди со плачковци по пат?
И името Македонија да си го вратите. И да си го запишете сегде кај што ќе стигнете. Оти само по името ќе ве паметат кои сте и по кој пат сте поминале.

Авторот е режисер и универзитетски професор