Патриотот од Муртино

Знаеш кој е тој, драг читателу. Нашиот велелепен пример на премиер. Јас сум ти зборувал за мојот Павлов рефлекс, бихевиористички во основа, изразен во силен нагон за повраќање кога ќе го чујам зборот Европа. ЕУ. Но Европа на денешните бриселски политбирократи, кои ја уриваат целосно нејзината убава културно-цивилизациска слика од епохата на ренесансата и на француското просветителство подоцна што траеше, за жал, кратко. Сликата што ја обожавам јас со плејадата на нејзините слободарски, научни и креативни духовни интелекти. Ја обожавам идејата за сеевропско обединување, првично не на Моне и Аденауер, туку на раскошните визионери Иго и Бакунин пред две и кусур столетија, на која сега буквално ѝ се помочаа бриселските политбирократи што само ги обновија на еден кукавички, божем софистициран начин, ариевизмот и супрематизмот на нацизмот. Оти, зарем тоа не го потврдува нивниот однос, драг читателу, сега кон Западен Балкан (нивен кумски изум) што го ставија да чмае во нивното цивилизациски гето, како што го направија, иако ти изгледа прејака компарацијата, Америте со Индијанците. Постојат безброј примери за евроилустрација на тој план. Македонскиот пример меѓу нив, се чини, е најдрастичен.
Ете, сега ти е јасно, драг читателу, дека не сум априори европомразач. Јасно ти е која Европа ја сакам, а која го активира мојот Павлов рефлекс за повраќање. Европа што загуби секаков демократски и цивилизациски такт, губејќи морал и срам, за што крунски сведочи онаа бриселска директива на до нашиот политгениј од Муртино: „Употребете балкански методи“, а пратена од оној евронатрапник кај нас Јоханес Хан. Страшно! А нашиот премиер, управуван на далечинско копче, експресно ја спроведе директивата на Брисел со балкански канибалистички профил.

Ја спроведе и со купување на сточниот политички пазар на оние осум бедни души. И во сите овие работи што се диригираат на копче нашиот премиер, драг читателу, како што добро знаеш е ненадминат во планетарни размери. Како „човек без својства“, оној од ремек-делото на Роберт Музил, тој е маркиран како некој жив авангарден примерок на вештачката интелигенција, која ја замисли и проектира ингениозниот Балканец, западен, Тесла, а сега неговиот проект го доусовршуваат модерните електроинженери. Тие, незадоволни од пронајдокот со глината во рајот на Господ, сега во соработка со екстраинтелигентниот Сатана го доусовршуваат и му даваат нова димензија нему. Како што му дадоа, пак во соработка со него, микробиолозите специфична цел и намена и на новиот планетарен коронавирус, крунисан со кралската круна (не е случајно именуван и графички дизајниран така) на еден од неколкуте најмоќни нагони што ги открива и дефинира Фројд: нагонот за смрт, кој е толку многу иманентен за, пред сѐ, современата колонијалистичка западна цивилизација. Е, тој нејзин темен нагон ги настаса, драг читателу, и Македонија и Македонците, реализиран како нејзина еротска екстаза на смртта во Преспа (Нивици) пред три години: 18 јуни 2018. И нашиот премиер, живиот архетип на металната вештачка интелигенција на копче тука функционираше во улога на идентитетски егзекутор на сопствениот народ без око да му трепне. Додуша тоа, пак, го стори со гилотината на цивилизацијата довлечкана тука директно од Вашингтон и од Брисел. Ја изврши студено задачата на копче тој леден премиер составен од метални елементи како оној фасцинантен киборг на Мери Шели Франкенштајн во нејзиниот истоимен роман, еден од најзначајните маркери на современата научна фантастика. Онаа на која, како што гледаме, драг читателу, ѝ припаѓа и нашиот (иако според сѐ ненаш) премиер, кој е сепак раритетен киборг, бидејќи покрај со метална интелигенција, електроинженерска, располага и со одреден квантум на емоција. Макар каква-таква, сведена и на нејзината барон-минхаузеновска (со должно извинение кон баронот) варијанта первертирана во валкана и сурова лага.
Да. И ти сега, кога стапуваме во самото срце на нашата зададена тема во оваа колумна, со како и секогаш малце долг, но потребен контекстуален вовед, прашуваш, драг читателу, која е конкретно таа лага на „човекот без својства“ (или речи: без карактер, сеедно). Исправно прашање. Ги има многу такви лаги, кои, ако некој се нафати да ги собере и систематизира ќе бидат малку и неколку дебели томови за да ги соберат сите нив на едно место. Но, сега конкретно, како што гледаш ние сме нацелени на најновата екстатична повеќе отколку безобразна (бидејќи сме свикнати веќе на неговиот безобразлук) лага. Тоа е, погаѓаш, лагата со име Патриотизам, која нашиот/ненаш премиер од Муртино ја промовира без срам и перде како вистина. И не морам да ти ги набројувам сите негови предавства кон Македонија и Македонците, оти, како јас, и ти ги знаеш нив.

Оти не му беше доволен Преспанскиот договор на идентитетската смрт на Македонците, туку, оценувајќи го заедно (пак е тука на дело копчето) со Вашингтон и со Брисел како недоволен за дотолчување на „смачканото племе“ (Б. Конески) донесе уште два не помалку кобни договори по, веќе во урнатини, македонскиот државен и национален суверенитет: договорот со Бугарија и, со Али и преостанатите рамковни, договорот за реализација на Тиранската платформа стокмена од ЦИА.
Тоа е и предоволно како здрава скица (со цврстите експресионистички линии на еден Оскар Кокошка или на нашиот Мартиновски) за „патриотскиот“ портрет на премиерот од Муртино, кое и не е виновно што го родило за несреќа на Македонците него, иако, имено, токму по него тоа ќе биде славно. И тоа е историскиот парадокс во кој и уривачите на она што други го граделе со дух и страст понекогаш стануваат попознати и пославни од градителите и градбите што ги урнале. Сум ти го пружил за тоа како крунски доказ, драг читателу, примерот со убавиот храм на Артемида во Мала Азија спепелен од Херострат. Херострат, кој остана запаметен, иако злосторник, во историјата, а таа, како и денес во улога на ороспија, не го запаметила тој што треба, градителот на прекрасниот храм. Навистина болен парадокс. Се плашам, драг читателу, дека и Македонија и Македонците биваат вглобени во него. Оти и премиерот од Муртино е нашиот Херострат сега. Тој што го урна целосно во Преспа преубавиот храм со име Македонија. Во мајчината таа негова Северна! И, ете, таков од петици до врвот тој модерен киборг-херострат сега на Македонците што ги стави два метри под земја им се претставува како најголем патриот, многу поголем и од Гоце, етничкиот Бугарин на Пендаровски, и од Јане Сандански, пиринскиот цар со кого и денес си имаат мака Бугарите, оти како вампир подизлегува понекогаш од гробот и ги фаќа за врат.

Секидневно ги слушаме и читаме вехементните „патриотски“ изјави на премиерот од Муртино и по она негово срамно интервју за телевизијата на Каракачанов, по што се дистанцира од него и Бранко Црвенковски, кој (не знам дали се кае) го аболира него за криминал, го востоличи за челник на неговата партија, по што тој, ете, за несреќа на Македонија и Македонците, стана и премиер на оваа жална држава-протекторат. И тој, драг читателу, е суровиот автократ, кој ти ми го споредуваш во очајот со Хитлер. Ама погрешно. Зошто? Затоа што тука има голема разлика. За тоа, ако се сеќаваш, порано пишував во еден подолг колумнистички есеј, повлекувајќи една психоаналитичка паралела меѓу германскиот џин и муртинското џуџе. Имено Хитлер, што сакаш мисли за него како планетарен злосторник (за разлика од нашиот што е само национален), ама тој беше вистински патриот што се однесува до неговиот народ, прогласувајќи го него за избран од Господ и потиснувајќи ги Евреите на тој план. Тој го возвеличи до небо германското колективно битие и го фрли во национална екстаза својот народ, без разлика на последиците потоа, што е сосема друга приказна.
Да. А што направи нашиот фирер од Муртино, драг читателу. Тоа, што не само што не го возвеличи и откри во неговата вистинска светлина националното битие на својот (иако веќе не е негов) народ, туку го понижи и до крај го урна него. Целосно, да се изразам фигуративно, го спепели неговиот духовен, историски и онтолошки оган и го стави во мртовечка урна. И тоа е гранична ситуација, гранична точка од која ние допрва можеби и со едно и повеќе столетија ќе го чекаме повторното будење на тој оган од пепелта што ја произведе муртинскиот политгениј, македонски Херострат од највисок ранг. Оти такво предавничко злосторство над Македонците никогаш за време на нивното неколкумилениумско траење, не е направено над нив. Така. А нашиот Херострат од премиерска позиција на сет глас грми дека е патриот и дека нема отстапување од јазикот и идентитетот. Тоа им го кажува на Бугарите, кои ги промовира не како фашисти (лижејќи им го тоа назад) во Втората светска војна, туку како симпатични администратори, дојдени тука да заведат ред: да ги соберат македонските Евреи и да ги транспортираат во „Треблинка“, а потоа да заминат во Ваташа и да ги стрелаат со администраторска Заева муниција младинците во Ваташа, најубавото трагично цвеќе на македонската мартирска историја.

Ете, тоа и таков е „патриотизмот“ на нашиот „најпатриот“ сега, драг читателу. Патриотот-киборг составен по теркот на Мери Шели, а и Х. Џ. Велс, од метални елементи, во кој неговите креатори електроинженери и писатели на научната фантастика, се обиделе сега, во нашиот феномен од киборг да вградат и атоми на емоција, покрај атомите на металната интелигенција, која не стои под прашање. А тие вградени атоми на емоција во студениот метал се селективно излачени од вкупната емотивна маса (мораме да се служиме со терминологија од физиката) како строго патриотски. Алхемиска абракадабра, опуспропарандус, и еве го сега македонскиот најпатриот од Муртино, челникот што го столчи македонското идентитетско чело со чеканот што му го подадоа за таа намена од Вашингтон и од Брисел. De profundis, nocturno, memento mori, danse macabre… Македонска и светска ноќ без месечина и ѕвезди, во коjа во Преспа Сонцето заедно со венчалните ружи е одведено на закоп тоа јунско пладне 18 јуни 2018, полно со трагична светлина и бескрајна елегија, тажаленка, наместо со свадбарска химна. И тоа е тој „патриотизам“ на „патриотот“ од Муртино. Оти тој сега говори дека нема разговори ни со Бугарите, ни со Европа за јазикот и идентитетот. А всушност го закла идентитетот во Преспа, со тоа што му ја отсече, како Ирод на Јован Крстител во Ерусалим на крвавата царска гозба, главата на Името. Името што е наша прагенеза, за што сведочи и најважниот не толку религиозен колку антрополошки царски документ на Западната цивилизација Библијата. Името што се провира низ неа како златен конец од првите нејзини страници сѐ до последните редови на Новиот завет во кој стапи на сцена новиот избран, но не со ариевска супрематистичка суета, народ. Народот кај кој по Божја промисла дојде со Македонецот подмишка од Троада во Македонија најревносниот Исусов апостол Павле.

Тој кој имаше многу проблеми со паганските Грци (Ахајци како што ги вика) велејќи им да се угледаат на боголиките Македонци во кои имаше бескрајна доверба. Тие што, како што вели кога собираше помош за бедните во Ерусалим најмногу дадоа, иако беа најсиромашни. Тие што, како што се изрази тој во своите посланија до Филипјаните и Солуњаните, се „светила што светат во расипан род“ и што се како такви „од почетокот избрани за спасение на светот“. Така вели апостолот. Не осудувај ме мене за ариевизам и супрематизам, драг читателу. Не сум во таа смисла ни Хитлер, ни Черчил, ни кој било друг сличен еврототем.
А нашиот премиер од Муртино, веќе историски славно, ништо не знае за ова, ниту му е јасно што е тоа идентитет. За жал, нешто што не ѝ е јасно и на голем дел од нашата шарена „интелектуална“ елита. Оти и јазикот и сѐ кај нас по преименувањето во Преспа, со тој идентитетски геноцид, се под прашање. Оти уште сега по ексклузивниот подарок на Грците на името Македонија, целиот наш антички изворен идентитет е натрупан во „грчката вреќа“ во која, како што рече и Х.Д. Лоренс, автор на генијалниот еротски роман „Леди Четерли“, Европа по инерција трупа сѐ. И повеќе од Дројзен. Во неа таа ја натрупа и неговата омилена етрурска цивилизација, за што тој ги прекорува европските историчари на уметноста и културата дека едвај ја ставаат на маргините на европската културолошка книга, иако таа не заостанува ни педа, нејзиниот сјаен експресионизам, во однос на старогрчката уметност и култура. Грчката вреќа во која сега со Преспа Европа конечно ја натрупа под поимот хеленизам, што фактички ја означува епохата на Александар Македонски, и Античка Македонија со целата нејзина кралска лоза и огромно културно-цивилизациско благо.

Но за тоа, знаеш, имам пишувано, драг читателу. Уште еднаш: нема поим од поимот Идентитет и Име оној од Муртино. Нема поим од архетип и симбол, светите садови што ги содржат и чуваат нив. Па нели се сеќаваш, драг читателу, (само еден пример што објаснува сѐ) како тој нареди, за да им удоволи на Грците, бриселците и вашингтонците, да се брише шеснаесетзрачното сонце, еден од темелните македонски архисимболи, дури и од шахтите што ја покриваат канализацијата. Канализацијата што на најдиректен начин после тоа го сугерира неговиот карактер и карактерот на партијата што ја предводи тој, од која не се најде, колку што се сеќавам, ни еден јунак, Дете Голомеше, кој ќе кажеше НЕ на идентитетскиот геноцид на нејзиниот фирер во Преспа. Тој што криминално не го призна легалниот референдум на Македонците за спас на својата идентитетска глава и најсурово ја пресече неа. Како Коте од Рулја главата на Лазар Поп Трајков. А колку да се потсетиме, покрај она „ќе јадеме живи луѓе кога ќе дојдеме на власт“, драг читателу, и на онаа изјава на нашиот „најголем патриот“ сега, дека ни нему ни на неговата партија не ѝ личи да биде патриотска. И не е. Не си го сака родот. Доволно се тие аргументи. Точка. Поздрав до следната средба.