Патологијата на бугарскиот македонизам (1)

Веќе навикна, драг читателу, дека не сум строго дневничен, фактографски колумнист, да чекам што ќе се случи во вторник, па да пишувам за среда со гола фактографија. И драго ми е што навикна и што се разбираме. Така и сега, имаше некои дневни настани за кои можеби требаше да пишувам во оваа колумна. Еден од нив беше ексклузивен: нашето недобивање датум за преговори со ЕУ. За најголем виновник се посочува Макрон, како да не знаеме дека Маркиз де Сад е Французин. Но и јас лично не би го дал сега тој датум, не поради македонскиот народ, туку поради оваа криминогена влада на Заев, која ако го добиеше датумот, ќе ги отераше до бескрај својот болен патоген нарцизам и ароганција. Еве им го сега како нив, и повеќе од нив, криминалното НАТО, па нека се сликаат со него.

Друго нешто за што можеби требаше да пишувам во денешнава колумна е веќе завршената изложба во МАНУ на генијот од Тресонче, Дичо Зограф, еден од воопшто најголемите уметнички гении во Европа, ни педа под Рафаел и Леонардо. Само што е гениј на мал и столчен народ, а прашање е и тој колку го цени веќе. Оти него нашите МАНУ-академици го заборавија во својата фантомска енциклопедија, во која тие самите штедро си посветија големи единици, а за генијот од Тресонче не отстапија ни еден ред. Можеби, што се сомневам, оти не се способни за тоа, изложбата на неговите икони беше некој вид извинување за нивниот шокантен енциклопедиски пропуст. Сеедно. Влакно не му фали на генијот Дичо Зограф, а ние во денешниот наш колумнистички есеј, како што го гледаш тоа и од неговиот наслов, драг читателу, ќе се занимаваме со карактеристичната бугарска патологија: македонизмот и Македонците. Па, почнуваме.

Со договорот за добрососедство со Бугарите, за кој толку многу нè притискаше и ЕУ, драг читателу, само излета духот од Пандориното шише. Со него уште повеќе до невидени размери Бугарите го потсилија својот волчешки апетит кон нас. Посегнаа по конечен грабеж на сè што е македонска меморија и културно-цивилизациски имот. Без перде. Докрај. Веќе се готви ревизија на македонските учебници по историја во таа смисла, главно од Кирил и Методиј, Климент, Наум и Самуил наваму, целиот среден век, преминувајќи подоцна и на преродбенскиот XIX век на кој ние Македонците, имено, не без причина толку многу му се радуваме. А бугарската историска хиена ја спружила шепата и на првата половина од XX век, посегајќи бесрамно најпрвин по Мисирков, а потоа по македонските ослободителни востанија (Разловечко, Кресненско, Илинден), сè до АСНОМ, кој, гледај чудо, не ни го грабаат, затоа што него го користат како доказ дека сме вештачка нација, творба на Пролетерската интернационала и Тито. Да можеа, ќе речеа на фашизмот, арно ама не можат затоа што, за разлика од нив, фашисти во Втората светска војна, ние бевме антифашисти, против оската на злото што ја одбраа како магнет и по сродство Бугарите.

Осилени главно од антимакедонизмот во Европа, но и од нашата квислиншка влада, што нè доведе до трите по македонскиот суверенитет смртоносни договори (Преспанскиот, Бугарско-македонскиот за добрососедство и Тиранската платформа), тие одат докрај. Резултат на тоа е и онаа декларација што успеа бугарскиот европратеник Ковачев да ѝ ја поттури на шизофрена Европа во која Македонците во Албанија се прогласуваат со европечат со нацифашистички мирис за Бугари. Апсолутна садистичка цивилизациска перверзија на Западот. Па, не случајно и Маркиз де Сад е негов цивилизациски пронајдок.
Токму така. И ајде сега да видиме до кај сме со добрососедството со нашите источни браќа, кои не се подготвени за тоа ни откако бриселци со нашиот квислиншки премиер и влада нè прекрстија силеџиски во Северна. Оти парадоксот е во тоа што ним им треба како бугарски македонскиот идентитет за да бидат конечно сигурни во она во кое во својата потсвест не се сигурни. За таа цел некои нивни „историчари“ посегаат дури кон антиката и македонската прагенеза. Академик Ѓорѓи Поп Атанасов во таа смисла и спомнува во својата книга „Македонија и Македонците во Библијата“ некојси таков квазиисторичар Коларов, кој ги бугаризира Александар Македонски и Античка Македонија. Знам, ти би рекол, драг читателу, наивно, но не е баш така. И кнез Мишкин во романот „Идиот“ на Достоевски е наивен, но имено поради таа наивност тој е наречен идиот. Како и ние, не само од соседите-хиени, туку и од Брисел и Вашингтон. Така, следејќи ја таа логика на трансформација на наивен во идиот, и Бугарите нас нè сметаат за македонски Бугари, или за бугарски Македонци. Сеедно.

Идиотизмот е ист. И што е таа дупла кентаурска кованка освен монструм на една болна колективна душа, идентитетски Франкенштајн на кој, како резултат на бугарската историска „инвенција“ и „интелигенција“, може да му позавиди и Мери Шели, жената на славниот англиски романтичар Перси Биш Шели, авторка на и денес хит-романот на научната фантастика „Франкенштајн“. А можеби оваа интелигентна фасцинантна писателка, сè ми се чини дека кога го создавала своето генијално дело профетски во својата свест ги имала како модел за својот фантастичен јунак модерните ЕУ-ликови, какви што се Јункер, Туск, Хан, Могерини, целата таа плејада заталкани глобалистички бирократи што го цицаат капиталот на европската, па во некоја смисла и на балканската работничка класа.
Постојат многу примери за бугарската идиосинкразија кога станува збор за Македонија, Македонците и македонизмот како белег на севкупната македонска културно-цивилизациска енергија и на македонскиот опус мунди на тој план. Еден од најтазе примерите за нејзина илустрација е сеопштата бугарска хистерија, пред сè во нејзиниот политички естаблишмент, кога лани Путин на нашиот претседател Иванов му рече дека писменоста во Русија доаѓа од Македонија. Путин, кој сигурно знае дека Киевска Русија е христијанизирана со свештеници Македонци од Охридската архиепископија, која за таа пригода, покрај книги во Киев кај Владимир Киевски, испратила уште и храмостроители за да го подигнат на руска почва првиот руски православен храм, како и зографи што ќе го зографисаат него. Урнек за тоа, како што пишува академик Цветан Грозданов, ним им бил пред сè живописот на охридската „Света Софија“. Плус и првите христијански руски мартири и светители Глеб и Борис по мајка се Македонци. Мајка им била роднина на Самуил, по кого исто така се грабаат Бугарите, една од дванаесетте жени на Владимир Киевски. За сето ова, драг читателу, може да најдеме референции кај познати руски слависти, но просторот сега не ни дозволува да се распојасаме толку широко.

Но да прокоментираме кратко, драг читателу, некои бугарски комплекси по однос на македонизмот. Најпрвин светите солунски браќа Кирил и Методиј, едни од најсјајните не само македонски туку и европски културно-цивилизациски личности, кои папата Јован Павле Втори со посебна енциклика ги прогласи во Ватикан за заштитници на Европа, што е парадоксално во однос на македонската ситуација денес, иако Киркегард вели дека парадоксот е златната фигура на филозофијата и воопшто на човековиот шифриран израз. Ама во македонскиот пример се покажа дека таа „златна фигура“ за Македонците е со крајно горчлив вкус. Зборот ми е дека македонските сесловенски просветители од Солун се заштитници на Европа, таа што денес идентитетски ги ништи Македонија и нејзиниот народ со најдревен идентитет на Стариот Континент. И тоа е, ќе се согласиш, драг читателу, страшно. Едноставно, цивилизациски страшно! А еве го крунскиот доказ дека Кирил и Методиј никако не можат да бидат Бугари. Па, белки нашата преговарачка комисија го знае тоа за да им го влепи на Бугарите. Или само се гостат бугарски ќебапи со нив. И толку. Имено, познато е дека византискиот цар Михаил Трети го испраќа Методија, како вешт воен стратег, некаде на изворот на Брегалница, во мојот роден крај, на границата на Византија со Бугарија, за да ја чува неа и да го организира во таа цел месното население од воинствените и агресивни Бугари. Цели десет години. Тука, во Равен, доаѓа и брат му Кирил и ја создаваат глаголицата.

Потоа следува Моравската и сесловенската просветителска мисија на Солунските Браќа, кои за таа цел ја преведуваат Библијата, Стариот и Новиот завет. Бугарите можеби и имаат некаква заслуга за неа, но во негативен контекст. Имено, Бугарија во 862 година склопува сојуз со Германија, која во тоа време почнува нашироко да навлегува во Моравија и да го германизира словенското население во неа. На тоа реагира моравскиот кнез Растислав, со писмо до византискиот цар Михаил Трети, истиот што го испраќа Методија на исток да ја штити византиската граница од Бугарите, барајќи од него помош за стопирање на германизацијата над неговиот народ. Тој одговара со Солунските Браќа што ги праќа во просветителска мисија за таа цел таму. И таа мисија се остварува како сесловенско духовно просветление, со описменување на Словените од Солун на југ до Москва и Владивосток на север и со воспоставување насекаде богослужба на словенски јазик, за првпат кодифициран во литерарна норма за таа широка намена, и тоа реализиран со преводот на книгата над книгите Библијата. Која е основата на тој сесловенски кирилометодиевски јазик? Бугарите, кои се познати историски фалсификатори, велат дека е тоа старобугарскиот јазик, и тоа се вклопува во психата и психологијата на нивниот екстремен национализам на сите нивоа. Тоа е антропологија. Стеснет духовен и душевен хоризонт на колективната душа. За разлика од нив, Македонците уште од антиката биле познати како космополити, за што сведочи и концептот на Александар Македонски за светската космополитска држава во која се укинува ропството и сите народи се еднакви во своите јазични, религиски и културолошки права. Во таа смисла и Бертран Расел во својата книга „Мудроста на Западот“ им ја припишува заслугата на Александар и на неговиот учител Аристотел, Македонец од Стагира, за воспоставување за првпат во историјата на „природното право и правото на народите“. Она што треба современата европска либерална демократија да го зема за свој темел. Арно ама, парадоксално, Европа него го гледа во античка Грција, во Атина, иако додека Македонците го укинуваат ропството, таму наголемо владеат робовладетелството и деградацијата на женскиот род. По инерција, како што вели Д.Х. Лоренс, Европа ја отвора „грчката вреќа“, историска и културолошка, и сè некритички трупа во неа. Особено античка Македонија и целиот нејзин културно-цивилизациски имот. И тоа е еден од најголемите западни историски фалсификати, за што посебна заслуга има и германскиот историчар Дројзен, заштитен знак на тој фалсификат. Со Преспанскиот договор на квислиншката македонска влада античка Македонија е целосно натискана во „грчката вреќа“, до ликвидација на автентичниот историски и национален идентитет и на сегашните Македонци, кој е ампутиран од неговиот жив дух и тело со идентитетски смртоносната придавка Северна.

Поентата е, драг читателу, дека македонскиот космополитизам им носел културно-цивилизациски профит на другите, но притоа Македонците во дефицит на цврста трибалистичка психологија постојано по поразот во антиката од Римјаните наваму биле потиснувани и докусурувани, за денес да бидат драстично присилно целосно, со преименувањето, идентитетски ликвидирани. Но да се вратиме на спорот за основата на јазикот на Солунските Браќа во тој контекст. И тука е на дело космополитскиот агон на македонската колективна душа, бидејќи Македонците не го именуваа тој јазик како старомакедонски, иако е де факто тоа, за разлика од лакомите Бугари, кои побрзаа него да го наречат старобугарски. А вистината, во што главно се согласува и здравата славистичка наука, е дека тоа е говорот на македонските Словени од Солун и неговата околина. И Блаже Конески е дециден кога вели дека „надвор од секакво сомневање, старословенскиот јазик е заснован врз јужнословенскиот македонски говор“. А, имено, тој говор кодифицирано прекрасно стилски легнат во брилијантниот превод на Библијата на Кирил и Методиј, Македонци по род, да се јавува и како литерарна основа на сите словенски јазици. Тоа е во основа старомакедонскиот јазик, факт на кој се повикува и Енциклопедија Британика од 1931 година, во која тој (заедно со германскиот, латинскиот, индискиот, иранскиот) е сместен во групата на најстари јазици на светот, подвлекувајќи притоа дека од него потекнуваат и се развиваат и сите други словенски јазици. До еден, па и бугарскиот јазик, по што логично произлегува дека тој е дијалект на македонскиот, а не обратно, како што вреват агресивните Бугари, за да ги укинат јазичната и националната автентичност и автономија на македонското битие.

(продолжува)