Патологијата на бугарскиот македонизам (2)

За бугарскиот фалсификат во врска со јазикот на Солунските Браќа пишува со маестрална научна анализа Лидија Славеска во нејзината книга „Македонската генеза“, која, секако, како и малку архаичната, но извонредна „Славјаномакедонска историја“ на Ѓорѓија Пулевски, нашите ману-академици треба и интелектуално и етички да ги апсорбираат во својот закржлавен и безличен идентитетски дух. Имено, Славеска во фокусот на темата за која станува збор го цитира и бугарскиот учен Р. Сефтерски, кој децидно вели дека постоеле прабугарски христијани како и словенски христијани, меѓутоа додека за словенските христијани јазикот на нивната држава реално бил словенскиот (македонскиот м.з.), за Бугарите тоа бил туѓ јазик кого требало допрва да го учи семејството на цар Борис и неговиот син Симеон, а потоа и пониските слоеви од народот. Според Р. Сефтерски „прабугарската реч била говорен јазик, и тој секнал едвај во XII век“. Парадокс врз парадокс за бугарскиот фалсификат и лага, старобугарска и новобугарска, градена за великобугарскиот „духовен“ и „просветителски“ мит врз грбот на Кирил и Методиј, и потоа врз нивните ученици Климент и Наум.

Но сиот овој бугарски квазимит паѓа и се разбива како Дедал со восочните крилја од цврстата почва на вистината, бидејќи таа е неподмитлива и, на крајот на краиштата, и самиот Господ во последните денови од свршетокот на светот ќе се приклучи кон неа. Примерот со Методија испратен од Михаил Трети во мојата родна Малешевија (да се пофалам како Малешевец) за одбрана на византиската граница од Бугарите повеќе од јасно го покажува тоа. Во таа смисла и руската славистка С.В. Троицкаја, што ја цитира Славеска, подвлекува: „Главна задача на Методиј, како кнез на Стримонската клисура, била нејзината воена заштита од соседната Бугарија која се стремела под водство на хан Пресијан (836 – 352) да ги освои византиските области населени со Словени“.

Доволно, ако се придодаде кон тоа и фактот дека Солун, родното место на Кирил и Методиј и нивните родители, во ниеден миг не потпаднал под територијата на Бугарската држава. Историските хроники забележале дека само еднаш Бугарите се доближиле до него на 22 километри оддалеченост. И толку. Веќе, пак, рековме за бугарскиот сојуз со Германија во 862 година, кој ќе се повтори по линија на сродниот магнет и по милениум и половина со Германците во Првата и Втората светска војна пак на штета на Македонија. По истата атавистичка мемориска линија може сега проработи и „условниот“ рефлекс на Ангела Меркел контра нас, за која македонскиот пријател, германскиот публицист и славист Волф Ошлис во едно интервју во „Дневник“ рече дека патолошки ги мрази Србите и Македонците. Таа беше најголемиот меѓународен, западен притискач за Македонија да си го смени името, со што во македонската меморија ќе остане запаметена како „суптилна“ обновителка на фашистичката идеологија на фирерот. Онаа против која се бореа, за разлика од Бугарите, Македонците во Втората светска војна на глупавата и лакома за материјален профит Европа.

Тоа. Но малку им се на Бугарите Солунските Браќа, духовната светлина на сесловенскиот свет, па тие посегнуваат како по свое природно културолошко наследство и по нивните славни ученици Климент и Наум Охридски. Вистина дека по смртта на Методиј 886 г. тие, заедно уште и со Ангелариј, од Моравија доаѓаат во Белград од каде што бугарскиот управител набргу ги испратил во Плиска во Бугарија. Да. Но тие тука не се задржале долго. Тие, како што пишува Е. Георгиев, заминале и „Климент го востоличил своето учителско место во Македонија“, поточно во Кутмичевица. Со еден збор Климент и Наум не го прифатиле за подолго понуденото бугарско царско гостопримство на Борис во палатите на Плиска и Преслав, туку заминале своето духовно семе да го сеат во скудните предели на својата татковина на бреговите на Охридско Езеро. Тука во Охрид го формираат и првиот Универзитет во Европа, познат и како Охридска книжевна школа, чија духовна светлина исто така ќе зрачи во сесловенскиот свет, на запад до Моравија и на исток и север до Киев и Москва. Еден од крунските докази дека Климент и Наум, освен краткиот престој во Плиска, немаат посебни врски со Бугарија е и Пространото Климентово житие на кое посочува во „Македонската генеза“ и Лидија Славеска. Во него не постојат никакви податоци за Климентовата духовна и просветителска дејност во Бугарија. Значи, сè е толку јасно и едноставно. На видело е бугарската мегакражба на македонското мемориско и културноцивилизациско богатство, а тие се енормно лакоми и незаситни во тоа, и продолжуваат и понатаму. Така тие, како извежбана историска хиена, во тоа, од средниот се префрлаат и на преродбенскиот XIX век, векот општо земено и на европскиот романтизам на будење на нациите, на колективните души, кои го бараат (пра)изворот на своите автентични идентитети, без разлика дали станува збор за големи (како западните), или за помали народи како балканските. Во тој век силно избива на површина и македонското национално чувство, будење од сонот на долгата историска хибернација и откривање на својата генеза. Најеклатантен пример на тој плач е ингениозната личност на Мијакот Ѓорѓија Пулевски, војвода, борец во Разловечкото и Кресненското востание, печалбар, ѕидар, лингвист, учебникар и историчар, наш Леонардо, кој ја напишува својата обемна (1.500 страници во ракопис) „Славјаномаќедонска историја“. Во неа тој се спушта до праизворот на својот народ – античка Македонија на Филип и на Александар. Свеста за неа подоцна ја среќаваме и кај Мисирков, кој се гордее дека е роден во престолнината на македонската античка држава Пела. Покрај Пулевски во таа преродбенска македонска плејада тука се уште и Џинот, Жинзифов, Прличев, Миладиновци и други бележити личности. Имено, на нив потоа во следното столетие се надоврзуваат Мисирков, Рацин и Конески, како и целата плејада Асномци во Втората светска војна.

Друго прашање е, пак, драг читателу, што го избербатија нивното свето дело нашите сегашни политичари како што се Заев, Димитров, Пендаровски, Шеќеринска… Тие ги потпишаа трите смртоносни по македонскиот суверенитет и идентитет договори: со Атина, Софија и Тирана. Тие се покрај другото примери и за Фројдовата теза на проекција на сопствените дефекти на другиот. Во нивниот патоген случај проекција на целиот македонски колектив. Конкретен пример: тие својата идентитетска безличност, според тој Фројдов синдром на потсвеста, ја проектираат, му ја натоваруваат на целиот македонски колектив безобѕирно и сурово, доведувајќи го со Преспанскиот договор, без око да им трепне, во идентитетска смрт. Министерот Димитров (Никола) во едно летно интервју за париски „Ле Монд“ изјави дека тој и неговите безидентитетски браќа од власта решиле да не ѝ робуваат на историјата. Браво. Со други зборови, да не ѝ робуваат на меморијата. Па и мислењето на некои наши интелектуалци, за жал, тактилно се допираат до оваа мисла-одлука на нашиот велеумен министер кога велат дека е бесмислено денес во XXI век да се разговара за некои праисториски личности, ситуации и настани. Да, ама јас му верувам на Елиот кога вели дека сегашноста (во случајот XXI век) е многу минато и малку иднина. Секоја точка од минатото е и точка на сегашноста. За тоа нешто зборува и мудриот Свети Августин. А тука е и филозофијата на она Големо Сега на индуистичките веди од кои на Запад се напојуваше филозофијата на Шопенхауер и Ниче, и нивната теорија на вечното враќање од кои ја презеде неа и Мирча Елијаде.

Тоа е тоа. Оти меѓу минатото и сегашноста не постои межник, строга граница, туку тоа се нешта, ентитети на целината како кинеските Јин и Јанг. Тие меѓу себе се во андрогина синтеза. Затоа е многу важно ако е тоа синтеза и на нашата индивидуална, а потоа и колективна душа, да не ја повредиме грубо неа, шлапајќи неодговорно и безлично со бесмислата на умот, како што го направи тоа нашиот претседател Пендаровски за Гоце, фрлајќи ги Бугарите во невидена егзалтација со неговата недоветна изјава дека тој да ти бил етнички Бугарин, кој се борел за Македонија. На тој начин тој од Гоце направи франкештајновски хибрид, каков што прават всушност Бугарите од целокупната македонска историја, толку многу романтична за нив. Вистина, претседателот наивно, или глупо, сеедно, нагазил на мина. Точно е дека во документите Гоце се потпишувал како Бугарин, како што го правеле тоа и Јане Сандански и преостанатите дејци на ВМРО. А како и можеле поинаку кога тие биле државјани на Бугарија. Мисирков имал дури и руски и српски покрај бугарски пасош, па бил освестен Македонец, а не Бугарин, бидејќи неговото капитално дело се вика „За македонцките работи“. А не за бугарските. И точка. Сè е јасно, иако бугарските адути се потпираат, имено, на таа таканаречена од нив објективна фактографија. Во таа смисла и вели Ангел Димитров челниот „експерт“ на бугарската преговарачка комисија за прекројување на македонските историски учебници: „Ние ќе треба да ги убедиме (Македонците м.з.) дека има периоди во кои тие, едноставно, не можат да најдат аргументи за да ги негираат тие факти и нашата историја.“ На изглед луцидно, ама празно. Димитров се повикува на фактите во согласност со латинската поговорка „Пред фактите и боговите молчат“. Да, ама Арнолд Тојнби, еден од корифеите на модерната историја, вели дека фактите во историјата не вредат ништо без категоријата контекст. А тоа значи дека истите тие мора да се посматраат не во нивната гола објекција, некритички, туку во рамките на историските околности и ситуации за да се разјаснат докрај тие. Само така, со ламбата на контекстот што го промовира Тојнби ние и можеме да ги осветлиме Гоце, Мисирков, Миладиновци и другите македонски преродбеници, кои Бугарите едноставно ги третираат како голи факти, а не како живи и комплексни личности. Да. Но така, за жал, како голи факти нив, како што гледаме, ги третираат и Заев и Пендаровски на кои исто така воопшто не им е јасен поимот контекст. А нема ни да им стане јасен, бидејќи за тоа се потребни и самопознание, саморефлексија, длабинска идентитетска свест за да се дојде до резултат, за да не се прават такви франкештајновски химери како она на Пендаровски со Гоце: етнички Бугарин и борец за Македонија. А има, за волја на вистината, и такви, но тие не се хибридни чудовишта, туку реални и доблесни јунаци. Имено, таков е, на пример (не знам дали нашиот учен претседател чул за него) големиот бугарски поет Пејо Јаворов, кој бил искрено, а не патолошки како Димитров и Захариева, вљубен во македонизмот и македонското дело. Тој бил голем пријател на Гоце Делчев и бил негов соборец во неговата чета. Притоа многу акрибично водел и дневник за поважните случки и настани поврзани со македонскиот револуционер. Така тој во својот дневник запишал и еден екстатичен восклик на Гоце: „И над Македонија ќе изгрее сонце, но нема да биде бугарско!“

Значи, ете, го господине Претседателе контекстот за кој зборува Тојнби, и кој објаснува дека Гоце и покрај тоа што во неговите службени документи бил заведен како Бугарин бидејќи бил државјанин на Бугарија, не е етнички тоа. Тој е, да ве исправам, етнички Македонец роден во Кукуш – Егејска Македонија, кој се борел за ослободување на Македонија, онаа што вие сега со владата на Заев ја ставивте во идентитетска мртовечница. Па зарем не ви е позната и онаа крунска изјава на Гоце дека секој оној што сака Македонија да се соедини со Бугарија, Србија или Грција, може да биде добар Бугарин, Србин, или Грк, но не и добар Македонец? А? Тоа. А етнички Бугарин што се борел со целото свое доблесно и херојско срце за Македонија и македонското дело, вистински романтичар што го обожавал македонизмот е, рековме, Гоцевиот бугарски соборец Пејо Јаворов. Камо среќа да имало и да има како него и Горѓи Димитров повеќе такви Бугари со незаледен палеолитски националистички ум и космополитско срце. Посебно денес тие се насушно потребни за да профункционира договорот за добрососедство со Бугарите. Но и со фенерот на Диоген да ги бараш на пладне ги нема нив. И тоа е сега трагично во денешната „добрососедска“ ситуација меѓу нив и Македонците. Плус работата ја докомпликуваат и нашите сервилни и безлични политичари. А и добар дел од жалните интелектуалци.

А Бугарите од типот на Димитров, Захариева, Каракачанов и сличните (ако ги има поинакви нека се јават) запнале тврдо за фактите, за она како се пишувале Македонците во бугарските државни документи и што рекле, за голата фактографија што има значење на нула без историскиот контекст во кој треба тие да се расветлат. Оти нели и Исус вели: „Ќе ги познаете по делата, а не по зборовите“. Па, така, ако тргнеме од оваа Исусова максима, која идеално се вглобува во теоријата на контекстот на Тојнби, на пример, ќе знаеме зошто Мисирков се пишувал, или „декларирал“ како Бугарин (од немајкаде, се разбира), а од друга страна своето капитално дело „За македонцките работи“ му го посветил на македонскиот јазик, како еден од најважните белези на исконскиот и автентичен македонски идентитет.

(продолжува)