Патоказ им треба на изгубените?

Клучната разлика меѓу нонпејперот од Берлин и португалскиот предлог не е во тоа што тој содржи, туку чиј е предлогот. Нонпејперот од Берлин беше фасилитиран од Берлин, сепак беше само нонпејпар, додека португалскиот предлог е предлог на самата ЕУ

Крајот на португалското претседавање со ЕУ донесе засилени комуникации помеѓу ЕУ, Бугарија и Македонија. Мора да се истакне дека ретко кој политички аналитичар очекуваше дека за време на португалското претседавање со ЕУ ќе има ваков интензитет, со вклучување на највисоко ниво и на ЕУ и на Португалија. И тоа во услови на техничка влада во Бугарија. Сите предвидувања беа дека ваков ангажман може да се очекува во втората половина на годината, за време на словенечкото претседавање со ЕУ. Ова укажува дека ЕУ-проширувањето на Западен Балкан се издигнува на врвот на ЕУ-приоритетите, откако минатата година се реши брегзит и донесувањето на новата ЕУ-буџетска рамка.
Португалскиот предлог е модификација на нонпејперот од Берлин, со кој покрај едностраните изјави на Македонија и Бугарија, предвидено е тој процес да се следи низ ЕУ-процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА). Тоа е чекор кон барањата на Бугарија за Договорот за добрососедство да биде дел од преговарачката рамка на ЕУ со Македонија или како посебно поглавје или вклучено во релевантни поглавја. Чекор кон, но не и прифаќање. Кои се другите разлики и зошто Македонија и Бугарија би го прифатиле португалскиот предлог?
Насловот на овој коментар „Патоказ им треба на изгубените?“ укажува дека Македонија не смее да прифати Договорот за добрососедство да стане дел од формалниот преговарачки процес, што е барањето на Бугарија. И ова е став што го споделуваат повеќето аналитичари, како и јавноста. Сега понудата е тоа да биде следено од ЕУ надвор од преговарачкиот процес. Ова е начин Бугарија да има понуда на масата што ќе ѝ помогне да излезе од позицијата на вето.

Клучната разлика меѓу нонпејперот од Берлин и португалскиот предлог не е во тоа што тој содржи, туку чиј е предлогот. Нонпејперот од Берлин беше фасилитиран од Берлин, сепак беше само нонпејпар, додека португалскиот предлог е предлог на самата ЕУ. Португалскиот предлог на Скопје и Софија го предложи самата ЕУ, и тоа и ЕУ-комисијата и Советот на ЕУ преку португалското претседателство, и станува збор за предлог што е усогласен меѓу земјите-членки. Оттука, португалскиот предлог станува поприфатлив за Македонија, а ќе стане сѐ потешко за Бугарија да го одбие, бидејќи не е само нонпејпер разговаран меѓу Скопје и Софија.
Овие неколку месеци покажаа дека доколку проблемот се третира како билатерален проблем меѓу Бугарија и Македонија, нема да има решение поради разликите на моќта меѓу двете земји, односно ќе беше можно само со безусловна капитулација на Македонија. Со вклучувањето на трета страна, како што вели министерот Бујар Османи, односно на ЕУ, распределбата на моќта се менува и имаме поизрамнет терен за спроведување на Договорот за добрососедство. Но кога министерот Бујар Османи вели дека идентитетските прашања не се дел од португалскиот договор, тоа е делумно точно, бидејќи тие не се дел од самиот предлог, но се воспоставува патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство и работата на „заедничката историја“ како дел од тој договор. Ова за Македонија може да стане избор меѓу „ужасен крај и ужас без крај“, но во не толку песимистичка варијанта, прифаќањето на португалскиот предлог ќе ги одглави двете земји од ветото и блокадата и ќе даде време за конструктивен ангажман околу работите за кои се согласуваме.

Прифаќањето на португалскиот предлог во ова форма може да ја означи првата голема отстапка од страна на Бугарија, не само со повлекувањето на ветото туку и со прифаќањето на изјавата за македонскиот јазик. Со изјавата, Македонија потврдува дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година, што е факт. Доколку Бугарија не инсистира на додавање бугарски корени, тоа ќе биде значајна промена на нивната позиција. Тука во моментот е границата што ја кажува министерот Бујар Османи дека во предлогот не се задираат идентитетски прашања.
Прашањето е дали Бугарија е подготвена да отстапи. Секако, држи фактот дека е тешко да се одбие ЕУ-предлог, но, од друга страна, Бугарија има платформа изгласана од парламентот и техничка влада, која е прашање дали има мандат за вакво прашање, бидејќи нејзиниот мандат е спроведување фер и демократски избори. Деновиве во Софија ќе допатува португалскиот претседател, што веројатно ќе биде заокружување на разговорите за португалскиот предлог. Се надеваме на успех!
И две иронии, кои неминовно мора да се јават околу македонското прашање. Првата иронија, македонската голгота со ЕУ започна во Лисабон, далечната 1992 година, кога ЕУ се стави на страната на Грција и побара во нашето име да го нема зборот Македонија. Сега Лисабон и Португалија може да станат местата каде што ќе започне разврската на македонската голгота со ЕУ. Втората иронија е дека решението за бугарското вето може да го донесе претседателот Радев, кој важи за проруски ориентиран, а заплетот го направи нели прозападната влада на Борисов.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Добрососедство