Паразитизмот во уметноста и културата во Македонија, генезис

Сосема е јасно дека никогаш, ама никогаш комуњарите не престанале да владеат со Македонија. И сѐ што се случи до овој момент е последица во најголем дел на манипулациите и игрите на комуњарите веќе метаморфозирани во црвена буржоазија, јавно декларирани како основачи и припадници на партијата СДСМ и прикриено како инсталации и без исклучок во сите други политички партии и општествени движења. Тоа владеење на комуњарските примитивци се воспоставило и ден-денешен се контролира од тајната служба, полиција и номенклатура инсталирана како длабока држава, конструкција на ерозирани полуинтелектуалци подготвени да им служат на сите странски служби и нивните државни интереси, доколку им се гарантира власт во Македонија.
И бидејќи никогаш не се доволни само полицијата и тајната служба како прикриена управа, комуњарите инсталираа и јавна власт, која беше манифестирана преку создавање таканаречена комуњарска уметничка и културна елита што ќе управува со современите текови на јавното живеење и ќе ги формира општествената надградба и јавното мислење. Во тие околности, во педесеттите години од дваесеттиот век е роден комуњарскиот културно-уметнички сталеж, кој во недостиг од какви и да е дарби, таленти, квалификации, знаења и вештини да создава уметност се послужил со единствената можна алатка својствена на примитивизмот во културата, а тоа е паразитизмот.

Така е измислен македонскиот уметнички паразитизам, манифестиран не како уметност, туку како уметничарење, а божемните творци не како уметници, туку како уметничари. Целата идеја за заземање на културно-уметничкиот простор на Македонија била тешка за остварување, од причина што таа новонасадена квазиелита била необразована, едвај елементарно писмена, без никакви таленти да се проектира себеси и сопствените какви-такви, сепак лични достигнувања во системот на владеење како писатели, поети, сликари, сценски уметници, книжевници и книжевни критичари и белетристи, луѓе со интелектуални капацитети да создаваат и духовни вредности. Реално, оние Македонци што биле образовани и се утврдиле јавно како интелектуалци, уметници и луѓе од и во културата биле буржуи или деца на македонската бела буржоазија образована главно низ Европа, во Софија или во Белград. Погледнете ги луѓето што меѓу двете светски војни во Вардарска и Пиринска Македонија ги создале многуте културно-уметнички друштва, братства, организации и здруженија. До почетокот на педесеттите години ниту еден од нив не е во сферите на уметноста. Сите се истуркани на маргините на општеството. Македонија станала пустелија на духот и сознанието.
Така, комуњарската тајна служба ја создава во својата лабораторија, како ин витро родено дете, македонската комуњарска култура и уметност, која поради вештачкиот начин на создавање е без свое лично страдање, без свој идентитет, без свој стил, без сопствен творечки глад, без долги и мачни истражувања и промашени дела, без непроспиени ноќи на лојаници и свеќи, без трепети за секоја боја, секој збор, секое движење, во агонии и драми, без кои создавањето уметност е само збор напишан на хартија, боја фрлена на платно или танц исползен на подот.

И целата таа полициска идеја на комуњарската тајна служба да формира некаква културно-уметничка елита е процес на долго мачење преку систем на контрола, притисок, маргинализација и пасивизација на вистинските творци и уметници, со цел создавање простор нивното бебе произведено во епрувета да порасне и да почне да се движи во светот на културата и уметноста. Во таа трка со времето, во 1952 година е роден, логично како лабораториски производ создаден со синтетика, како син на самиот себе и првиот македонски роман напишан на „стандарден“ македонски јазик „Село зад седумте јасени“ на писателот Славко Јаневски.
Флоскулата „стандарден“ е повторно ин витро произведена во комуњарската книжевна школа на УДБА, која измислила придавка на придавката како единствен можен начин за отфрлање на сите други македонски дијалекти како нестандардни, како божем да постојат различни форми на македонскиот јазик литературен, јазик на книжевноста. Како дијалектите да не се дел, па дури и генератор на литературниот јазик?! Целата оваа комуњарска културно-уметничка пародија е создадена со цел да не се објави веќе напишаниот роман „Крпен живот“ на Стале Попов, кој чекал на издавање, исто како и романот „Пустина“ на Ѓорѓи Абаџиев, кој имал свои верзии уште во времето кога во Бугарија авторот членувал во „Македонското литературно друштво“.
Целиот тој комуњарски примитивизам со инструментите на власта и тајната полиција да конструираат уметност и култура, и уметници и културњаци со сила и по нарачка, логично се манифестира како дете родено со фабричка грешка, како монструм што мора да се храни од туѓото знаење, од туѓиот талент, од туѓата вештина и од туѓиот дух за да се засити себеси и сопствениот глад не за творештво, туку за себепокажување во светот на уметноста, не за уметност, туку за уметничарење, како што го дефинира тоа Константин Сергеевич Станиславски. Тој прв македонски роман е недоносче, полукнижевна турлитава на нарачана парадигма за свет што ниту тој, комуњарот Славко Јаневски, не го познавал, за да може верно и убедливо да раскажува за него. Се работи за мимикрија, за лижење сладолед преку стакло. Авторот подоцна, свесен за книжевната и литературна безвредност на тој роман, самиот ќе се одрече од него и ќе ја повика историјата да го прекрие со прашина. „Првата книга ’Селото сад седумте јасени‘ ќе ѝ припаѓа на правта на историјата“, изјавил Славко Јаневски за своето дело, интерпретирајќи го и самиот како „хибридно чудо“, отворено признавајќи дека „не зачекорил добро во светот на литературата“, па подоцна го преработува неколкупати и на крајот го реобјавува со нов наслов „Стебла“. Нема да навлегувам во подоцнежното творештво на Славко Јаневски, тоа е мошне обемно, не сум го ни прочитал сето, ниту во фактот дека во процесот на лустрација беше обвинет дека соработувал со УДБА преку која го контролирал културно-уметничкото творење и живеење во Македонија, но останува фактот дека романот „Девет керубинови векови“ од првото прочитување, па сѐ до денеска кај мене иницира немир, страст и творечки порив.

Дури и самата структура, парадигмата на романот, како и карактерот на Керувин беа инспирација за една моја непоставена пиеса. Но нема како, а да не се соочиме со фактот дека романите „Крпен живот“ и „Пустина“ се целосни, заокружени и единствени дела, па дури и според сфаќањата на Аристотел за тоа што е драма можат да се наречат книжевност и литература што и ден-денешен се читачки и творечки предизвик, дури и на најмладите генерации македонски читатели и писатели. Воопшто авторите Стале Попов и Ѓорѓи Абаџиев, со овие и со своите подоцнежни дела, стојат во најгорните полици на македонската литература, уметност и култура.
Ете, тоа се фактите. Како последица од овој несомнен удбашки хибрид наречен комуњарска културно-уметничка елита, целата творечка енергија за создавање литература, драма, поезија, проза, филм, театар, сликарство и воопшто живеење не од туку во културата и уметноста речиси две децении исчезнува од пространството на духот во Македонија. Сѐ до почетокот на седумдесеттите години, кога комуњарскиот културно-уметнички паразитизам ќе го препознае светот на театарот,, а подоцна и на филмот и телевизијата како пространство во кое децата и внуците на црвената буржоазија ќе се искачат на јавната сцена и ќе ги светнат рефлекторите кон нив и нивното културно-уметничко паразитирање глумејќи културно-уметничко творештво. Ете ги, ден-денешен истопорени таму. Со службите им и службениците им во првиот ред. Ги чекаат вашите аплаузи. И вашите пари во државната културно-уметничка каса, со која паразитираат во сопствениот свет на уметничари и културњаци.

Авторот е режисери универзитетски професор