Пандемија на дехуманизација

Да се биде сензитивен за човековите права за време на пандемијава значи да се биде внимателен. Особено кога знаете дека кризата може да биде изговор на власта да усвои репресивни мерки, чии легалност, пропорционалност, нужност и недискриминаторност може да бидат доведени под сомневање

Гласен е молкот на самопрогласените заштитници на човековите права. Оние накотените за време на рушењето на претходната власт. Инстант правољупците кризата со коронавирусот ги направи тивки. Којзнае, можеби се тивки со намера. Како што беа едно време гласни со намера. Како да не бидат тивки кога кризата со ковид-19 е совршен изговор за нивните политички ментори од власта да ги унапредат своите теснопартиски интереси за сметка на жртвување на долгогодишните принципи на човековите права, демократијата и владеењето на правото, во име на вонредната состојба. Очигледно не е сега време љубителите на човековите права на привремена работа во Македонија да се мешаат во својата работа. Нема пари, нема права.

Ние сме во услови на глобална здравствена криза, која можеби не изгледа како најдобро време за човековите права. Но прашањата што ги отвори кризата се многу релевантни од аспект на заштитата на човековите права. Од немањето доволно опрема за лична заштита на лекарите и медицинските сестри, невработеноста што вртоглаво се зголемува, осиромашувањето, дискриминацијата, социјалната изолација што ги остава лицата со посебни потреби и старите без грижа и потребна нега, слободата на говор, цензурата, слободните медиуми, се само дел од предизвиците на човековите права, кои бараат внимание и итно решавање.
Велат дека најдобар одговор на кризата е оној што соодветно одговара на непосредните закани, додека ги заштитува човековите права и владеењето на правото. Ова не е време да се заборават човековите права; ова е време кога повеќе од кога и да било се потребни човекови права за да се надмине оваа криза. Зашто да не заборавиме дека заканата е вирусот, а не луѓето.

Да се биде сензитивен за човековите права за време на пандемијава значи да се биде внимателен. Особено кога знаете дека кризата може да биде изговор на власта да усвои репресивни мерки, чии легалност, пропорционалност, нужност и недискриминаторност може да бидат доведени под сомневање. Или, кога има непропорционални ефекти на пандемијата врз одредени заедници, особено верските, пораст на говорот на омраза, целење на ранливите групи и други ризици што го намалуваат ефектот на здравствениот одговор на кризата.
Не гледам дека власта сака, а реално ниту може според интелектуалниот капацитет да види дека почитувањето на човековите права во целиот свој спектар, вклучувајќи ги и економските и социјалните права и граѓанските и политичките права, се фундаментални за успехот на реакцијата на јавното здравство.

Или дека истовремено тие служат како суштински систем на предупредување за тоа кој најмногу страда во време на пандемијата, зошто и што може и треба да се стори во врска со тоа.
Кога велам дека човековите права можат и мора да ги предводат одговорот и закрепнувањето од пандемијата на ковид-19, мислам и на заштитата на слободниот говор и протокот на витални информации. Во овие времиња на корона, дезинформацијата може да убие луѓе. Вистината е императив во борбата против пандемијата. Јавноста мора да ги разликува фактите од лагата, да најде доверливи информации и да може јавно да зборува.

Затоа власта треба да го спречи рапидниот раст на дезинформациите, или „инфодемијата“, која како прекумерно количество информации од кои некои се точни, а некои лажни, им отежнува на луѓето да дојдат до вистината за коронавирусот. Малку е дегутантно ова да го барате од власт што е друго име за лагата.
Не сум наивен и без искуство да верувам дека во вакви времиња некои прекршувања на слободата може да бидат неопходни за зачувување на јавното здравство. Дури и добронамерните, екстремни мерки што може да бидат неопходни во моментот за да се спречи ширењето на вирусот, може да биде тешко да се одвратат доколку не бидат придружени со соодветни заштитни мерки од самиот почеток.

Мора да се спречи пандемијата на коронавирусот да се користи како изговор за авторитарните тенденции на политиката. Зашто она што започнало како вонредна состојба во здравството, може брзо да се претвори во криза за човековите права. Која, еве, ни се навестува ако владејачката партија продолжи слепо да инсистира на брзи избори, загрозувајќи го здравјето на граѓаните. Тоа е кога не можете да го сузбиете својот тоталитарен нагон и сте раководени од скоро патолошката желба за власт по секоја цена.
Ова е причината зошто работата за одбрана на човековите права никогаш не смее да биде заборавена, како што одминува кризата. Сите сме одговорни за своите постапки денес, кога водиме војна со непознат непријател. Сега, нашите постапки не само што го обликуваат светот во кој живееме туку ќе го обликуваат светот во кој ќе живееме, откако ќе помине оваа криза.

Затоа не смееме да дозволиме пандемија на дехуманизација да се шири низ државава. Во тоа сигурно нема да помогне оваа власт, а особено не оние што човековите права ги сведоа на лукративна политичка алатка за одредена цел, во одреден временски период. Најдобро е сега да продолжат да го прават она што најдобро го знаат. Да си молчат.