Падот на Авганистан и изгубената невиност на Старата Дама во локалните предизвици пред почетокот на големата игра

Додека САД се во центарот на вниманието по падот на Авганистан и додека некои проценуваат дека империјата е готова, а други, пак, тврдат дека тоа е победа за пред американската јавност, на Стариот Континент, барем оние што разбираат вистинска геополитика, се тресат сериозно. Иако лидерите во ЕУ веќе извесно време се гласни за потребата од стратегиска автономија, се чини дека ваквите заложби или задоцнија или се заглавени во утопија поради неколку причини. Без разлика на сѐ, деновите на невиност за ЕУ се минато. Колку побргу тоа го сфатат европските лидери толку се подобри изгледите за опстојувањето на Унијата (или барем формата во која би можеле сѐ уште да зборуваме за ЕУ). Причините за повикот на будење на Старата Дама и излегување од превезот на невиноста главно се резултат на враќањето на геостратегискиот натпревар. Секој добар познавач на геостратегијата знае дека сумата на калкулациите во геостратегијата не е резултат на збирот од одделните фактори. Туку многу повеќе.
Тоа можеби најдобро може да се илустрира преку изјавата на Борел (високот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика) спроти хаосот од повлекувањето на САД од Авганистан, кога по малку очајно викна „дека жали што веќе никој не го бара мислењето на Европејците“. Уште повеќе, тој додаде дека „ЕУ конечно мора да се организира за светот онаков каков што е, а не каков што сака да го види“. Оваа како и многу оптимистички изјави што ги слушаме за потребата од геостратегиска автономија и за единствена европска одбрана, за жал, според некои аналитичари на Исток, започнаа да личат на пародија. Имено, во своите анализи тие сатирично поентираат дека крахот на Западот, имплицирајќи на Европејците пред сѐ, е во неколку заблуди и претпоставки на кои ја темелат надворешната политика. Така, покрај другото, тие анализираат дека митот за тоа дека може да се освојат срцата и мислите во местата каде што треба да се проектира либералната демократија со милиони долари се кршат пред суровата реалност на двојните стандарди. Уште повеќе, надежта дека со новото политичко водство во САД работите ќе се вратат на линија каде што беа пред доаѓањето на Трамп најверојатно се срушија токму со повлекувањето од Авганистан.

Но, на иста линија најверојатно се и срамежливите пресметки дека кризата од Авганистан е далечна и дека нема да има последица врз ЕУ. Последното е особено важно што современиот геополитички натпревар се разликува од класичниот по тоа што, за разлика од порано, користењето на пркоси (актери како продолжена рака најчесто недржавни субјекти) има значително поголем ефект од порано. Тоа го дозволуваат израмнетиот свет, како што Фридман метафорички кажа уште во далечната 2005-та, во „The world is flat“ (Светот е рамен), и како резултат на тоа хоризонталните врски што се издигнаа во либерално водениот свет под влијание на развиените информациско-комуникациски технологии. Точно е дека хоризонталната поврзаност е одлична за иновативноста и економскиот развој со кој ЕУ ја градеше стабилноста, но ставени во контекст на геополитиката, таквиот свет е сериозно слаб да се спротистави на вертикално поставените автократски системи.
Оттука, сегментите што беа само дел од пресметката на ризик за внатрешна закана (организираниот криминал и корупцијата, насилниот екстремизам, дезинформациите за влијание на изборите и сл.), многу слично како што тоа своевремено се случи со тероризмот, започнаа да стануваат императив во пресметките за националната безбедност. Силата на системот да се спротистави на дел од методите со кои се еродира сликата за западната супериорност (на пример дезинформациите) во услови на коруптивност или лоша политика (страв од јавното мнение на политичките елити заглавени во либералниот инженеринг без прагматизам да се приспособат на промените што се случуваат) бледнее и со тоа системот станува парадоксален. Таа парадоксалност се зголемува уште повеќе со инертноста на западноевропските елити да се приспособат на парадоксите што им се случуваат растегнати помеѓу идејата за модернизмот и хуманизмот од една страна и демографската реалност од друга страна. Само како за илустрација, западноевропскиот комодитет и идејата за модернизам станаа директна заканa за капитализмот, кој требаше да го поддржи модернизмот. Токму таа идеја за модернизмот ја еродира репродукцијата, а со тоа и работната сила, која требаше да го храни капитализмот.

Дополнително, европскиот хуманизам, но, да не се лажеме, и потребата од евтина работна сила на окрупнетите и алчни капиталисти, каде што, не чувството за државност или хуманизам, туку профитот, влијаеја на носење политики за отворање на вратите за „свежа крв“, која требаше да го одржува капитализмот-генераторот на европскиот модернизам. Токму тука некаде се случува уште еден парадокс, каде што демографијата станува променлива која е контрадикторна на очекувањата и претпоставките. Наместо да бидат интегрирани, „дојденците“ станаа проблем. Речиси нема претставник од невладиниот сектор со кој сум разговарал, а кој барем во приватен разговор не истакнал загриженост за тоа дека ниту една програма за интеграција во Западна Европа буквално не функционира. Како резултат на тоа, гетоизирањето стана тренд, а тоа пак е сериозен проблем за демократијата, која моќта ја гради врз индивидуализмот – еден човек еден глас. Тоа, за жал, во гетата умира под пресата на колективизмот, каде што најстариот или најсилниот е секогаш во право или барем е старешина на групата. Оттука, гласот на старешината е глас на групата. Индивидуата се губи, а со тоа манипулацијата на гласот и моќта за одлучување. Ова, иако навидум небитно, е можеби најбитниот предизвик што има геостратегиска димензија, бидејќи битно влијае на политиките што ќе ги носат елитите. Токму овде се раѓа радикалниот екстремизам, кој е двонасочен (религиозен од гетата кон остатокот на комуната и десноориентиран против оние другите – дојденците од староседелците), основата за дезинформациите, но и жариштето на организираниот криминал, кој добива геостратегиски префикс, а со тоа и закана по националната безбедност.
Конечно, овие парадокси ќе бидат тест за Европа и поради различните интереси што ги продуцираат кај моторите на Унијата. За Франција европската одбрана е императив да го покрие економскиот колапс што ја тресе и преку кој сака да го компензира јавниот долг, што повеќе или помалку е резултат и на експедицискиот аранжман, кој на мала врата го има во Африка (според некои извори, Франција има воен ангажман на еден или на друг начин речиси во 40 земји од африканскиот континент).

Тоа, пак, досега, не ѝ се допаѓаше на Меркел, чија одбрана исто така има сериозни предизвици, особено со оперативната готовност на трупите. Во исто време, земјите од Југот, пак, (Италија, Шпанија Португалија, па и нашиот јужен сосед) имаат поинакви приоритети од оние на Вишеградската група, или пак од Балтикот и многу често идејата за европска безбедност умира од прашањето за идејата како тоа ќе го избалансирате со аранжманот во НАТО. Оттука, повикот на Борел се чини е на место и во вистински момент, од причина што основата да се воспостави геостратегиската независност кај ЕУ ја има. Но, како тоа ќе се испегла во политиките, амбициите, предизвиците и интересите останува да видиме. Дотогаш натпреварувачите што немаат проблем со унитарноста, без разлика како ја остваруваат, сериозно ѝ пркосат на Старата Дама, оставајќи ја ирелевантна и ранлива.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)