Очајна борба за името

(Десет години Македонски манифест)

За десетгодишниот јубилеј на Македонски манифест, драг читателу, не му се потребни фалби. Оваа колумна не ja пишувам за тоа, туку уште еднаш да ги споделам со тебе македонските јанѕи и болки. Почнавме тивко, некаде во јуни 2008, со промотивен концерт кај Камени мост во Скопје. Поезија, песни, ора, идентитетски знаци, кои алка за алка ја влечат на површина меморијата од длабоката дамнина, од она океанско Пра на нашето Име, како веда (во значење на откровенска молња, светлина и знаење), златна нишка, како некој вид духовна Via Egnatia што се спровира почнувајќи од првата глава Битие на Стариот, сè до краjните страници-брегови на Новиот завет. Во книгата, која не е само теолошки туку и најважен антрополошки и културно-цивилизациски документ на западната цивилизација, заверен со небесен и земен печат. Но таа цивилизација, за жал, само номинално, како маска го користи нејзиниот јудеохристијански код, сè уште неослободена од својата канибалистичка паганска нарав и патолошки, едиповски заглавена во грчкиот цивилизациски логос, приспособен на нејзините болни потреби од Германецот Дројзен, еден од најевидентните историски фалсификати на Европа. Исто како што е тоа и веќе смешната теорија за инвазијата на варварските Словени на овие простори, со трски преку Дунав, од темните заткарпатски мочуришта, за што до ден-денес не е пронајден ни еден единствен валиден археолошки артефакт итн. И како да се објасни сето тоа, ако не со некој добро осмислен план некој и нешто да се потоморат и целосно избришат од историската меморија на човештвото. Некој и нешто што некому не му одговараат религиски, идентитетски, цивилизациски и културолошки, па нивниот мемориски имот треба да се префрли како насилно одземена нива во катастарот на друг.

Можеби тоа, драг читателу, ти звучи како претерување, како фантазирање за некој таканаречен заговор на некои темни меѓународни сили во кои се вклучени и масони и илуминати, како и некои други демони слични на нив. Да. Но работите се открија и станаа посебно јасни на тој план по нивното посегање по нашето име, за истото тоа со целиот културно-цивилизациски имот да му се даде во сопственост на друг. Конкретно на Грција.

Уште пред десет години за одбрана од тоа варварство и беше формиран од една мала група интелектуалци (поим што јас нерадо го употребувам) Македонски манифест. Ние јасно ја препознавме заканата од Запад, диктирана со редица бескрупулозни уцени, да му се укине меморијата на едно „столчено племе“ (Б. Конески), толчено активно во поновата историја од големите европски сили, пред сѐ од Англија и Франција, и раздавано како канибалистичка нафора за дивјачка причест на нашите соседни балкански канибали. Најевидентен пример за тоа е Букурешкиот договор од 1913-та, со амин, имено, на Вавилонската ороспија, како што ја викаше Европа ингениозниот прилепски терзија и литерарен гениј Марко Цепенков. Таа што денес е должна да му се извини на човештвото за инквизицијата, двете светски војни што се производ на нејзиниот агресивен ариевски нарцизам, како и за многубројните геноциди на културација и идентитетска ликвидација што ги извршила во светот: кај Црнците во Африка, Абориџините во Австралија и Нов Зеланд, Индијанците во Северна и Јужна Америка итн. Тие погроми под перфидниот изговор за цивилизација и демократизација на домородното население ги имаат нотирано редица познати антрополози во своите дела. Некои од нив, како Французинот Луј Вансен Тома, во своето двотомно дело „Антропологија на смртта“, нив ги имаат микроскопски, акрибично и до детаљ опишано.

По прочитувањето на таа книга, која јас третпат ја прелистувам, може само косата на глава да ти се крене од злосторствата на самобендисаната западна цивилизација, која самата себеси се има прогласено за врвно културно-цивилизациско достигнување во светот. Таа и навистина има некои силни духовни и демократски моменти и личности со хуманистичка светлина во себе, но вкупноста на нејзините злосторства, и на свој терен и надвор, е толку многу сурова и многубројна што сериозно го поставува пред нас клучното прашање дали таа цивилизација не е повеќе под знакот на варварството, отколку под знакот на културата и хуманизмот. Книгата на Луј Вансен Тома со акрибичниот попис на нејзините варварства очигледно истата таа ја става под втората одредница, тешката сенка на нејзината психа, како што би рекол Јунг. А како за утеха, пак, на нашите некритични, априори евро и амеромитомани, Тома не е Македонец, ниту кој било друг Балканец, туку Французин, кој имал и храброст и морална доблест да ја скенира рендгенски западната нарцистичка цивилизација од нејзината темна и најтемна страна.

Тоа. Па и Македонски манифест, драг читателу, јасно ја препозна веднаш на почетокот темната страст на мефистофелска Европа да го погребе идентитетски македонскиот народ само со еден според нив безболен потег, со негово преименување. А, рековме, антрополозите добро ја елаборирале таа тема, имено дека секое преименување, дури и доброволно, а камоли насилничко, брутално варварско какво што е нашето не е ништо друго туку тектонски потрес во колективното битие на еден народ или племе: идентитетски геноцид/етноцид. Тука, за волја на вистината, морам да кажам дека Манифестот прв го употреби тој страшен термин по нашата судбина, дијагностирајќи ја на тој начин истовремено обновената темна европска страст и болест на нејзината душа, во која повторно интензивно се будат сенките на Третиот рајх. Македонски манифест не еднаш ги потсетуваше и западните амбасадори во Скопје дека тука станува збор за идентитетски геноцид врз Македонците, за нов европски холокауст по оној над Евреите во Хитлерова Германија, и дека Македонците се новите Евреи на либералкапиталистичка Европа. Оти, како што велат без исклучок и сите антрополози, идентитетската смрт над еден народ е најстрашната смрт што може да се замисли и да го снајде него. Таа за навек ги брише сите траги на неговата меморија, преведувајќи го него во безлична маса на живи мртовци.

Ете, тоа ни го замислиле нам, драг читателу, оние „екстрацивилизираните“ фашизоидни политбирократи од Брисел и Вашингтон. Тие, посебно од 1990 наваму, стапка по стапка, пршлен по пршлен ни го кршеа ’рбетот на идентитетот и нè внесоа за кремирање во идентитетска мртовечница, чие конкретно име сега е Преспански договор. А ние од Манифестот се боревме (и нема да застанеме) секој ден, секој час, секоја минута за да го отмеме Името од крвничкиот меч на ликвидаторите од Запад, кои за нашата гибел за таа цел ги употребуваа чеканите на Атина, Софија и Тирана за парчосување на темето на нашиот државен и идентитетски суверенитет. Но не им беше доволно тоа, па побараа поткрепа за својата темна намера, силна, и кај нашите квислинзи, почнувајќи од невладиниот Соросов сектор па натаму, сè до премиерот Заев и неговата влада, која го потпиша за Македонците смртоносниот Преспански договор. Потпиша за менување на Името, најскапоценото богатство на нашето колективно битие, нешто што не им е јасно на оние безлични суштества во парламентот, а, за жал, и на многу наши академици и универзитетски професори.

А да не ти е, пак, јасно тоа дека со преименувањето се брише идентитетот, како што тврдат тие, поткупливи фарисеи, драг читателу, тоа значи да си покрај морално и ментално дефектен. Целосно. Ништо друго. Тоа особено важи за премиерот Заев, министерот гибелен потписник, целата влада, како и за пратениците притискачи на за Македонците смртоносното копче во Собранието, најновиот експериментален политбордел на ЕУ-демократијата. А тамам рековме дека ќе се спасиме, бидејќи недостигаа осум пратеници до смртоносната бројка 80, потребна за идентитетска ликвидација. Да. Но Македонија, драг читателу, никогаш не оскудевала во предавници. И еве ги, се најдоа тие осумтемина смртоносци од опозицијата, која не еднаш досега го има извалкано светиот македонски акроним ВМРО. Тие осуммина ќе бидат запишани со најголеми, златни букви на Паметникот на срамот и предавството подигнат на македонската историска Голгота. Не им бега вечноста. Тие, „хероите“ на премиерот Заев (и самиот „херој“ како нив), кој ним им се обрати со каталептичка екстаза: „Вие испишувате историја, ќе ве слават како херои и патриоти“. Ова е една од најсрамните реченици во целокупната македонска историја, со која се понижуваат сите претходни xepoјски саможртви што се положени во темелот за слобода на Македонија на протек на столетијата, сè до AСHОM, кој сега со брзина на светлината се урива од новите „херои“ на Заев. Не знам што ќе речат за тоа Гоце, Сандански, Ченто, Питу…

И така, драг читателу, не ни сонувавме дека јубилејот десет години Македонски манифест ќе го дочекаме со таков очај и во таква болна шизофрена ситуација на целосен расцеп на македонското колективно битие. Ова е сега неподносливо и не знам дали е сè уште способен овој столчен народ да го издржи сето тоа, Боже. Народ во кого како во ниедно друго племе има толку многу Трпевци и Трпани, што е вистински антрополошки куриозитет. Ова е калваријa, цивилизациски садизам на вавилонската бриселска дама со оросписки морални квалитети. Дали може да издржи? Дали? Сепак, може ни Гоце ни Јане, ни Климент ни Наум не се мртви. Борбата продолжува. Таа отсега натаму, треба да знаат и Заев и Димитров, особено оние осуммина „херои“ од опозицијата што го овозможија идентитетското злосторство геноцидот/етноцид врз сопствениот народ, ќе трае можеби и цело столетие, па и повеќе, за да се поврати она што тие го направија за само неколку месеци. Како варварите, кои она што се градело со децении и векови го уриваат за нецела година. Така страдаат и паѓаат културите. Тоа е, впрочем, горчливата лекција на историјата. И нека запаметат оние што наумиле да нѐ пратат во идентитетската смрт дека нема помирување со нив. А Заев нуди некакво помирување. Срамно. Какво? И со кого? Со квислинзите или со родољубите? Нека знаат тие дека и гробовите на вистинските предавници и родољуби ќе се борат со нив, со гробовите на сеопштите ликвидатори, странски и домашни, на македонскиот идентитет. Ни таму нема мирно да спијат тие, пред да излезат да бидат судени на вагата на Господовиот суд. Оти не само ние од Македонски манифест туку целиот неодроден, како изродите, македонски народ ни за педа нема да се помести и секогаш ќе стои во своето средиште што ги спојува исконот и иднината во неговото големо Сега. Оттука до вечноста. И потаму од неа.