Офицер или џентлмен

Кога размислувам на „сврзникот“ што го изгубивме во долгата транзиција, помислувам и на некои парови (и пароли) што се изгубија неповратно во времето зад нас сосе сврзниците, како „братство и единство“ или „Станлио и Олио“. Со нив можеби заминаа некои илузии, но бездруго и она чувство на безбедност (со првите) и чувство на хумор (со вторите).
Други парови го изгубија или го губат само вториот дел, како „војна и мир“ или „каубојци и Индијанци“, па добиваат смисла кога преостанатите делови ќе се поврзат во пар што сѐ уште победува во светот – „каубојци и војна“ или пар што и понатаму губи – „Индијанци и мир“.

Еден од паровите што издржа долго време заедно беше „офицер и џентлмен“. Не знам како е денес да се биде едното и другото одделно или едновремено, но во „она“ време, велат, можело (и морало) да се биде и двете – и офицер и џентлмен.
Или обратно. Редоследот веројатно е важен, но сврзникот е неприкосновен. Легура на големи одговорности и убави манири, на ригидна војничка дисциплина и галантна умешност да се говори и слуша.
Офицер (оној почетен чин) во школата за резервни офицери се станува(ше) релативно брзо. Обуката за џентлмен трае доживотно. Никогаш доволно, ниту премногу од чест, карактер и пристојност. Постојано на надворешен тест, секогаш на внатрешна стража. Расчинувањето доаѓа брзо, со еден погрешен чекор или збор. Не е бројот на ѕвезди што ќе ве одбрани, но она под клучната коска и рамото што ги носи еполетите, со ѕвезди или без нив. Можеби и некаква ѕвезда на челото, највидлива откако ќе згасне. Уште и некакво чувство за срам, не нужно свое, а почувствувано врз себе, како сопствен дел.
Членството во едно такво друштво се чини како привилегија што обврзува. Можеби она што обврзува е единствената привилегија, особено во време кога и зградите се именуваа според своите станари – офицерски.

Некаде во тоа време (во почетокот на о1980-тите) на Запад излегува онаа стара класика „Офицер и џентлмен“. Херојот не е ниту едно од двете на почетокот на филмот, но станува обете на крајот. „Њујорк тајмс“ го нагласува контекстот каде што ликовите се спознаваат себеси и она за кое тие се залагаат (но и она за кое не се залагаат), пред романтичната приказна. Контекстот е важен, како и кога ликовите стануваат карактери. Тешката обука полесно го „бруси“ добриот карактер.
Мојата генерација помина многу полесно. Би додал, дотолку полошо за добриот карактер. Веројатно затоа, сега (ѝ) е многу потешко. Можеби затоа во Македонија, романтичната приказна за ЕУ и НАТО е пред контекстот внатре во земјата (но и околу неа) и, како во секоја романтична приказна, се нагласува сврзникот таму каде што и не постои или е во исчезнување, сосе добар дел од приказната. Како во „ЕУ и НАТО“. Или обратно.

За Македонија, засега е извесен само „денот Д“ за влезот во НАТО. „Денот Д“ го означува истоварувањето на сојузниците на плажите во Нормандија (во битката што ќе ги го означи почетокот на крајот на Втората светска војна, на Западниот фронт), но овде го користам поради симболиката на утоварот на војниците како топовско месо.
На бродот на НАТО нема да се качиме – таму сме веќе натоварени. Не мора да сме на палубата, за да видиме како нè истовараат од некои нови бродови и во нови двојазични униформи како топовско месо на некои плажи далеку одовде, кои немаат врска со одбраната и безбедноста на татковината, а под изговор на последните.
Додека сојузниците и некогашните воени непријатели, во улога на нови сојузници, ги слават годишнините од „Денот Д“ во духот на помирување, крвавите плажи овој пат се далеку од Европа и САД. До европските плажи стигнуваат (живи или мртви) само бегалците од земјите „демократизирани“ од „најдемократските“ земји во светот.
Во име на „досега најдобрата алијанса“ и нејзината „демократија“, во Лондон неодамна беше одбележана и прославата од 70-годишното постоење на НАТО и речиси се совпадна со роденденот на Ноам Чомски (7 декември) – еден од водечките и гласни критичари на НАТО како глобална сила за интервенции предводени од САД.
Во коментар за улогата на НАТО по Студената војна, Чомски ќе рече дека „НАТО е формирано да ја заштити, теоретски, Западна Европа од руските орди. Ги нема руските орди, но што се случува со НАТО? Дали се растура? Не, се проширува кон Исток, до руските граници…“ Горбачов направи сериозна грешка: доби само усно ветување (за непроширувањето на НАТО кон Исток, или буквално „ниту еден инч“). Мислеше дека е џентлменски договор. Не се прават џентлменски договори со диви, насилни сили…“.

Се чини соодветно да се потсетиме и на текстот од Чомски од мај 1999, по повод војната на Балканот, објавен во списанието „Ле монд дипломатик“, каде што (парафразирам), на средбата на 50-годишен јубилеј на НАТО во Вашингтон, членките го ратификуваат новиот стратегиски концепт предложен од САД, кој му овозможува на НАТО да ја надмине одбранбената улога и да интервенира воено, без мандат од Обединетите нации, против суверена држава. Војната на Балканот, водена без одобрение на Советот за безбедност, во име на хуманитарната интервенција и новиот стратегиски концепт, ја обележи пресвртната точка во глобалниот поредок. Првпат од 1945 година, вели Чомски, победниците од Втората светска војна (без Русија) го игнорираа единствениот извор на меѓународното право, ООН – без да го заменат. Ова им овозможува на Кина, Индија или Русија, на пример, да предводат слични интервенции во своите сфери на влијание и да го зголемат ризикот од конфликти во целиот свет…

НАТО го преживеа својот 70-ти јубилеј, додека Чомски го прослави својот 91 роденден. Се надевам Чомски ќе надживее, иако ретко пророците ги доживуваат своите пророштва. Самиот ќе напише дека „поголем дел од Библијата им е посветен на луѓето што ги осудија злоделата на државата и неморалните дејства. Тие се нарекуваат ’пророци’, сомнителен збор на еден опскурен збор. Според современите термини, тие се ’дисидентски интелектуалци’“.
Не знам како е денес да се биде и офицер и џентлмен, но „утре“ ќе биде уште потешко. Можеби оној што бил и офицер и џентлмен ќе треба да избере помеѓу двете: офицер или џентлмен? Џентлменот и во костим за капење повторно е џентлмен, но во униформа на агресор на нечии плажи може да биде само офицер. Без многу причини за гордеење. Без оглед на јазикот на неговата униформа, ќе го разбере веројатно само јазикот на бедноста. Можеби дисидентите неизбежно се третираат бедно, но таа бедност е само потврда на нивната вредност.
Овој 7 декември е потсетник и на денот кога (пред 26 години) светот го напушти „пророкот“ на „лажните пророци“ – Блаже Конески. Со пасус од неговата истоимена песна ја завршувам и оваа колумна: „Ќе дојде време на лажни пророци што божем во мое име ќе ве збираат по плоштадите, ќе креваат врева до небеси, ќе се бувтаат во градите. Немојте да им верувате! Тие мислат само на себеси. Што дека прогласуваат дека ве спасуваат!… Не да им станете робови!“.