Отплеткување на изборниот јазол

Настани, симболи, алузии

Гордиевиот јазол, израз вкоренет во светската историја, лингвистика и психологија, може да биде мошне прикладен за да се опише сложеноста на сегашните политички состојби во Македонија. Иако е со старост над 2.300 години, поточно од времето на Александар Македонски, низ него може да се согледа актуелната предизборна заплетканост предизвикана како од појавата и ширењето на коронавирусот, така и од меѓупартиските несогласувања. Разните комбинаторики околу датумот и (не)учеството обелоденети во јавноста повеќе имаат вкус на неразумен натпревар одошто на нужна одговорност, одлика на сериозни политички субјекти.

Движејќи се низ темните ходници на уставните нејаснотии и спротивставени интерпретации, низ прогласувањето вонредни состојби и нивното укинување, преку распуштеното собрание во најнепогоден момент, стравувајќи од последиците на опасната болест ковид-19 и од навестените економски катастрофични прогнози, владејачката елита се најде во еден од најтешките, најделикатните периоди од поновата историја на младата држава. Ваква грозна заканувачка комбинација на отежнати здравствено-политички услови не била забележана во македонската национална историја.

Во такви услови товарот падна врз техничката влада, еден колку сложен, во заднина толку разединет, комплициран политички состав, не само технички туку и содржински, со различни идеологии, интереси и барања. Минатите месеци покажаа дека и покрај сиот вложен напор за ублажување на состојбите, секој нејзин предлог, секое решение, секоја постапка сама по себе содржеше и за и против, колку што се поддржуваше од јавноста, толку се оспоруваше, колку што се поздравува, толку се критикува, не само од опозицијата. Вклучувајќи ја и самата влада, која не ја крие неслогата, за што убаво говорат низата деманти што доаѓаат од меѓусебните партнери. Тоа е она што се знае. Она што се случувало зад затворени врати, кога тогаш ќе се дознае.
Што останува да прави владејачката партија, исправена пред дилемата како да го реши тој предизборен јазол кога пред себе има резултати, а зад себе опозиција што ѝ дише во вратот, кога секое решение може да биде во корист на сопствената штета? Кој политички метод ќе го одбере, која ефикасна вакцина ќе ја употреби за да може, колку-толку, да заздрави државата.

Јасно е дека прашањето за изборите е комплицирано како никогаш досега. И никому не му лесно, ниту на организаторите, ниту на партиите, ниту на гласачите. Но долгоодржуваната заплетканост, техничка, здравствена и политичка, не може да се влече во недоглед. Не може тоа замрсено клопче да остане неодмрсено. Во тој случај корист можеби ќе има некоја од партиите, но штета ќе има државата, нејзините осиромашени, уплашени, потресени граѓани. Но, од друга страна, своевидни опасности може да нанесат и напорите за експресно одржување, особено ако се одржат без опозиција, што речиси и не е можно поради пржинските договори и преземените обврски од нив. Изборите без опозиција на победничката партија несомнено ќе му донесат привремен профит. Но долгорочно ќе влегува од проблем во проблем, од загуба во загуба. Ќе се пеат рефрените за нефер избори, ќе се држат митинзи за местенки, за фалсификати, за режим и ајде да не набројуваме погрдни зборови што убаво се лепат за секоја власт.

Да се согласиме со мислењето дека Социјалдемократскиот сојуз е во извесна предност и по изборите ќе формира влада. Не е непознато преовладувачкото мислење дека и да не освои повеќе гласови од опозицијата, СДСМ во финалето ќе победи, бидејќи ќе биде во поповолна позиција да создаде мнозинство во Собранието, како во договор со коалициските партнери, така и со поддршка на меѓународниот фактор. Најверојатно држи вода објаснувањето дека Зоран Заев таа подршка не само што ја очекува туку ја има добиено однапред, зашто од нив и пред нив има обврски што ги почнал, а не ги довршил. Во таа смисла има адути, плус и искуство како да ги најде креативните решенија. Изгорен на млекото, дува и на матеницата. Иако моментално формално е само претседател на една партија, низ него се преплетуваат сите други водечки функции во државава. Според она што се гледа, може да се заклучи дека кај него се сите алатки, во раце ги држи стапот и морковот. Не потценувајќи ја моќта на ВМРО-ДПМНЕ и упорноста на нејзиниот лидер, на Заев останува најголемиот товар како ќе го реши Гордиевиот предизборен јазол.

Во симболиката јазолот ја исфрла на површина напнатата состојба, нејзината комплицираност и замрсеност, тој е слика на нејасната ситуација, на заплетканоста во туѓа или во сопствената мрежа. Меѓу сите јазли на светот, најпознат е Гордиевиот јазол. Поради тоа што го пресече Александар Трети Македонски (Велики), (Александрос Мегалос) Гордиевиот јазол стана општоприфатена светска метафора за тешко решлив проблем. Метафора за брзо и решително дејствување во тешка и сложена ситуација, за дрско и смело постапување кога е нешто премногу заплеткано, презамрсено.

Речиси нема човек кому не му е позната легендата, древното предание, за фригискиот град Гордион (во Анадолија, денешна Турција), каде што тамошниот цар ги заврзал рудата и јаремот од една воловска кола со толку заплеткан јазол што никој не можел да го отплетка. Се обидувале многумина, но никому не му успевало да ја реши таа загатка, која се сметала за најголема и најмистериозна во светот, а поставена од човечка рака. Што е најважно: пророштвото велело дека оној што ќе успее да го расплете јазолот, тој ќе биде господар не само на Азија туку на целиот свет. Ако е за верување на легендата, цели четиристотини години тоа не му успеало никому, иако митот бил раширен надалеку.

По четири века од пророштвото, во Гордион заседнал со војската Александар, чекајќи да помине зимата и да го продолжи воениот поход кон земјите на изгревот на Сонцето. Додека бил таму, неколкупати се обидувал да го разврзе јазолот, но и покрај сиот ум и сила што ги имал, не успевал. На крајот, кога го изгубил трпението, крајно нервозен и лут, едноставно го извлекол мечот и само со еден удар го пресекол. Постапил по кратка постапка, што би се рекло. Според легендата, притоа изговорил уште една мала но славна реченица. Рекол: „Не е важен начинот“. Не треба објаснување дека тоа подразбира оти не е важен начинот туку резултатот.

По тој настан се остварил само дел од пророштвото. Александар станал господар на Азија, но не и на светот. Зошто? Затоа што, наводно, пророштвото кажувало дека оној што ќе го расплете, а не пресече јазолот, само тој ќе владее со светот. Го пресекол јазолот, но загатката не ја решил. Сепак, покрај сета слава, решението му било половично.

Токму за тоа, за (на)чинот на пресекувањето на јазолот, има голем број толкувања, низ историјата се расправало многу, изнесени се различни мислења, се одвиваат живи полемики. Клучната точка каде што се гледаат разликите во гледањата е следна: ако потегот со мечот на Александар ја симболизира човековата генијална мисла, тогаш јазолот е решен, но ако се набљудува како насилен чин, не е вистинскиот начин да се решава проблемот. Физички победил, но психолошки, целосна победа не остварил.
Историјата, таа учителка на животот, преку примерот на фамозниот Гордиев јазол научила многу владетели во светот како да ги решаваат нерешливите проблеми. Некои сметаат дека секавичниот удар со мечот е само погрешно решение, постигнато со сила. Тврдат дека логиката на Александар Македонски би била нелогична во денешно време, дека примената на тој начин би била лошо научена лекција. Според нив, пораката од легендата денеска би била: тежок општествен проблем се решава со мудрост, не со сила. Сепак, сѐ е прашање на логика, на соодветна процена, на време и на околности. И на карактерот на личноста, на оној што сече или расплетува, во секој случај.

[email protected]