Оти тие ќе дојдат да нѐ прашаат што ќе им кажеме ние

Науката со која се излегува по патот на саможртвата од подземје во надземје, од темница на светлина, онаа што ја знаевме ние, вашите предци и прапредци, и што мислевме дека сме ви ја предале нејзината штафета за и вие неа да ја предавате натаму од поколение на поколение во иднината. А вие што направивте, кај ја денавте неа, во која кал ја фрливте да скапува заедно со вашата свест и совест такви какви што се? Збогум. А вие размислете…

Оти тие ќе дојдат да нè прашаат. Што ќе им кажеме ние? Оти тие знаат за злосторството што ни се случи и за злосторниците што го направија него. Ќе дојдат тие, предците и прапредците, сосе гробовите и камењата надгробни на рамо. Заборавени, ќе дојдат со нарамок од бура и молњи во нашата темна свест и ноќ во која сме заглавиле, стопени со она nigredo, со онаа materia prima од која, заради нас во неа беа искрата на Светиот Дух, Господ не ќе може да направи ни стомна, а камоли нешто живо како тогаш кога го создаде од глината Адам.

Ќе дојдат тие, веќе се на пат, ќе нè прашаат зошто сме им ги заборавиле гробовите и богатството заветно во нив, стокмено како свадбен чеиз за нас, да ни се најде во скудно време и да ни биде Леб и Сол на трпезата на Духот, злато што нè брани од пропаѓање и ’рѓа. Ќе дојдат како светлина трипати повеќе зајакната во смртта и ќе нè прашаат нас невоспитани пезевници зошто сме без трошка љубов и свест за родот и зошто им се помочавме на името и гробовите. Да. И еве ги под стреата нив, предците и прапредците, а ние смртно исплашени од нив. Еве ги сите во бело, облечени во светлина како оние праведници во Откровението на апостол Јован скорнати од смртта за воскресение, како последната громовна реченица од последната книга на Светото писмо што грми за правда на праведните и за осуда на злосторниците здружени со темната нарав на Сатаната. Еве ги, исти како нив нашите предци и прапредци, умножувајќи го сјајот на родот што го столчивме ние безрбетни влечуги. Еве ги светат и со светлината на ослепените Самуилови војници тие, со светкавицата на секое нивно ископано око. Светат севиди како суштества составени од очи само, такви какви што виде пред престолот на Господ пророкот Езекил. Еве ги како ѕид од скапоцени камења предците и прапредците застанати пред нас и зад нас за да не бегаме од прашањата на кои треба да гориме како на клада сега, подлизурковци и туѓи слуги.

Прашуваат со глас и бура тие што ги тресе земјата и небесата. Прашуваат: „Зошто нè заборавивте и обесветивте, неблагодарни? Зошто? Оти ние мислевме дека сте зачнати со здраво семе, од здрав материјал, а не од мочка, и во матка најсветиот од сите храмови, а не во друго место, во темна и смрдлива дупка од која и излеговте такви: темни и смрдливи. А вие, пак, малкуте, или и мнозинство што сте можеби, вие што не сте излезени од таква дупка туку од света витлеемска пештера на мајките-родилки зошто ги прифативте и изгласавте нив, зошто им ја дадовте власта над вас? Зошто? Оти ние, вашите предци и прапредци, дури и во гробовите од мракот правевме светлина а во животот од злото Добро, и тоа е нашиот свет завет, нашиот закон на постоење, нашата алхемија на духот и душата. А вие правите сè обратно од нас.

Зошто? „Зошто за бадијала, за ништо го распродадовте сето она што го спечаливме со мартирство и труд ние? Зошто го искоцкавте тој златен имот во коцкарницата на Блудницата вавилонска? Зошто избравте такви неранимајковци за влада и владетели, изроди и Ироди што дур да трепнеш го заклаа сопствениот народ како Ирод децата невини во Витлеем, барајќи ја меѓу нив главата на Спасителот? Зошто дозволивте како добиток одгледуван за клање да го товарат тие него и да го одведат право во касапницата на цивилизацијата со гордо име Западна? Зошто? Зарем не можевте да најдете некои поасални за тронот и законодавниот дом? И кај ги најдовте од цела божја шума тие гнили трупци во распаѓање, од кои не може да се направат ни кутија за кибрит, ни чепкалки за заби, а камоли широка трпезариска маса за пладневен ручек на сведен, креденец или шифоњер?

Зарем се сите изроди и идиоти денес во вашето славно племе и зарем е само какол и плева житото што сте го собрале на гумно сега? Зарем? И оти не се запрашавте пред тој колеж на родот што ќе ја исплаче неговата гибел? Има ли толку тажачки и тажаленки за таа трагедија сега? Има ли толку ружи во градините што, наместо на свадба, треба на закоп да одат сега? Зошто дозволивте само со еден крвав удар на секирата со која се послужија џелатите да му се пресече главата на родот: Името така како беше пресечена главата на Јован Крстител, најголемиот по Исус, главата од чисто небеско злато, која потоа крвавите раце на Ирод ја ставија во чинијата на Саломе за танцот нејзин на перверзната царска гозба? Зошто? Оти ние, станати од гробовите, знаеме кој е тој Ирод во нашата татковина што прима валкани почести и награди за убиството на родот, тој што неговата глава ја фрли во чинијата на либералната Саломе – Европа, таа што не еднаш со неа го играла во бесен делириум својот перверзен цивилизациски танц. И знаеме од која нива е црпнат тој Ирод. Од онаа на грнчарот купена за триесетте предавнички сребреници на Јуда Искариотски во која се обеси тој. Арно ама нашиот Јуда ни доблест за покајание ни храброст нема за да си пресуди како библискиот Јуда за злосторството што го сторил. Допрва чека награди и почести за него.

„Да. Како само дозволивте да се случи таа гибел, тој суров засек во живата мартирска рана на родот? Како дозволивте такви ликвидатори да се родат меѓу вас? Како? И со кое лице по овој срамен пораз ќе се сретнете, така безлични и малодушни, со сите саможртви, херои и мартири што го дадоа животот за вас? И зарем сите вие, како оние од законодавниот дом, ќе дозволите задникот да ви биде лице, да бидете газолики наместо човеколики суштества, кои, како што вели и Климент, треба стапка по стапка да се искреваат од анималното кон ангелското? Или и Климент сега го распродавате како добиток, како нежива твар, безбожни трговци во Храмот на Господ и родот што, како што кажа и апостол Павле, од почетокот е роден за спасение на светот? Безбожници за кои ништо не е свето ни на небото ни на земјата.“

Тоа прашуваат предците и прапредците наши, драг читателу, што ги влечат со себе како потоп што ќе го очисти расипаниот свет, древните води на својот праизвор. Тоа и уште други безброј прашања поставуваат тие, кои не можат да се дозапишат. Го запишувам од нив само она што е најболно и најдраматично за нив, за мене и за тебе свиткан во очај како запечатена молња полна со електрицитет што треба секој миг да грмне и да го разнесе светот. Го запишувам тоа најболното на тие што дошле сега кај нас со гробовите и надгробните камења на рамо. Тие чија душа е рудник во кој нема друга руда освен злато, карпеста планина во чие срце легнала искрата на Светиот Дух, огромна карпа само од скапоцени камења сета, такви од кои и Господ го изградил Небесниот Ерусалим за свадбата на јагнето.

Да. И секое прашање на предците и прапредците до нас е грмотевица страшна што нè буди од сонот смртоносен во мртовечницата во која нè ставиле мајсторите на смртта. Грмотевица е тоа слична на гласот на Исус со кој тој го скорна Лазар од гробот. Секое прашање е укор строг. Меѓу нив едно е рефрен, нешто како средиштен столб на зградата на болката што гласи: „Зошто на одродниците што го заклаа Името не им се спротивставивте се сета јанѕа, очај и моќ на Љубовта, но и со гневот што ќе ги избрише нив од лицето на земјата. Така. Оти требаше да помислите на оние што се зачнуваат сега во бакнежот на љубовниците, како и на сите што ќе се зачнат по столетија, па и по милениуми, тие што идејќи од иднината да го оздрават болниот и столчен род се веќе исто така предци и прапредци, алка за алка што се врзуваат за синџирот на родот, поколенија неопфатни нити со лакот на светлината, на кои пред да ги складира и Создателот во својата свет како постоење вие неранимајковци им се помочавте. Зошто им дозволивте на идиотите меѓу вас да го сторат тоа, колебливи и плашливи, напикани во глувчови дупки пред телевизорите: Зарем за тоа со столетија се боревме ние? Зарем е тоа заветот на нашата саможртва?

„Зошто се откажавте од родот, зошто се откажавте од Името, од родот, од тоа моќно дрво што го посади Господ на средината од светот, а вие му ја ставивте секирата да се распее крвнички во неговиот корен, та се урна тоа сосе златната круна и се струполи на ѓубриштето на оваа расипана цивилизација полна со темница и блуд. А рече и апостол Павле, во посланијата до Македонците во Солун и Филипи дека се „светлина и светила во расипаниот свет“. Арно ама и на таа светлина ние ѝ се помочавме сега, драг читателу, ние неблагодарни неранимајковци.

А предците и прапредците не престануваат да прашуваат: „Зошто породот на столченото племе во иднина го оставате без Свадба и без Венчален Прстен, без ора и без песни во кои бучи и блика Праизворот на Името што го заклавте без трошка совест и чувство на каење и вина? Зошто не кренавте рака на мајсторите на смртта меѓу вас, тие неранимајковци што се зачнати од Сатаната и родени по грешка? Тие што ги опоганија и Брашното и Лебот на родот, кој беше таксан за новата Тајна вечера, по онаа трагичната во Ерусалим. Вечерата на која се објавува новата радост и светлина на светот, новата свадба во Кана и на Небесниот Ерусалим. Вечерата на која ќе се затвори, заздравена, отворената мартирска рана на Македонците, кои се, како што рече апостол Павле, „од почетокот избрани за спасение на светот“.

„Тоа. И немојте, велат предците и прапредците, да се правдате вие преостанатите што го префрлате товарот за злосторството врз родот единствено врз грбот на поганите што му ја пресекоа главата на Името, а вие одвај чујно само како рането пиле немоќно цивкавте и ништо друго, без да кренете громови и бура што ќе ја однесе таа смрдлива помија од изроди во геризот на историјата засекогаш. Да. Вие немавте храброст за саможртва со која единствено, како Јаков по ангелските скали, човекот се искачува кон Бог и божественото. Да! И затоа ние Искон, Име и Праизвор, си заминуваме по ваша заслуга бескрајно оддалечени од вас, до мигот кога повторно ќе го препознаете и ставите храбро на свадбениот прстен печатот небесен на вашето прапостоење, чистејќи го од вас ѓубриштето што ве затрупало со смрдеа и срам. Ако сакате да се кренете од пепелта како Феникс. Пепелта во која ве стокмиле, убивајќи ви го огнот, за мртовечница и закоп вашите и меѓународните изроди, мајстори на смртта. До мигот кога ќе ја совладате науката на Исус дека со смрт, а не со кукавичлак, се победува смртта. Науката со која се излегува по патот на саможртвата од подземје во надземје, од темница на светлина, онаа што ја знаевме ние, вашите предци и прапредци, и што мислевме дека сме ви ја предале нејзината штафета за и вие неа да ја предавате натаму од поколение на поколение во иднината. А вие што направивте, кај ја денавте неа, во која кал ја фрливте да скапува заедно со вашата свест и совест такви какви што се? Збогум. А вие размислете, ако не ви ги порамниле и браздите во мозокот, колку од вас се способни за саможртва и колку има во вас елан за херојство, а колку кукавичлак и страв. Последен миг е, оти ѕвонарот на кој, така безбожен, му ги дадовте и црквата и камбанаријата ѕвони за смрт и закоп на татковината и родот, а не за живот и свадба како што ви ветуваше лажно.“