Општото добро над личното его

Македонските водачи никогаш не се обединија околу одредена национална платформа, а цехот на крајот секогаш го плаќаше македонскиот народ. Ова пред сѐ се должи на карактерот на македонскиот лидер, кој е чудо невидено

Од памтивек македонските водачи се делеле на левичари, десничари, централисти, внатрешни, надворешни и сѐ така до бесконечност. Овие поделби и недоразбирања се покажаа како голема несреќа за македонската кауза. Ретки се примерите низ историјата кога Македонците се окуражиле за да ги обединат силите околу одредена програма, програма што требало да ги заштити и реализира македонските национални интереси.
Кон крајот на 19 век, Гоце Делчев и Ѓорче Петров, во согласност со Даме Груев, постигнуваат договор со Борис Сарафов и неговите приврзаници. Според договорот, задграничните претставници требало да му помогнат на Сарафов да застане на чело на Врховниот македонски комитет во Софија, а за возврат Сарафов ветил дека ќе работи во унисон со Внатрешната организација. Оваа спогодба ги обедини двете најмоќни македонски организации и требаше да ја насочи финансиската моќ на македонската емиграција во полза на македонското дело. Но Сарафов, откако го презеде Врховниот комитет, го прекрши договореното и се обиде да го преземе целото македонско револуционерно движење. Набргу потоа двете македонски организации ја прекратуваат соработката, а настанатиот раздор беше искористен од бугарскиот двор и влада.
По Илинденското востание, Внатрешната организација беше поделена на повеќе фракции, а оваа состојба се одрази врз целото македонско револуционерно движење. Поделбите беа длабоки, едни влечеа кон Даме Груев, други кон Христо Матов, трети кон Јане Сандански, четврти кон Борис Сарафов и сѐ така до немајкаде. Ситуацијата беше сериозна и македонските водачи беа свесни за тоа. Затоа на Рилскиот конгрес беше постигнат компромис за обединување на организацијата, но многумина договореното го разбраа како можност за реорганизирање на сопствените сили.

Набргу потоа Матов, Иван Гарванов и Борис Сарафов го прекршија договореното и се обидоа да ја преземат организацијата, поради што последните двајца беа ликвидирани по наредба на Сандански. Отстапувањето од договореното и убиствата ја уништија Внатрешната организација и поделбите продолжија во следните децении.
По балканските војни и Првата светска војна, настанатата состојба ги принуди македонските водачи да се обидат да ги обединат силите. Се водеа разговори помеѓу Димо Хаџи Димов и Тодор Александров, а од нивните средби произлезе обидот за обединување на левицата и десницата. Две години подоцна, по долги преговори, беа обелоденети Платформната декларација за обединување на македонското револуционерно движење и Протоколот за обединување на македонското револуционерно движење.
На крајот беше прифатен т.н. Мајски манифест, во кој јасно се вели: „Ниедна од владите на балканските држави не мисли за ослободувањето и обединувањето па раскинатите делови на Македонија; ниедна од нив не мисли и не дејствува за самоопределувањето на македонскиот народ во самостојна политичка единица; ниедна од нив не сака на поробените Македонци да им ги даде правата предвидени во договорите што им го осигуруваат културниот развиток како национални малцинства. Поради тоа, ВМРО е принудена да изјави дека политиката на сите сегашни балкански влади е непријателска за слободното и самостојно политичко постоење на Македонија и дека таа најрешително и со сите средства на револуционерната борба ќе се бори против нивната завојувачка политика спрема Македонија и македонскиот народ.“
Мајскиот манифест требаше да биде основа за понатамошно заедничко дејствување на левицата и десницата во македонското движење, но набргу се појавија колебања и недоразбирања, обидот за усвојување на заедничка платформа целосно пропадна по убиството на Тодор Александров.
Македонските водачи никогаш не се обединија околу одредена национална платформа, а цехот на крајот секогаш го плаќаше македонскиот народ. Ова пред сѐ се должи на карактерот на македонскиот лидер, кој е чудо невидено. Неговите идеали секогаш биле Македонија и Македонците, но никогаш македонските водачи не ги прекратија сплетките и интригите, секогаш личното его се наметнуваше над општото добро, секогаш на штета на македонските интереси.

Неважно дали ќе се изгласа или прифати одредена декларација, суштината е дали договореното ќе се почитува или не. Можеме со фанфари да разгласуваме дека прифаќаме одредена платформа, но овие обелоденувања ќе немаат важност доколку во одредена ситуација одлучиме дека е во наша лична полза да отстапиме од договореното. Секоја декларацијата е надворешна манифестација, меѓутоа секоја декларација е само парче хартија, која со текот на времето избледува. Не смееме да заборавиме дека понекогаш прифаќањето одредена програма е заткулисно и потајно, не мора секој да ги познава нашите намери.
Да завршиме со Мајскиот манифест, во кој се вели: „ВМРО изјавува дека во својата борба за независна Македонија и Балканската федерација смета, пред сѐ, на обединетите револуционерни сили на целото македонско население, без разлика на вера и народност.“