Општество „зошто“ и општество „како“

Изгубениот човек не знае зошто прави нешто, ама одлично знае како се прави тоа. Затоа е ПРАЗЕН човек, човек без љубов („зошто“ секогаш подразбира љубов, а „како“ – техника). Логиката налага „зошто“ да му претходи на „како“, ама денес сè помалку е така

Еве две прашални зборчиња – „зошто“ и „како“, кои се слушаат на секој чекор. Делнични зборчиња се, можеби најупотребуваните, секој ден. Нема ден да не ги употребите десетина пати. Што кријат како животна филозофија зад себе?
Некои духовито тврдат дека „зошто“ е женско прашање, а „како“ – машко. Тој традиционален родов став што ги лути феминистките сепак има во себе нешто вистинито: жената ја интересира зошто мажот заглавил со друштвото претходната ноќ, а мажот другиот ден воопшто не се прашува зошто, туку како и каде ги потрошил парите и како побрзо да излезе од мамурлакот и да се врати во работен ритам. Во таа смисла, „зошто“ е теорија, а „како“ – практика. Првото е гносеологија, второто прагматика. „Зошто“ го интересираат причините, а „како“ последиците. Во таа смисла, и да е точно дека „зошто“ е женско а „како“ машко, „зошто“ е длабоко, а „како“ – плитко и површно. Кај некои професии тие две се вкрстуваат, но најчесто зошто е поважно од како: на пример, кај лекарите. Ако гледаат само КАКО да ги отстранат симптомите (спуштање температура), а не се запрашаат „ЗОШТО?“ (причините за температурата), тешко на нивните пациенти. Спротивно, еден пилот во неволја, не го интересира ЗОШТО едниот мотор му откажал, туку само КАКО да изведе принудно слетување. „Зошто“ е дијагноза, „како“ е терапија. Луѓето, а особено новинарите, порано беа преокупирани со „зошто“; денес, за жал, многу повеќе ги интересира „како“. Затоа сите знаат како се излегува од економска, воена, политичка и глобална криза, а никој не се прашува зошто воопшто дошло до неа.

Но „зошто“ и „како“ сè помалку се прашални зборови, а сè повеќе – начини на живеење, modus vivendi. И бидејќи „зошто“ е филозофија (и како секоја филозофија бара употреба на умот), а „како“ е гола прагма, па подразбира „снајди се“, сè повеќе луѓе се свртуваат кон „како“. Естрадните ѕвезди од српските таблоиди, на пример, во стил на најголем уличен невкус изјавуваат дека сè повеќе ги интересира како некому да му родат дете и како да станат нечија сопруга, одошто зошто некому би му родиле дете и зошто би биле воопшто со некого во врска. Тоа само значи дека „како“ не е веќе исклучиво „машко“ прашање на Балканот. Мажите, кои порано барем знаеја да се запрашаат „Зошто некоја не ме сака?“, па установувајќи некои телесни аномалии, одеа во вежбалница за да ги подобрат мускулите, сега ги интересира само како со протеини и стероиди полесно се доаѓа до мускулатура. Ретко кој од нив знае да ви објасни зошто користи стероиди и зошто со часови ужасно напорно вежба во гимнастичката сала; важно е само како до целта. Но тоа е ужасно – да се движиш кон некоја цел, да знаеш како до неа, а да не знаеш зошто – тоа е идеална дефиниција за ИЗГУБЕНИОТ ЧОВЕК. Ками пишуваше за побунетиот човек, Музил за човекот без својства, а сè повеќе филозофи во ова постпоствреме пишуваат и ќе пишуваат за изгубениот човек.

Изгубениот човек не знае зошто прави нешто, ама одлично знае како се прави тоа. Затоа е ПРАЗЕН човек, човек без љубов („зошто“ секогаш подразбира љубов, а „како“ – техника). Логиката налага „зошто“ да му претходи на „како“, ама денес сè помалку е така. На пример, некој што е министер, морал, пред да стане тоа што е, да се праша „како се станува министер“. Но природно е пред тоа „како“ да постоело „зошто“: „Зошто би сакал да бидам министер, а не на пример учител, новинар или шминкер во театар?“. „Зошто“ е мотив и копнеж, а „како“ е процедура и протокол. Луѓето денес многу повеќе се придржуваат до процедурата одошто до љубовта; процедурата им дава (лажно) чувство на сигурност (има дури и ПРОЦЕДУРАЛНИ бракови). Затоа, оној што го отфрлил „зошто“ станува човек без мотив, а кога човек останува без мотив, тој станува инструмент и со него може да се манипулира како со наједноставна машина.

Многу често, особено кај емотивно плитките луѓе, „како“ ја исклучува и моралната димензија. Замислете дека еден врвен професионалец, полицаец-специјалец, добива наредба да фрли солзавец врз толпа жени со деца: тој знае како се растура толпа, ама ако не се праша „зошто“, нема ни да ја одбие наредбата како неморална. Или, од лично искуство: во младоста имав пријател што беше мајстор за обивање автомобили и вадење касетофони од нив, иако потекнуваше од добростоечко семејство. Не оставаше ниедна трага при обивањето, ниту оштетуваше нешто друго на автомобилот – да ти е мерак да те ограби! Го викаа Гроф. Кога некој од соседите ќе го изгубеше клучот од автомобилот, го викаа него: за неколку секунди бравата беше обиена. Значи, беше „мајстор“ за „како“, сè додека еден ден психотерапевтот што му го обезбеди татко му не го праша – „зошто“ го прави тоа. Се вклучи моралната димензија. Денес Грофот е полицаец на висока безбедносна функција. Откако се праша „зошто“, сфати дека всушност сакал да лови такви како што е самиот, дораснати на неговата вештина. А не да биде отаде моралот.

Така, грубо кажано, и општествата можат да се поделат на „зошто“ општества и на „како“ општества. Првите ги карактеризираат наука, солидарност и темелност, вторите – кариера, омраза поради конкуренција и површност. И толку.