Омразата како средство за политичка самодеградација

Да потсетам на зборовите на Ленин, дека омразата е „основа на секое социјалистичко и комунистичко движење“ и „децата треба да бидат научени да мразат, зашто
омразата е основа на комунизмот“. И стварно да ти било така

Некојаси Мерсиха Смаиловиќ, која патем е и функционерка во владејачката партија, во дебата на социјалните мрежи, ја повика техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, наместо знаме на ВМРО-ДПМНЕ кога ќе има интервјуа да си става Давидова ѕвезда. Читам и се прашувам, колку треба да мразите за да изречете вакво нешто. Колку треба да си болен во умот да изјавиш дека: „И кај нацистите во влада имало Евреи, кои се бореле за плата“. Разбирам дека вжештената реторика и политиката одат рака подрака. Но овде не станува збор за политичка реторика. Овде станува збор за омраза, за акт на чист антисемитизам. Системска грешка во политичката навигација.

И гледај чудо. Молк од самопромовираните заштитници на човековите права. Од оние што со посветеност, која понекогаш се граничи со верски фанатизам, го бранат македонското општество од говорот на омраза. На другите. Никако од своите. Не сум еден од нив. Никогаш не сум сакал, а и не сум можел. Два различни света. Особено кога паметам што зборуваа за човековите права во деведесеттите: зло што го увезовме од запад да ни го сруши најдобриот од најдобрите системи. Социјализмот. Која пародија од држава станавме. Доживеавме комунистите, па макар и рециклирани, човековите права и Западот да не ги вадат од уста. Тоа ми личи како јавна куќа да организира работилница за морал и етика. А „сексуалните работнички“ се едукатори.
Свесен сум дека цената што ја плаќаме да живееме во слободно општество понекогаш бара да се соочиме со мислења, ставови за кои сметаме дека се загрозувачки, навредливи и етички неприфатливи. Но ова не е тоа. Ова е многу повеќе. Ова е чиста, сурова и горчлива вистина за концептот на „едно општество за сите“, во чии темели е вградена омразата. Промовирана од сега бившиот премиер Заев, кој ќе „јадеше живи луѓе“. Така, добивме општество на изгубен дух на плурализам и толеранција, ксенофобично општество за „сите“, во кое низ политиката се реставрира една стара и подмолна омраза. Која однесе во смрт 6 милиони Евреи. Тоа мора да се осуди.

Треба сериозно да се запрашаме, што можело да се случи толку лошо во животот на овие млади луѓе, што нивните души толку се затруле со омраза.
Омразата во последниве години стана обединувачки фактор, кој политичарите на власта го искористија како инструмент за да ги остварат своите опасни политички цели. Во услови кога се продаваа името на државата и нејзината историја, омразата беше искористена како средство за закана и манипулација со стравот што го генерираше, кон секој што се дрзна да ги оспорува моќта и статусот на власта. Особено нејзините одлуки со кои се разнебитуваше државата.

Нема да биде ново ако кажам дека левичарските идеологии ја прифаќаат и ја искористуваат омразата како своја политичка стратегија. Да потсетам на зборовите на Ленин, дека омразата е „основа на секое социјалистичко и комунистичко движење“ и „децата треба да бидат научени да мразат, зашто омразата е основа на комунизмот“.
И стварно да ти било така. Очигледно омразата стана главна карактеристика на политичката култура на оваа власт и одлучувачки фактор во нејзината изборна политика. Притоа, власта заборава дека токсичниот дискурс на нејзините следбеници е нездрав и може да има сериозни последици. Многу лесно омразата може да послужи како платформа за екстремистички групи и да поттикне акти на грозоморно насилство. Но кој да се секира за тоа кога власта е во прашање.

Затоа слободно истурете го гневот на оние што размислуваат поинаку од вас, како израз на вашиот хендикеп поради недостиг од демократска култура. Кога немате аргументи за дијалог, барем да имате храна за вашата омраза. Мразете ги вашите политички опоненти, зашто прекратко е времето да изградите култура на политичко комуницирање, по педесет години едноумие. Мразете ги оние што не ја делат вашата патолошка желба да се владее. По секоја цена, а особено ако власта е нешто што го доживувате како наследство од вашите татковци. Мразете ги жртвите на денунцијанството на кои изградивте кариери и се стекнавте со позиции во општеството, зашто сепак сте ментално хендикепирани човечки креатури, без личен дигнитет и самопочит. Мразете сѐ што не сте вие. Зашто не знаете поинаку.

Лесно би било да ги обвинам грозоморните тролови на социјалните медиуми за поттикнување на пламенот на омраза и поделба во македонското општество. Секако дека се виновни, но поголемиот грев го носат политичарите, кои на актите на бесрамна омраза и расизам, како овој последниот, одговараат со молк, а се во функција на политичка поддршка. Или им треба три дена за осуда. Но не дај боже да иницираат акција.

Овие демонски перверзии на политичките следбеници на власта за осветување на омразата, за да им помогнат на безмилосните и бесчувствителните политики и политичари во походот за власт, мора да бидат изложени и соочени со јавноста и осудени пред да нѐ втурнат во подлабоки и пожестоки поделби. Особено непосакувани сега, пред изборите.

И да, намалете со тоа „фашизмот“. Не ви кажале дека стратегијата „Надеж“ од 2007 г. веќе е застарена. И дека ѝ помина рокот на употреба. Сега сте власт. А како власт, ни покажавте какво е вистинското лице на фашизмот. Ако имате и малку сомнеж, обратете ѝ се на вашата функционерка Мерсиха. Таа знае како да мрази и да ги обележи луѓето. Е тоа е фашизам во акција.