Окупација во 26 слики

Истоимениот филм (1978) на Лордан Зафрановиќ своевремено предизвика толку контроверзии, што неколку години дури и не беше прикажуван. Приказната за окупацијата, односите меѓу луѓето, злосторствата, беше тешка за прифаќање, па режисерот беше обвинет за антихрватство. Без поинакви претензии, насловот на овој филм сам се наметна во обид да направам пресек на она што се случува во/со Македонија. Наведувам проблеми и сцени што се многу побројни од она што може да опфати една колумна. Сите тие го даваат грдото, тажно, но и вистинито лице на Македонија, видено во скршено огледало. Македонија на периферијата, како запустена територија, која треба да им послужи на макроата што ја продаваат и злоупотребуваат.

Прво, почнувам од она што звучи најбанално – комарците! Верувале или не, денес е Меѓународен ден на комарците, кој над сто години го одбележува откривањето на врската меѓу нив и маларијата. Кај нас уште нема маларија, ама комарците се пример за колосална неспособност на градската и локалните власти. Неуспешноста на една обична рутинска операција на запрашување создаде не само нелагоди туку и штетни последици за флората и фауната, па и за здравјето на луѓето. Оваа епизода ја покажа таа неподнослива леснотија на лагата, која почна од бесшумните летала (веројатно и безопасни за комарците) до подметнати снимки, и на крајот фелиниевски повик за заедничко испраќање на авионите во присуство на граѓаните. Второ, видете го Водно! Тоа е оној ист заштитен парк, нашите бели дробови и место за релаксација, она за кое се правеа протести кога градежната мафија го осакатуваше.

Сега, кога дојде слободата (на профитот), активистите замолкнаа, а теренот е згоден за градење гасовод (од кој фајде најмногу ќе види соседна држава). Вчера се одржа протестен собир, но овие власти не се глуви како претходните, лесно се навредуваат од критика, веднаш посегнуваат по „оружјето“ и се закануваат. Третата слика ја прикажува донкихотската битка на жителите на струмичкиот крај против бракот на корпоративните бизниси и власта, што се темели на рудници на смртта. Сликата е ужасно гротескна: газдите организираат народни средби со жени и деца, глумат добротвори денес делејќи чоколатца за утре да им остават во завет болештини.

Власта што се колнеше во локалните референдуми, сега мисли дека некои животи се „потрошни“ (disposable), а профитот значи живот. Во контекст, а како „културен“ додаток, е сликата на „Струмица опен фестивал“: на плоштадот пее Лепа Брена, опкружена со стотина скари. А секоја општина има слична сценографија: ќе донесат певаљки за големи пари, за фестивал во стилот „удри бригу на весеље“, што би рекле Србите, а нема средства за амбуланти и детски градинки. Петтата слика од (само)окупацијата е Македонија како голема депонија – во градовите, по патиштата, во туристичките места. Некои граѓани се самоорганизираат (една од акциите има симпатично име „Не биди ѓубре“) во собирање отпад и вршење на она за што се платени комуналните претпријатија. Но локалните власти повеќе ја сакаат онаа стара песна на Бора Чорба „остала си ѓубре до краја!“.

Шестата слика е стара, со „патина“: вработувања со претходен благослов на општинскиот комитет на владејачката партија. На тоа додајте ги оние илјадници „рамковни вработувања“, и тоа на раководни места, без ден искуство – и сликата е комплетна. Ах, се разбира! Не заборавајте на фризерки вработени во ЕЛЕМ со плата на доцент или шофер со плата повисока од таа на редовен професор. Седмата слика е традиционална, печалбарска – со тоа што сега заминуваат високообразовани кадри, главно лекари. Откако ќе ги понижат, измалтретираат и ограбат брилијантните специјализанти, тие си заминуваат во ЕУ (Германија е главна дестинација), без да чекаат да се смени име или да дојде живот. Тие имаат еден живот, а можат да спасат многу други.

Осмата слика е директно од кабинетот: премиерот лично го презентира „нешто вкусно и крцкаво“, како што вели додека постира слика на џанк-фуд, брза храна од компанијата КФЧ (во која одамна нема чикен, пилешко, туку адитиви што не би сакале да им ги дадете на своите деца.) Деветтата слика е уникатна: вицепремиер со месеци не оди на работа, затоа што му е лут некому, но платата му стигнува. Десеттата слика е тешко да се опише веродостојно, бидејќи се одвива во четири очи: зделки, тендери, субвенции, иновациски поттици и слично, сето тоа не е за јавност. Но единаесеттата слика е апла видлива: непотизмот и клиентелизмот цветаат како во најдобрите времиња. Дванаесеттата слика е само за нечии очи и уши, оние на државата, која подготви нов „легален и легитимен“ начин на нечуен упад во приватноста.

Ако бившите нѐ прислушуваа (од политички цели), сега овие си земаат право, без сомнение за затајување или судски налог, да влегуваат во трансакциските сметки – за да собереле повеќе данок! Стоите така разголени пред власта, која ве следи на секој чекор. Тринаесеттата е трагикомична, покажува економски пораст од 0,1 процент, рамен на статистичка грешка. Четиринаесеттата е константа: секојдневни задолжувања на државата, која има астрономски буџет, што го троши неодговорно, во стилот на Марија Антоанета – па купува торти и колачи, покрај апетисани, а дели и грантови на НВО за славење на НАТО. Петнаесеттата слика ја испорачаа и од ГРЕКО и од „Њујорк тајмс“: корупцијата расте и под новиот режим.

Шеснаесеттата слика е невидлива, иако има сериозни последици: загаденоста на воздухот достигнува неверојатни нивоа, ама среде лето ретко кој се вознемирува – ќе чекаме зима и магли за протести. Седумнаесеттата слика е онаа на милосрдие: и натаму собираме донации за болни деца и сиромашни семејства. Децата и возрасните што страдаат од ретки болести се на маргините, оставени да се снаоѓаат како знаат, па дури и со продавање на сопствениот покрив. Тамара беше искористена, па заборавена, сега се на ред други несреќни деца. Осумнаесеттата слика е колаж што зборува за репресивна држава: полициска бруталност, злоупотреби на службени позиции, разгалени татини деца што одат на одмор со службени џипови, убијци среде бел ден што остануваат недостапни за правдата (затоа што била толку бавна што им дозволила да ја напуштат земјата благовремено).

Тука спаѓаат и заканите за сите што не мислат исто како власта, кои се нарекуваат „антидржавни елементи“, „структури“, „криминални кругови“ итн. – во сталинистички дух, според кој државата е поважна од слободата на поединецот. За „одговорност“ оваа влада ниту чула ниту разбрала. Заев не може без своите политичари и пајташи. Им прости сѐ, бидејќи немало кој друг да ја води државата! Но циркусантот ѝ се извинува на Бугарија (на Фејсбук, како тинејџер!) затоа што изустил дека Илинденското востание било македонско!

Не знам до кој број стигнав, но целосната слика на окупација на внатрешните и надворешните пробисвети допрва ќе се види. До 30 септември ќе видиме и чуеме закани дека ќе останеме несакани чеда на Западот, кој немало да ни даде друга шанса (!), од американски поштари, па до (цивилна!) министерка за одбрана во маскирна униформа и шлем, која гордо лета на американски хеликоптер, заборавајќи дека ниту има ниту смее да има никаква врска со униформиран дел на домашна или сојузничка војска. Криволак бил многу важен за светската безбедност, па американски трупи ќе вежбаат во пресрет на референдум (а демек, не се навежбани досега!), ама со муниција без осиромашен ураниум. Што вели Русјаков, кога ќе влеземе во ЕУ и во НАТО и осиромашениот ураниум ќе се збогати.

Шегата настрана, битното е дека ние прифаќаме сојузништво со алијанса што одамна користи осиромашен ураниум врз цивилни цели! Ние имаме доволно други причини за умирање. Сето ова е контекстот во кој водат кампања, незаконски и наспроти препораките на Венецијанската комисија. Продажбата на името и насилната промена на Уставот ќе бидат само последниот чин на конечната окупација/капитулација, па она што е сега едвај држава, или протекторатна демократија, тогаш ќе се заокружи во статус на колонија. Да употребам израз на Воскопулос (кажан во друг контекст), стануваме „куртон-територија“ за геополитички игри. А знаете што се прави со куртоните кога ќе си ја завршат работата (по задоволството и задоволувањето).