Од недовршен македонски федерализам кон лазечка конфедерализација

Нормално, како и при секоја ваква ситуација во последните пет години, Уставниот суд молчи и никаде го нема, а требаше најитно да преземе мерки за заштита на уставниот поредок

Дојдовме ли до точка на која е воведена првата конфедерална институција во македонскиот уставен поредок? Функцијата „прв заменик-претседател на Владата“ е опасно придвижување на земјата кон тој опасен правец.
Клучната дебата во јавноста околу рамковниот договор беше дали тој претставува вовед во интеграција на сите граѓани во македонското општество или клучна точка во процесот на дезинтеграција на македонската држава по етнички линии. Според првото, граѓанско толкување на рамковниот договор, сите граѓани во Македонија се еднакви, националниот суверенитет извира од граѓаните, а воведените уставни механизми се поставени за да оневозможат дискриминација на етничките заедници и да овозможат целосно признавање и развој на сите посебни етнички култури. Додека, пак, другото, федералистичко толкување на рамковниот договор, поаѓа од начелото дека етничките заедници се клучни во македонскиот политички и уставен систем и дека граѓанинот не комуницира директно со државните институции, туку преку лидерите на својата етничка заедница, претставена преку владејачката политичка партија. Значи, приврзаниците на федералистичкото толкување на рамковниот договор ја замислуваат Македонија како федерација составена од две заедници (засега нетериторијализирани или, сепак, неформално територијализирани), македонската и албанската, а на сите преостанати очигледно им е дадена улогата да се интегрираат како малцинства при едната или при другата заедница.

Не сакам да тормозам со политиколошки термини, но во случајов е корисно да се знае дека политичката наука препознава центрипетални политички системи (кои ги обединуваат политичката заедница и сите граѓани во една држава) и центрифугални политички системи (кои водат кон кршење на политичката заедница и фрагментација на една земја), па дебатата како се толкува рамковниот договор воопшто не е наивна и наликува на некогашната дебата околу природата на југословенскиот устав од 1974 година (знаеме дека таа дебата на крајот заврши со пушки, тенкови и топови, со невидено страдање на цивилното население во поранешна Југославија, наместо да заврши со политички договор, постигнат низ дијалог и преточен во правни норми).
За жал, иако рамковниот договор во изминатите дваесет години се промовираше преку граѓанското толкување од повеќе клучни чинители, сепак, практиката беше сурово федералистичка. Притоа, корифеј на федералистичкото толкување на рамковниот договор сите овие години беше партијата ДУИ, поточно нејзиниот лидер Али Ахмети, кои стекнаа и своевиден монопол на толкувањето и на практиката на рамковниот договор.
Недовршениот македонски федерализам не се случи одеднаш, туку беше резултат на една лазечка федерализација, која сега гледаме дека презема и прв конфедерален облик. Па, така, сè започна со Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, продолжи со мавровските средби, територијалната поделба, Мајскиот договор, Законот за јазици (во сите негови инкарнации), амнестијата на хашките случаи и Министерството за политички систем (така македонскиот федерализам доби и свој појавен и опиплив облик насред Скопје).
Но функцијата на „прв заменик на претседателот на Владата“ е опасен чекор понатаму и влез во лазечка конфедерализација.
Дали некаде постои такво уставно решение?
Да, тоа е една од клучните точки на Договорот од Белфаст (или Договорот на Велипеток) од 1998 година за решавање на конфликтот во Северна Ирска. Таму не постои „канцеларија на претседателот на Владата“, како во Македонија, туку „канцеларија на првиот министер и на заменикот на првиот министер“ (подоцна преименувана во „северноирско извршно тело“). Притоа, според тамошните уставни решенија, првиот министер доаѓа од најголемата партија претставена во Стормонтот, а заменикот на првиот министер доаѓа од „најголемата партија на втората по големина заедница“ во северноирскиот парламент. Иако едниот од нив се вика „прв министер“, а другиот „заменик на првиот министер“ тие и двајцата имаат еднаков статус, заеднички раководат со „северноирското извршно тело“, заедно ја утврдуваат агендата на северноирската влада, копретседаваат со тамошните владини седници и двајцата ги потпишуваат владините одлуки. Со други зборови, тие имаат целосен паритет во раководењето со Владата на Северна Ирска, со цел да се потврди целосниот паритет на двете заедници во земјата (протестантската и католичката).

Кажано со политиколошки речник, со Северна Ирска имаме ковладеење на „првиот министер“ и на „заменикот на првиот министер“, како еден од принципите на тамошната консензуална или консоцијална демократија.
Како е во македонскиот случај?
Иако премиерот Зоран Заев демантираше дека ќе постои паритет и врзан потпис, сепак измените во Деловникот на Владата го издвоија „првиот заменик на претседателот на Владата“ од другите обични „заменици на претседателот на Владата“. А Али Ахмети јасно кажа што очекува ДУИ со оваа измена – „ние воспоставивме партнерство и последователно оваа влада ќе се кораководи од премиерот и првиот вицепремиер и истовремено и министер за политички систем преку консензуалното одлучување како начело на ковладеењето“. Значи, Али Ахмети јасно кажува дека стратегиската цел на воспоставувањето на функцијата на „првиот заменик на претседателот на Владата“ е македонската владата да функционира како северноирското извршно тело, односно правото на вето предвидено со Бадинтеровиот принцип при гласањето за прашања што се однесуваат на етничките теми, да се пренесе во егзекутивата.
„Право на вето во егзекутивата“ нема во ниту еден унитарен систем, каква што е Македонија според нејзиниот устав, нема ни во ниту еден федерален систем, но тоа постои во конфедералните системи и постои во недовршените држави со нејасен и нерешен статус (како Северна Ирска). Зошто не постои право на вето во егзекутивата на унитарните и на федералните системи? Затоа што суверенитетот извира од сите граѓани и затоа што суверена е државата, а не и нејзините составни делови, заедници или други ентитети. „Правото на вето во егзекутивата“ дадено на „првиот заменик на претседателот на Владата“ значи дека заедниците во Македонија се суверени и дека конфедералната влада не може да носи одлуки без целосен консензус од сите суверени заедници. Нормално, штом заедницата е суверена, таа имплицитно има и право на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Од овие причини функцијата на „прв заменик на претседателот на Владата“ е проблематична, односно со нејзиното воведување недовршениот македонски федерализам влегува во лазечка конфедерализација, што е мошне опасен развој на настаните.

Ова е најголема промена на македонскиот политички и уставен поредок по рамковниот договор и уставните амандмани од 2001 година. Но да биде апсурдот поголем и иронијата уште попарадоксална, оваа измена не беше предмет на дебата во јавноста (општа, политичка, стручна), а ваквата тектонска измена на политичкиот систем не е внесена во Уставот, каде што би ѝ било местото, туку во Деловникот за работа на Владата! Нормално, како и при секоја ваква ситуација во последните пет години, Уставниот суд молчи и никаде го нема, а требаше најитно да преземе мерки за заштита на уставниот поредок.
Годинава се навршуваат 20 години од потпишувањето на рамковниот договор во Охрид. Овој акт коренито ги измени уставниот поредок и политичкиот систем на Македонија, но и натаму е контроверзен затоа што не беше конечна точка во решавањето на македонско-албанските односи во Македонија, клучни за опстанокот на оваа земја. Според реториката и натаму тврдиме дека сакаме да дојдеме до граѓанска Македонија, држава на рамноправни граѓани, независно од етносот, јазикот, верата и политичкото убедување, но практиката е сосема различна. Рамковниот договор беше потпишан додека се лееше крв и мирисаше на барут, во времето кога клучните глобални сили се вмешаа во македонските собитија. Зрело општество ги отвора дури и најконтроверзните теми во мир, низ искрен и отворен политички дијалог, а и без посредници однадвор. Веќе не е 1991 година, не е ни 2001 година, туку е 2021 година, па редно време е повторно да седнеме и да зборуваме.