Од многу захар и европскиот шеќер горчи

Арно рекле старите: премногу слатко не е слатко, зашто сѐ што потоа ќе каснеш ќе ти биде горчливо. Така и со бугарските политичари: по толку наш послужен шеќер, за да се направат некои историски факти „попријатни“ за нив, ним веќе ни македонска баклава не им е слатка. Ова излезе – ти нив со шеќер, тие тебе со пелин. Захариева, наместо со шеќер на шеќер да одговори (како што ѝ навестува презимето), истури пелин, и тоа по цел народ: сме биле одродени Бугари. Потоа дојде НЛО „расправата“ дали постоеле бугарски фашисти (небаре се вонземјани, па немаат оставено трага), па дојде онаа очекувана македонска (погубна за вистината) генерализација „сите Бугари се фашисти“, како и контрата „е не се сите Бугари фашисти“. Е, добро утро: моите студенти уште на првиот час ги запознавам со делата на еден Бугарин кој не е Каракачанов и со една Бугарка која не е Захариева – Цветан Тодоров и Јулија Кристева. Таквите генерализации се еднакво „плодно“ тло за расправа колку и онаа дали „луѓето се суштества што пушат“ или „луѓето се суштества што не пушат“?
Ако нешто не може да се оспори во овој случај, тоа е – нашата подадена рака, полна шеќер. Дури и стабилна, рационална политичарка како Радмила Шеќеринска подлегна на таа афективна шеќеризација на Бугарите, кога веројатно од куртоазија кон бугарските колеги го опомена својот народ со реченицата: „Или ќе бидеме ЗАЛОЖНИЦИ НА ИСТОРИЈАТА, или сепак ќе сфатиме дека по десет години ОВА ќе биде историја“. Значи, или „заложници на историјата“ или Европа.

По неколку дена, веројатно чувствувајќи дека нема доволно историски реализам во опомената, министерката веќе говореше за „заложници на ТЕМНАТА СТРАНА на историјата“. Тоа беше повторно дискретно и чесно подавање рака кон Бугарите, со повик да се направат некои бугарски историски факти „посветли“, зашто мене не ми е познато дека Македонија имала темна историја: ниту некогаш некого окупирала, ниту стрелала друг народ, ниту вршела депортација на народи…
Оваа синтагма дека сме „заложници на историјата“ не е нова. И досега ја користеа помлади Македонци на кои одбраната на македонскиот идентитет не им значи многу, зашто на Европа гледаат како деца на кои родителите им ветиле дека ќе ги одведат во лунапарк со ролеркостери. Ја користат и повозрасни, и умни луѓе, мои пријатели, „европски ориентирани“. Но не би требало да ја употребуваат пред учени луѓе или Европејци. Еве зошто.
Да се тврди дека си „заложник на историјата“, макар тоа биле и „темните страни“ (тоа не менува ништо), значи да се стане против РОПСТВОТО кон историјата. Тоа е секако за пофалба: нема повисока цел од слободата. Секој што чувствува дека е роб на историјата, ќе ја бара слободата, логично, НАДВОР од историјата. Тоа е, значи, потрага по некоја ВОНИСТОРИСКА слобода. Но ако е вонисториска, таа слобода не е ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНА (во времето), туку ЕСЕНЦИЈАЛНА, надвор од времето. Овој есенцијализам личи на религиозните сфаќања за „безвременоста“ на царството небеско и неговата аисториска слобода. И кога оваа фраза денес ја користат европски прагматици, а не духовници, би требало да знаат дека Европа има егзистенцијалистички корени: од првата метафизика на Аристотел, преку онаа на Хајдегер, до егзистенцијализмот на Сартр или Ками.

Егзистенцијалистите, наспроти есенцијалистите, учат дека егзистенцијата (па според тоа и слободата) е можна само во историското време. Европа не е есенција туку егзистенција и затоа се залагала (француските револуции, на пример) за конкретни, демократски начини за остварување на СЛОБОДАТА уште на овој, историски свет.
Но ако е праксеолошки несоодветна за овој историски свет, во што е привлечноста на оваа фраза, која повикува да се освои слободата надвор од историјата? Зошто сѐ повеќе луѓе ја прифаќаат? Веројатно таа заведува преку сликата за идилична и вонвременска (вечна) Европа. До таа слика се доаѓа вака: ако слободата е надвор од историјата, следува дека таа не само што не е „во некое време“, туку и не е овде, туку е „на друго место“, ВО КОЕ ВРЕМЕТО НЕ ПОСТОИ. (Ајнштајн и Бахтин би се насмевнале, зашто нивната хронотопија учи дека не постои време без простор и обратно.) А, каде е тоа „место“ на таа вонвременска слобода? Па – во Европа, која е егзистенцијалистичка?! Тоа значи дека фразата „Или робови на историјата или Европа“ создава нереална и пропагандна СЛИКА за Европа, ослободена од својата историја, наспроти фактот дека Европа е и тоа како историска, градена врз крв и топовско месо. Таквата есенцијалистичка Европа е само – илузија: ниту постои единствен културен поим за Европа, ниту постои единствен политички поим за неа (иако на вториов постојано се работи). Секое претставување на Европа надвор од историјата е само митски пристап на денешните балкански политики: желба во Европа да се препознае рајот, еденската вонвременска градина. А во рајот – течат мед и млеко и многу шеќерпариња со знакчето €!

Последиците од ваквото заведување (особено на младите) со рајска слика за Европа веќе се гледаат. Најмалата моја ќерка и нејзината генерација, уште од основно училиште пишуваат поезија директно на англиски, алудирајќи на светска кариера. Како да ќе почнат нова историја на македонската книжевност, создавана на англиски. Тоа ви е пример за такво, политички индоктринирано, АИСТОРИСКО сфаќање на слободата (кое ние го сметаме за „европско“, а во Европа не поминува!): па, ако цели народи имаат право на самоопределување, зошто тие деца да немаат право да изберат јазик на кој ќе се изразуваат? Од таа КОЛОНИЈАЛНА, а навидум „ПРОЕВРОПСКА“ перспектива, мајчиниот јазик веќе не е повластен: тој е само еден на менито од можни јазици. И да даде господ некој нов Прличев да испее нов „Сердар“ на совршен англиски, ама пак ќе го немаме на македонски и пак, мислејќи дека создаваме нова историја, ќе го повториме Прличевиот трагичен крик: „На туѓ јазик пеев како лебед, на својот како був“. Јас само знам дека врвовите на нашата проза и поезија, Драги Михајловски и Зоран Анчевски, професори англисти и врвни преведувачи, досега не напишаа расказ или песна на англиски. Си ги преведуваат делата, и тоа задолжително со родени говорители. Едно е научен труд, друго поезија на англиски. Но нови генерации – нови идеали. Природно. И ние, кога бевме тинејџери, мислевме дека светот почнува од нас.

Но она што не е природно е што политичари, а не тинејџери стојат зад оној дел од фразата каде што се вели дека по десет години ОВА што СЕГА се случува ќе стане историја. Тоа е некоја „ЕГОМАНИЈА“ што го тресе светот денес: сите светски политичари сонуваат за „ресет“ на историјата. И сите тврдат дека се „историски личности“. Но зошто се ослободуваат од старата историја, кога итаат повторно да станат робови на новата, која, бидејќи е историја, пак нема да им ја даде ЕСЕНЦИЈАЛНАТА слобода? Како и да е: сите што сакаат да станат историски личности, ќе мора да остават зад себе дела. Историјата подразбира човек зад себе да остави: научно откритие, уметничко дело, спортски рекорд, државна реформа… Човекот зад себе остава дела, а животните измет. Разликата е толку голема што верувам дека овој пат нема да ја утнеме работата кога во иднина ќе проценуваме која наша личност е историска, а која не. Сами, без туѓа „помош“.