Од животот на еден поединец

Прва исповед. Нека влезе во записник:
Признавам: без маска прегрнав човек и со тој чин ги загрозив сите други.
Место на престапот: плоштадот „Македонија“.
Потенцијални жртви на зараза: семејството на осомничениот и сите негови поблиски и подалечни роднини и пријатели, како и пријателот на осомничениот, неговото семејство и сите негови поблиски и подалечни роднини и пријатели.

Сведоци: коси црти.
Соучесници: нема.
Адвокат бранител: Рајнер Кунце, поет.
Олеснителни околности: престап без предумисла.
Изјава на осомничениот: Сè се случи толку набрзина. Пријателот не бев го сретнал од студентските денови.

Штом го препознав, повикав: Господине! Но пријателот не се сврте. Повторно викнав, но пријателот не застана, небаре е во бегство или оглувел. На третиот, повишен повик, пријателот се сврте и застана полууплашен. Промрмори нешто за некаква мобилна апликација за следење осомничени од коронавирус, но брзо се прибра и охрабрувачки се насмевна, а потоа… потоа се случи таа „проклета“ пријателска прегратка. Ете, така беше… Знам дека не требаше да ја тргнам маската и требаше да ја задржам дистанцата на гробните места, но жив човек на жив се (из)радува, а насмевката е поубава кога не се крие…

Сепак, најодговорно тврдам дека прегратката беше без предумисла, иако во последно време често мислам на неа и длабоко сум загрижен за нејзината иднина. И не можам сосема да разберам, како во името на сите други, да се исклучи прегратката со секој пријател од животот на еден поединец. Затоа го повикав поетот Кунце за бранител.
Неговата одбрана гласи: „Прегрнувањето ги исклучува сите освен еден. Затоа се прегрнуваме“.

Втора исповед. Нека влезе во записник:
Признавам: без маска кивнав и со тој чин ги загрозив сите други.
Место на престапот: улицата Костурски херои (поранешна 29 Ноември).
Потенцијални жртви на зараза: едно културно дете, неговото семејство и сите нивни поблиски и подалечни роднини и пријатели.
Сведоци: коси црти.
Соучесници: нема.

Адвокат бранител: Антон Чехов, писател.
Олеснителни околности: провокација од страна на една липа.
Изјава на осомничениот: Еден прекрасен ден, во не помалку прекрасниот град, чекорев по улица Костурски херои како идентитетски костур, кој сè уште може да шета слободно во татковината небаре е нејзин предавник и сè уште смее да пелтечи на македонски, кога одеднаш… Овде го повикувам Чехов за бранител. Писателот има право: животот е полн со ненадејности.

Значи, одеднаш ја видов првата расцветана липа над главата. Испровоциран од таа мирислива ненадејност, ја тргнав маската за да ја помирисам со полни гради, кога одеднаш… (повторно онаа неизбежна животна ненадејност) – кивнав. Притоа, сосема е можно да сум го испрскал детето што минувало во близината и рече: „На здравје!“
Дури тогаш го забележав тоа културно дете, но и прекорот на неколкуте минувачи, кои, судејќи според погледот, не ми посакуваа многу здравје, а сериозно се сомневаа и во мојата здравствена состојба. На детето му возвратив со желби за здравје и длабоко му се извинив што кивајќи можеби го испрскав. Детето само одмавна со раката и гласно одрече: „Не ме испрскавте. А и да ме испрскавте, тоа е само реакција на поленот, ништо страшно!“

Но другите не беа толку убедени, а пред налетот на осудувачките погледи, во мене се разбуди чиновникот Червјаков на Чехов и пред воопшто да му одобрам да зборува во мое име, почна да им се извинува на сите за неодговорното тргнување на маската, за непромисленото вдишување на липата, а потоа и за оној страшен и сезагрозувачки чин – испровоцираното, силно и сосема човечко: апчиха!

Откако „чиновникот“ ја заврши извинувачката тирада, уверено додадов: „Кивањето никому и никаде не му е забрането. Киваат и селаните и полициските команданти, а некогаш дури и тајните советници. Сите киваат.“ Истото тоа ќе ви го потврди и мојот бранител Антон Чехов. Најпосле, од лично искуство знам дека киваат и поетите: ме испрскале најмалку два-тројца во фонтана од стихови, а еден и за време на „празникот на липите“. Но како што вели детето: ништо страшно…

Страшни се потпишаните „признанија“ во име на „осомничениот“ дека не сме она за кое се работело и умирало, она за кое се полагале надежи и заклетви. Страшно е што потписниците шетаат по земјата неказнето и без маски. Страшно е што земјата и народот ги преименуваа како обични улици, а плоштадот остана како кусур на една погубна трговија. Страшно е што мноштво граѓани станаа соучесници, а сведоците се немоќни да го одбранат „осомничениот“.

Олеснителни околности нема, а потенцијални жртви на зараза се сите умрени и неродени. „Осомничениот“ е сам свој бранител, а неговите „полномошници“ се и негови обвинители. Изјавата е поништена и сите заедно се тетерават кон чиновничка смрт.

Случајот е речиси затворен и цртата е најпосле исправена.
Напомена: Настаните и ликовите во колумната (освен Кунце и Чехов) се измислени, а секое совпаѓање со животот на еден поединец е сосема случајно.
Сепак, колумнистот го задржува правото да не се откаже од правото на прегрнување и кивање.

Завршниот збор го поткрепувам со цитати од песната на Кунце (Едвард Мунк: црвено и црно длаборез во боја) и од расказот на Чехов (Смртта на чиновникот).
За прегратката: „Исклучени сме од раѓање. И секој секого исклучува. Затоа се прегрнуваме.“

За кивањето: „Воопшто не ни помислував да (ви) се потсмевам. Смеам ли јас да (ви) се потсмевам? Ако така се потсмеваме, тогаш нема да има никаква почит кон личностите… нема да има…“

Оттука читателот може да продолжи. Како бранител или обвинител, по слободна волја. Понекогаш од неа зависи и животот на другите.