Одговор на омразата е слободниот говор, а не цензурата

„Слободниот говор нè убива“, е наслов објавен во престижниот „Њујорк тајмс“, во кој авторот Ендру Маранц тврди дека „говорот на омраза“ доведува до насилство. Уште полошо, тврди дека говорот на омраза води кон тоталитаризам, па дури и геноцид. За да се избегне ваквата судбина, Маранц предлага да се ограничи „говорот на омраза“ и дека еден ден во не толку далечна иднина, правната заштита на говорот на омраза ќе изгледа смешно во ретроспектива.
„Говорот на омраза“ стана уште еден тотем на левицата, аморфен концепт што се користи за да се опише идеја или личност што е спротивна на „прогресивната идеологија“. Нивната потреба од криминализацијата на говорот на омраза не само што не ги постигнува своите експлицитни цели туку помогна да се устоличи и одржи владеењето на ситните, бирократски тирани што низ ваквата забрана ги обесхрабрија луѓето да говорат слободно од една страна и ја задуши експлозивната, бунтовна политика, од друга страна. Несвесни дека забраната за говор на омраза, всушност, создава повеќе говор на омраза.

Со тврдење дека говорот на омраза доведува до масовно насилство, левицата денес се надева дека ќе нѐ убеди да се одречеме од своето право на слободен говор. За да го оправдаат своето барање инсистираат на тоа дека слободата на говорот е само „вредност“, наместо право. Притоа заборавајќи дека вредноста е менлива категорија и е детерминирана од јавното мислење, или поточно вредноста е она што како таква ја разбираат елитите во општеството, кои, пак, најчесто манипулираат со неа преку медиумите. Од друга страна, правата, напротив, не можат да се преговараат; зашто тие по својата природа припаѓаат на секоја индивидуа, а општествата се создадени за нивна заштита. Говорот е неотуѓиво право затоа што е израз на мислата, а нашите умови по природа ни припаѓаат нам. Правата, со други зборови, треба да го одредуваат хоризонтот на јавното мислење, а не обратно.
Сите оние што копнеат по ограничувањата на говорот на омраза, претпоставуваат дека се во функција на забрана и казнување на изразувањето идеи што најмногу ги мразат и ги будат сеништата на минатото: расизам, хомофобија, исламофобија, мизогинија. Притоа во нивната „непорочност“ забораваат дека криминализацијата на говорот на омраза се користи многу пошироко од супресирање на крајно десничарската фанатизам. Ваквите законодавства многу често се користат за ограничување и санкционирање на широк спектар политички ставови за кои многу левичари, застапници за цензурата, никогаш не би сонувале дека може да се сметаат за „омраза“, па дури и против мислењата што многумина од нив најверојатно ги делат.

На крајот на краиштата, за она што претставува „говор на омраза“ одлучува мнозинството, што значи дека малцинските ставови се подложни на ограничување. И замолкнување.
Дури и ако законите за криминализација на „говор на омраза“ беа магично применети од властите точно како што посакуваат нивните поборници, при што само идеите што се омразени ќе бидат потиснати и казнувани, додека на другите идеи ќе им се дозволи да цветаат, сепак има добри причини да се спротивставиме на криминализација на говорот на омраза. Ако некој мисли дека цензурата ќе го ослаби говорот на омраза и ќе направи да исчезне, се лаже. Ништо не дејствува постимулативно за говорот на омраза повеќе од цензурирањето, бидејќи оние што го практикуваат ги претвора во маченици за слободен говор, го храни нивното чувство на жртва и ги присилува да бараат повеќе деструктивни средства за активизам. Спротивно, ништо подобро не го разоткрива злото на сејачите на омраза како слободниот говор низ кој се самоидентификуваат и ја покажуваат својата вистинска природа.
Опасно е да ги овластите државните органи да одлучуваат кои идеи се дозволени, а кои не, да проценат кој говор содржи доволно „омраза“ за да се оправда забраната, за на крајот таквото законодавство неизбежно да биде искористено за забрана на говорот воопшто. Уште поопасно е да поддржувате неформални групи што ловат говор на омраза, зашто практично е невозможно да се артикулира стандард за сузбивање на говорот што не би им дозволил на ваквите групи опасно широко дискрециско право да повикаат дискриминација на одредени гледишта. Кога делегирате ваква моќ во општеството, тогаш демократија е најранлива. Кога ја криминализирате слободата на говорот треба да бидете свесни дека тоа ќе има фатални последици по демократската култура. Вистина е дека изјавите со омраза, од правна перспектива, можат да се класифицираат како мислења. А слободата на говорот е важен, круцијален принцип на слободното општество што го штити вашето право да изразите мислење без цензура, воздржаност или законска казна. Целта на ова право е да се обезбеди лиценца за зборување неказнето; не слобода на изразување, туку слобода од последиците на тоа изразување.

Кај нас задушувањето на слободата на говорот преку фетишизација и сатанизација на говорот на омраза достигнува ниво на епидемија. Затоа замира критичкото размислување, рационалната мисла и индивидуалната храброст како средства за бегство од орвелскиот кошмар во кој се наоѓаме. Моралниот фундаментализам на поборниците за криминализација на говорот на омраза честопати е маска за други политички фрустрации и стравови. Кои оваа власт ги има многу. Секогаш ќе ја поддржам слободата на говорот, па макар тој бил навредлив, непријателски, емотивен и потенцијално екстремен. Само така ќе бидеме подготвени да одржиме интелектуалната и политичка слобода, наместо да ја погребаме. Што некој очигледно многу го посакува во оваа држава.