Одбивам да се восхитувам на мртви идеологии

Брисел, ви хев а проблем. Британија си замина, Италија ја губиме.
Дајте им датум на Албанија и Морт Натодонија. Или беше Натодонија ле Морте.
Коронавирус. Нема да навлегувам дали е божја промисла, реакција на природата, негрижа на луѓето или смислена акција на архитектите на човечки судбини. Нема да се занимавам ниту со самиот вирус. Повеќе ме интересираат последиците од него. Вирусот ја фрли на колена модерна и бела Европа. Вирусот ќе ја затвори приказната за постоењето и функционирањето на Европската Унија. Започна демистификацијата на една мртва идеологија.
Европската Унија е завршена приказна. Ова што се случува околу нас е почеток на крајот. Иако, вистинскиот почеток на крајот беше брегзит. Тоа само за оние што можат да видат подалеку од својот нос. Оти има луѓе на чиј врв од носот стојат невидливи суштества, со неидентификувано потекло, кои папагалски повторуваат: „ЕУ и НАТО се наши стратегиски цели. Немаме друга алтернатива. ЕУ ќе нè храни, а НАТО ќе нè брани“, па така го попречуваат видикот на домаќинот и те прават при очи слеп. Ги има на носевите на сите политичари, повеќето аналитичари, најголем број новинари, кај едночудо академски професори и, секако, кај целокупната граѓанска либерална и прогресивна интелектуална бижутерија.

Да се вратам уште малку на Велика Британија. Со нејзиното излегување почна крајот на Унијата. Не затоа што јас така сакам. Ниту затоа што тоа е добро или лошо. Ова се времиња на луѓе со краток фитиљ и паметење. Времиња на маркетинг и испрани мозоци. Повеќето мејнстрим-медиуми, аналитичари, политичари ќе ви објаснат дека Британија спровела брегзит од аздис. Или затоа што биле националисти, па не сакале мигранти. И прогресивните „умови“ ќе трепкаат со своите очиња и ќе кимаат со намирисаните глави.
Ама тоа не е така. Британија сè уште во себе го носи империјалистичкиот дух. Она што тие го прават денес, се анализирало и планирало одамна, зашто така се креира иднина. Британците бегаат од тоа што процениле дека загубило функција. Како Европската Унија. Затоа велам, со нивното излегување се удрија темелите за почеток на крајот за една нефункционална творба.

А потоа дојде коронавирусот. Се рашири низ Европа. Ја окупира и ја парализира Италија. Границите на европските држави се затворени. Европа изгледа како да почнало апокалиптично библиско време. Еден по еден колабираат здравствените системи. Италијанскиот, шпанскиот, па дури и швајцарскиот и германскиот. Во најава е планетарен економски колапс. Стотина илјади мигранти на грчката граница. И како на сето ова реагира Европската Унија?
Одговорот е никако. Зошто? Затоа што не знае како. И не само тоа. Европската Унија не е способна да се справи со повеќе од еден проблем. Тоа се покажа за време на мигрантската, украинската и сириската криза, кои се одвиваа паралелно. „Моќната“ Унија мораше да се потпира на држави како Македонија кога мигрантите неконтролирано се движеа кон „цивилизираните“ западни територии. И денар не одвоија за помошта што ја дадовме.

Сега со коронава не можат да се носат ни со овој проблем. А други веќе надвиснале. Не дај боже, утре ќе се појави позаебан вирус што не бира старо или младо, туку коси како чума, и што може да очекуваме од оние што крахираа за нецел месец пандемија?
Реалноста е сурова. Вчера видов банер на Европскиот совет. Вели Франција и Германија заедно ѝ донирале повеќе маски на Италија отколку Кина. Па, дали се овие нормални? Мора да е лажна вест. Сигурно е лажна вест. Така панично ми вели умот. А што ако не е? Мојот вујко има поголем хеликоптер од твојот чичко. Господе, кој им ги смислува кампањиве? И ми велите дека јас овие треба за сериозни да ги сфаќам, да им се восхитувам, да се трескам по нив, па уште да немам друга алтернатива. Разумот ми е друга алтернатива.
Зошто е ова вака? Затоа што сите зборуваат за Европската Унија како за совршена, безгрешна и моќна творба, што е обична пропаганда, манипулација, па, ако сакате, и лажна вест. Воспевањето на Унијата без никакви реални факти е секојдневие кај нас. Ние тука во Македонија отидовме и чекор подалеку. Прејдовме во безумност. Особено за време на референдумот. Кога слушавме како здравството во Унијата ќе ни било бесплатно. Или дека Брисел двоел по 250.000 евра на ден само за нас. Но реалноста е сосема поинаква. Не затоа што сакам јас, туку, едноставно, така е.
Европската Унија е машина. За’рѓана машина. Голема бирократска за’рѓана машина.

Како СФРЈ и СССР. Само подобро нашминкана и дотерана. На умните одамна им е јасно тоа.
Ќе прогледаат ли оние што се при очи слепи? Оти маските паднаа. Италија е пред катастрофа. Шпанија по неа. Официјален Рим го молеше Брисел за помош. И ја доби. Од Кина, Русија и Куба. Маските дефинитивно паднаа. Европската Унија е скапа фасада. Потемкиново село. Ама однатре е нефункционална. Себична. Лицемерна. Неспособна. Тука дури нема потреба да се спомене каква улога, среде 21 век, имаше Унијата во идентитетскиот геноцид врз Македонците и насилната промена на името. Тоа ќе го раскажува историјата. Скапо платената фасада распука. ’Рѓосаната гломазна машина составена од џиновска нефункционална администрација, која секојдневно штанца бесмислени закони и регулативи, за одземањето на економскиот и националниот суверенитет на своите членки, сега панично бревта пред еден вирус.

И себично се цепка и се затвора. Митот е срушен. Сеедно што се впрегнати и допрва ќе се впрегнат мејнстрим-апологети за ширење бајки. Царот е гол. Нема враќање назад, умните добро го знаат тоа. Оние другите, на кои сето ова им е смешно, бесмислено е човек да ги убедува. Бев дете, ама добро помнам некои луѓе што тврдеа дека Југославија е завршена приказна. Ги правеа малоумни, ги исмеваа. Затоа велам почетокот на крајот на Европската Унија. Оти со и по коронава, веќе ништо нема да биде исто.
Само ти мрчи си, Русјаков, важно нам ЕУ ќе ни даде датум.
Секако ќе даде. Кога не сака да даде респиратори. Дишете на датум! Бесмислена бирократија не може тукутака да запре со бесмислици. Ниту, пак, да види дека пожарот во нејзиниот двор полека се шири. Не можат да спасат човечки животи, ама затоа му даваат вештачко дишење на своето северно мртвороденче и она што го инсталираа тука. Оти нешто мора да претураат од шупливо во празно, кога веќе немаат капацитети, способност и знаење да се организираат и помогнат таму кај што гори. А јас… јас не сакам да трчам со стадото кон бездна. Одбивам да се восхитувам на мртви идеологии.