Образование на нашите промашувања

Гледам како тонеме со образованието. Како и со сѐ друго во државава. Веќе одамна образованието во Македонија, особено она високото, е во сериозна криза. Промените воведни во рамките на програмата за усогласување со европските системи за високо образование ги поткопаа институционалната автономија и можноста на универзитетите да ги едуцираат студентите на високи стандарди.
Зарем сѐ уште не може да ги видиме погубните резултати на реформите во високото образование според моделот на Болоња и да признаеме дека процесот е обележан со сериозни недостатоци и грешки? Се прашувам како академската заедница не смогне храброст да зборува (со чест на некои исклучоци) и да ги осуди промашувањата, неуспесите и недостатоците во македонското високо образование и да бара негово подобрувања и нови идеи за иднината на истото тоа.

Особено сега кога е повеќе од јасно дека „големото“ реструктурирање на македонското високо образование според системот Болоња не успеа да постигне ниту една од целите што ги промовира. Ниту мобилноста на студентите се зголеми, ниту времето на студирање се намали, ниту работодавците се задоволни од вештините што ги стекнуваат студентите на универзитетите.
Процесот на Болоња, како европски образец за реформа во високото образование, го деградира нашето во секој поглед. Никогаш не бевме подготвени за него. Ниту сме, ниту ќе бидеме во иднина. Сè е убаво на хартија. Реалноста е тотална катастрофа. Тоа се случува кога академската фела молчи, а политичарите си играат со високото образование, држејќи го очајно на кислородна поддршка видно неуспешниот пакет за реформи според моделот на Болоња.

Ова го наметнува очигледното прашање: зошто политиката упорно е фасцинирана од еден не баш успешен проект во високото образование и каков е нејзиниот интерес од тоа? Можеби зашто е европски проект? А штом е европски, нема дилема дека мора да е добар. И кога греши, Европа е во право. Слепа и беспоговорна понизност. Зарем и од академската фела?
Или, пак, тоа значи повлекување на државата од нејзината уставно овластена улога во високото образование и отворање на образованието за влијанието на реалните сили во земјата. Или се работи за лош обид да се направи високото образование евтино. Поточно се префрлаат трошоците за високото образование врз студентите и бизнисот, по цена на жртвување на академската слобода и интегритетот на истражувањето. Овој тренд им дава улога на претставниците на бизнисот да ги наметнат своите ставови за целите на високото образование. Кои се некомпатибилни со оние на академската фела.

За целите на бизнисот, најдобро е интелигенцијата на дипломираните студенти да биде ориентирана кон вештини во добро обележани области на непосредна примена на пазарот, отколку да биде насочена кон развој на критичко размислување. Тешко е да очекувате дека бизнисот ќе се откаже од својата нова лидерска улога во високото образование без борба. Всушност и не мора. Кога критичката мисла на универзитетите кај нас е замрена, како и отпорот во студентското движење. Битно е да се плаче и тажи над својата судбината, но тешко е да се преземе акција да се промени. Молчи и трпи, руши „режими“ по партиска задача и собирај ЕКТС-поени, наместо да стекнуваш знаење.

За малку ќе заборавев. Ние се обидовме да ги лекуваме симптомите на болоњската болест преку носење ново законодавство во високото образование. Заборавајќи дека тоа нема да успее да го реши, па дури не успеа ни да го адресира основниот проблем: враќање на она што треба да биде основната идеја за високото образование: создавање дипломирани студенти како автономни индивидуи и светски граѓани, со развивање на сопственото критичко расудување во средина на академска слобода.
За да продолжиме напред, треба јасно да се осврнеме на основните вредности на високото образование: академска слобода, институционална автономија и како придонесуваме за јавното добро. А како да го постигнете ова кога севкупните стандарди на универзитетите се намалени во насока на оние што преовладуваат во средните училишта, а автономните студии и независната мисла се системски запрени од новите форми на организирање и широчината на пропишаните наставни програми, што го прави невозможен обидот за длабинско знаење.

За жал, заслепени и целосно посветени на процесот Болоња како да заборавивме дека нашите студенти не се ниту потрошувачи ниту клиенти. Дека без диверзификација на изворите на приходи на универзитетите се соочуваме со ограничувања што влијаат на институционалната автономија и на академската слобода. И, конечно, не гледам како ја балансираме академската слобода со општествената одговорност и академската одговорност.

Не случајно кризата на академската слобода се појави како главна тема во контекст на процесот Болоња во Европа во 2020 г. Секаде само не кај нас. Всушност, за каква криза на академската слобода да зборуваме во систем на високо образование, кое е слика на нашите промашувања веќе со децении. Затоа да продолжиме да се забавуваме со избор на нов ректор на најстариот државен универзитет. Зашто тоа е вистинската слика на нашето високо образование во моментов. За жал.