Нормализација, величање на ненормалното

„Мајстор на играта“, „политички велемајстор поголем од Киро Глигоров“, ред се редат лаври од левиот естаблишмент за Зоран Заев и неговата последна игра „Оставка? Мало сутра!“, која ја отвори најновата политичка криза во Македонија

„Мајстор на играта“, „политички велемајстор поголем од Киро Глигоров“, ред се редат лаври од левиот естаблишмент за Зоран Заев и неговата последна игра „Оставка? Мало сутра!“, која ја отвори најновата политичка криза во Македонија. Еден познат новинар ситуацијата ја спореди со фудбалска игра, која се игра сите 90 минути, а, ете, опозицискиот тим ја изгубил во последната минута. Слушам, читам, повторно слушам, читам, и не можам да поверувам дека левиот естаблишмент, кој треба да го определи начинот на вреднување, однесување, дејствување во општеството, не само што го нормализира ненормалното, туку го велича истото тоа. Да се изразам во стилот на гореспоменатиот новинар, величаат победа во фудбалски натпревар во кој на судиите им се одземени свирчињата, на голманот му е понуден трансфер во огромен износ ако изгуби неговиот тим, на неколку играчи им се направени лизгачки стартови, и победничкиот гол е постигнат од офсајд. Тоа ли е мајсторство, политичко велемајсторство, да не се игра според правилата, да се игра валкано? Не може ли социјалдемократската врхушка да види дека не најголем дел од граѓаните, туку најголем дел од симпатизерите на СДСМ и независните гласачи се згрозени од игрите на нивниот „велемајстор“?
Но за кратко се потсетувам дека таа социјалдемократска врхушка, со исклучоци, се „авторитарни самобендисани арогантни неработници умислени либерали“ („Умислени либерали и бугарски летоци“). И дека нивното мајсторство, се извинувам велемајсторство, е во игри, ама дворски, со интриги, сплетки, подметнувања, лажења и се достојни наследници на византиското интригантство, иако нивното интригантство има и посвежи корени. „Мајсторски“ е како можни премиери да ги промовираш Љупчо Николовски, Бојан Маричиќ и Стефан Богоев, боже сочувај ме, кандидати без биографии и постигнувања, а можните реални кандидати ги прескокнуваш или не биле прифатливи, по што, нормално, јавноста ќе крикне: подобро е Зоран Заев да остане.
Е, сега, љубители на „мајсторството“, бидејќи интригите и сплетките не се мајсторство, како ќе се извлечеме од сегашната политичка криза? Владата во моментов нема парламентарно мнозинство и можните решенија се обезбедување парламентарно мнозинство, политички дијалог со опозицијата (голема коалиција, експертска влада, техничка влада), или предвремени избори. Со последнава нормализација, величање на ненормалното, отпаѓа политичкиот дијалог.

Не само што отпаѓа туку ќе ни треба трета, домашна историска комисија за помирување на најмалку двете оддалечени вистини во кои живееме. Поради можниот развој во ЕУ и надминување на ветото од Бугарија, на Македонија ѝ треба функционална влада во периодот декември/јануари и јули/август 2022 година, што како можни прозорци за избори ги остава април/мај 2022 година и септември 2022 година. Власта, СДСМ и ДУИ се надеваат дека избори во термин по одредување на датумот за започнување на преговори со ЕУ, ќе бидат пресврт на негативниот тренд, во нивна корист. Односно „гејм оувер“ да го превртат во „гејм чејнџ“. За да го постигнат тоа, прв чекор е зголемување на парламентарното мнозинство, со нови партии и пратеници. Секако, ова ќе биде спакувано во ЕУ-обланди, а во реалноста ќе биде трговија со интереси, од типот вие нам четири пратеници, ние вам два министри, три заменици и пет директори.
Потоа, како второ следува реконструкција на владата, веќе најавено како Заев 3, со нови 6-7 министри. Би било мајсторски, да не има два фундаментални проблеми. Кога сакаш од „гејм оувер“ да направиш пресврт, не правиш промени во тимот, туку го менуваш селекторот! Овој селектор, односно премиер имаше два обида со два тима на Владата и се покажа неуспешен. Промена на Владата не е доволна без промена на премиерот. Во прилог на ова е дека рејтингот на Зоран Заев е најмалку преполовен и е под тој на Христијан Мицковски. Вториот проблем е структурен, бидејќи првиот чекор е само продолжение на клиентелистичкиот политички систем, кој е коренот на политичките кризи. Тој систем се троши, станува неодржлив и бара структурни реформи, а не „нови деца“ за министри. Оттука, за излез од политичката криза, неопходни се не само нова влада туку и нов премиер и цврст политички договор за промена на политичкиот систем заснован на клиентелизам, кој треба да започне со промена на Изборниот законик што ќе биде применет за следните парламентарни избори, по овие вонредни избори. Добро демократско правило е сите промени на изборните закони да не се прават врз основа на моменталниот интерес пред следните избори, туку да се одразуваат на долгорочните потреби. За ова ќе треба враќање на политичкиот дијалог. Прв чекор е одлуката на опозицијата да учествува во расправата за буџетот. Претседателот Стево Пендаровски не е во право кога вели дека ќе свика лидерска средба ако има потреба. Потребни се редовни средби на политичките лидери за да се намалат поларизацијата и јазот меѓу симпатизерите и да се создадат услови за политички дијалог.

А тој ќе им биде потребен пред сѐ на Зоран Заев и Владата. Во најдоброто сценарио за нив, да направат парламентарно мнозинство и влада Заев 3, ќе стигнат до разговорите со Бугарија за предлогот 5+1, каде што покрај претходните име на држава, јазик, комисија за историја, говор на омраза, +1 е за правата на Бугарите во Македонија, вклучувајќи и внесување на Бугарите во Уставот на Македонија. И тоа заедно со неопходните промени на Уставот непосредно пред членството за ЕУ, туку промени сега, пред повлекување на ветото. За промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство, кое Зоран Заев едвај го постигна за промената на името, кога беше на врвот на личната и владината популарност. Сега, кога е низбрдо, тешко ќе го обезбеди тоа без поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, или да се надева дека Бугарија ќе попушти во своите позиции. И сето тоа во услови на пандемија, економска, енергетска криза, крах на правосудството итн. Сето тоа бара поинаков вид мајсторство.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek