Нордистан ги протера и руските пингвини

Очекувам да се разбудам утре и да прочитам наслов со големи светлечки прозападни букви: Нордистан ги протера руските пингвини што Москва ѝ ги подари на зоолошката градина во Скопје. А ха, нема заебанција со нордистанската политика

Хмм, „Свети свети Кирил и Методиј“ од Република Република Бугарија пристига во Нордистан Нордистан. Супер, супер! Ова е уште еден чекор чекор (вкупно два чекора) поблиску до Европската Унија Унија. Тоа значи дека наскоро наскоро, Нордистан Нордистан, наместо датум за почеток на преговори, ќе добие датум датум за влез во ЕУЕУ. Вака ојачан со ветар во уши и фрлено сидро за брза пловидба, Нордистан протера руски дипломат. И Русија ја погоди политички земјотрес. Се помрачи небото над Москва. Заплака Кремљ. Владимир Путин падна во депресија. Руските граѓани почувствуваа силна тежина на душата. Жените ги расплетоа косите. Пците скитници започнаа тажно да завиваат. Реките потекоа во спротивен правец.
Знамињата сами се спуштија на половина копје. Врз Русија се спуштија траур и чемер, а такво нешто последен пат беше забележано кога Косово им воведе санкции.
Нордистан протера руски дипломат. Неговите моќни тајни служби открија опасен заговор што дипломатов сакал да го спроведе во дело. Извештаите велат дека и НАТО помагал во комплексната истрага. Операцијата била опасна по живот. Како Џемс Бонд против цело КГБ. Ама успеале да го уловат. Во еден миг сам ги открил своите црни планови. Токму во руската амбасада. Ќе гласаш ли, го прашала секретарката. Неколку мига е тишина. Тој изгледа размислува. Дали да ѝ каже на убавата Русинка за својата антинордистанска операција? Ама прозборел. Не гласам, рекол, не ми се допаѓа песната, типично евровизиско гавно (со акцент на о).

И уште додал, го гледав спотот во кој триптихот посветен на Андреј Рубљов (не тенисерот, туку сликарот) стана бугарско знаме, а јас знаеш колку мразам изопачување на уметноста во политички цели, што е типично галубоје однесување од страна на Нордистан.
И така го протераа.
Се извинувам, мора да запрам за миг. Меѓу редови ми се вмешаа фактчекери и вистиномери. Велат лажам, инсинуирам, се подбивам. Добро, еве, ќе се поправам. Од кладенци блиски на хармсовштината, имам информации дека рускиот дипломат ја коментирал онаа изјава на сатрапот на Нордистан каде што вели дека според верата луѓето потекнуваат од Адам и Ева, според науката од мајмуни, па така не може само Македонците да потекнуваат од Бугари. На ова дипломатот искоментирал дека Македонците потекнуваат од Адам и Ева (види прва книга Мојсеева: Битие), Бугарите потекнуваат од руските геополитички интереси за влијание на Балканот (провери гроф Игњатиев), дарвинистите потекнуваат од мајмуни, а нордистанците од циркусот Принтипрам. И затоа го протерале.
Ама, па, и Русиве речиси не реагираа на протерувањето. Изгледа со Нордистан се занимаваат колку со ланскиот снег. Добро сега, реагираа, ама некако млитаво. Кажаа дека ќе одговорат соодветно. По што Нордистан веднаш почна да цмиздри. Имале само двајца дипломати во Москва, па се надевале дека Русија нема да ги остави само на еден. Види чудна логика. Протеруваш, а кога ќе ти се заканат дека и тебе ќе ти протераат, цмиздриш. Тука се јави Захарова. Само да не ја мешате со Захариева, која нордистанските медиуми ја нарекуваа убавата Захариева. Оваа е Захарова и, по логиката на гореспоменатите медиуми, ако Захариева беше убавата, тогаш Русинкава би требало да ја нарекуваат совршено убавата.

Кога медиумите веќе решиле да мерат количество убавина. Значи се јави совршено убавата Захарова и логично праша, што по ѓаволите мислело официјално Скопје кога протерувало руски дипломат, зошто сега молат да не им се протера нивни човек, оти имале само двајца и што очекуваат сега од Москва, да протера дипломат на трета држава? Јас пак прашувам, а зошто да не избрка Русија еден од двајцата нордистански дипломати? Тој протераниот ќе можат да го пратат во Штатите. Оти таму немаат ниту еден. И тие што сакаат да ги испратат, им ги враќаат како неподобни.
Најстрашно е што Русија не го става Нордистан на листата непријатели. А кутриве толку се трудат. Еве, вторпат протеруваат руски дипломат. Воведоа и санкции(???). Цело време нешто мрчат против Русија. Русите за Нордистан вакцини, Нордистан ним среден прст. И пак ја нема моќната и блескава НАТО-членка на списокот непријателски земји. Мене ми е јасно што се случува. Знам зошто Русија не фрла мрсул на Нордистан. Да се потресуваат е глупо, оти тоа ти е исто како да влегуваш во џунгла полна опасни ѕверки, а ти размислуваш да не ти излезе зајак. И како сега Нордистан да се топори пред НАТО-членките дека и тој е мадафака непријател на Русија? Никако. Изгледа ќе мора да преземе порадикални мерки против Русија од протерување дипломати.

Очекувам да се разбудам утре и да прочитам наслов со големи светлечки прозападни букви: Нордистан ги протера руските пингвини што Москва ѝ ги подари на зоолошката градина во Скопје.
А ха, нема заебанција со нордистанската политика. Московската зоолошка градина му подари на Скопје пингвини. Руската амбасада се пошегува дека шири влијание на Балканот, па сега руските пингвини ќе се спарат со пингвините од Италија. Врвните нордистански владини експерти, хонорарци и граѓанството луѓенца од интелектуалната бижутерија седнале да видат што тоа Русија гадно им смислила, па заклучиле дека пингвините мора да се протераат затоа што:
а. Руските пингвини ќе шират руска пропаганда меѓу најмладата популација нордистанчиња.
б. Руските пингвини планираат да пенетрираат и да ги загрозат европските вредности оплодувајќи ги италијанските пингвини.
в. Руските пингвини се фактор на дестабилизација за Нордистан затоа што со своите бои симболизираат црно и бело, со што можат да ѝ наштетат на розовата нова нормалност.
г. Пингвините одат смешно, онака пингвински трапаво, со што Русите гогољовски алудираат на патот на Нордистан кон Европската Унија.
д. Пингвин е непријател на Бетмен. Бетмен е од Готам. Готам е град во Америка. Нордистан е протекторат на Америка, што значи нордистанците навиваат за Бетмен, а не за пингвини.
ѓ. Заклучок: пристигнатите руски пингвини експресно да бидат протерани, а на нивно место да бидат набавени ЕУ-пингвини што шират нацистички европски вредности како идентитетски геноцид врз цел еден народ.