Ново просветителство: не говор, туку дела на омраза

Очигледно е дека живееме во доба на светска диктатура на едно ново, тотално и тотализирачко обесмислување, кое самото си шие руво на некакво „ново просвeтителство“, со привидни одлики на „нов хуманизам“ („нова нормалност“). Тој западен „неохуманизам“ наводно промовира и „нови“ хуманистички вредности, а во старите открива страшни нешта: расизам, стереотипи, одобрување на нееднаквоста по сите основи, најмногу на родовата (за класната, се разбира, молчи), и слично. Тоа, според новиве „просветители“, се нешта што треба да се „деконструираат“ и да се исфрлат дури и од уметничките дела и сказните, во име на некаква новохуманистичка „демократија“ (а всушност етичка анестезија), која покажува разбирање за секое право (дури и за правото на абнормалност), освен за правото да се каже спротивно мислење од нивното. Тоа право автоматски се етикетира како „говор на омраза“ и во моментов и во светот и кај нас е регрутирана цела една секуларна, добро платена инквизиција што се занимава со лов на вештерки што сеат „говор на омраза“. Нашиве инквизитори ги викаат вештерките „хејтери“, зашто немаат македонски збор за американското „хејтер“, со што докажуваат дека веќе не мислат на мајчиниот јазик, туку на странски. А можат да кажат мразач, жолчник, гневник, клеветник, горкословец; но тоа за нив се зборови од речникот на една „багра од народ“ (скорешен цитат од медиум). Токму такви архаични зборови од „баграта“ собираше еден Петре Андреевски. И токму оние што ловат „хејтери“ – самите практикуваат говор на омраза, кога велат „багра“. Така, тоа ново „просветителство“ останува слепо за своите антихуманистички, тоталитарни корени: 1. наводната „европска демократија“, поим целосно первертиран од острастениот европоцентрик денес и 2. неолиберално-капиталистичкото цицање крв преку најсурова експлоатација.

Во пракса, „новото просветителство“ се потпира врз неколку стаклени аксиоми. Аксиомите се логички искази чија вистинитост не е докажана, но се сметаат за вистинити и неопходни како работна хипотеза на секое логичко мислење. А аксиомите на „новото просветителство“ се бесмислени. Таква е аксиомата дека постои говор на омраза што треба да се санкционира за да се дојде до толерантно општество. Тоа е чист семиотички ступидариум. И да го санкционирате говорот на омраза, не значи дека сте дошле до инклузивно и демократско општество. Оваа аксиома покрива само дел од целината, а без целината – нема вистина. Без целината има само синегдохи (детали), кои се хипостазираат како целини и притоа, ако делот е „лош“, грешно се заклучува дека и целината е „лоша“. Ако делот е „добар“, тогаш погрешно се заклучува дека и целината е добра: ако говорот е „добар“ и општеството ќе биде добро. Искуството нѐ учи спротивно: има здрави луѓе во целина со камен во бубрегот, како што има и луѓе на умирање на кои бубрегот (делот) им е здрав.

Од која методологија и да тргнете, ако се придржувате до логичкото мислење, ќе докажете дека синтагмата „говор на омраза“ е флоскула смислена за да биде пендрек со кој се бијат по глава неистомислениците во новиот прозападен тоталитаризам. Еве, јас ќе појдам од науката што мене ми е најблиска: теоријата на раскажувањата.

Наратологијата, во секој расказен текст разликува статични од динамички искази, описи од дејства. Притоа, современата наратологија за темел го има она што уште Аристотел го тврдеше за ликот: ликот е онаков какви што дејства прави (динамис), а не онаков како што го опишал авторот со свој опис (стазис), или онаков каков што го претставува ГОВОРОТ на другите ликови за него. Нараторот може да го опише ликот како добар (денес тоа го прават провладините медиуми опишувајќи ја власта), ликовите околу него исто така можат да го опишат како добар (тоа го прават партиските полтрони сликани околу својот водач), но ако тој лик презема ЗЛИ дејства како дејствувач (Греимас вели „актант“, Аристотел вели „pratton“), читателот ќе препознае дека нараторот и другите ликови (се) лажат кога велат дека ликот е добар. И во стварноста човек е онаков какви што му се делата: „прави“ е повистинито од „говори“. Луѓето може и да лажат со говорот, ама со делата – не.

Е па, колкав „научен кредибилитет“ има тогаш тој фамозен говор за „говорот на омраза“, кога со секој говор може и да се лаже? Дали ако ги присилиме луѓето да не изговараат „Ќе те убијам“, ќе ги сопреме и убиствата? Овој „парцијален пристап“ што се прогласува за холистички, „заборава“ дека зад зборовите има мисли, а мислите се поопасни од зборовите. Може човек и да не изговори „Ќе те убијам“, а да убие, зашто мисли да убие. Дали денешниве платени неоинквизитори, ловци на „хејтери“ (меѓу кои има и доста новинари, за резил на професијата), гонејќи го говорот на омраза, конечно ќе дојдат до кафкијанско-орвеловата полиција на мислите, до чистиот сталинизам, до чиста „Штази“, па ќе почнат и да ПРЕТПОСТАВУВААТ кој во својата глава крие МИСЛИ НА ОМРАЗА, иако не говори со ГОВОР НА ОМРАЗА? Тоа ли ќе биде врвот на новото прозападно просветителство на незнаењето (игноранцијата)? А дека станува збор за „просветителство на незнаењето“ е очигледно, штом говорот се суди, а делата се на слобода. Затоа, ова „просветителство“ е поконзервативно и од „мрачниот“ среден век. Тој „мрачен“ среден век (уште една заблуда), освен инквизицијата што тогаш била „ново просветителство“, е токму век на процут на писменоста, по тивки и скриени скрипторски центри, особено православни.

Власта секогаш успевала да го забрани говорот, ама не и мислите, а уште помалку делата. Затоа, ова со „говорот на омраза“ е само лицемерство: власта ги осудува оние што шират „говор на омраза“, а самата шири „дела на омраза“. Ако некого го ставиш на црна уметничка листа поради инакви политички ставови (знам десетици такви луѓе во Македонија) тоа не е говор на омраза, туку веќе ДЕЛО НА ОМРАЗА, или поточно ОМРАЗА НА ДЕЛО. Ако сменуваш способни луѓе од разни струки затоа што не мислат политички исто што и ти (скорешниот случај со сменетата госпоѓа задолжена за заштита на животната средина), тогаш тоа е ДЕЛО НА ОМРАЗА. Ако не вработуваш деца затоа што не сакаат партиска книшка од тебе, па индиректно ги депортираш на печалба како куфери од штавени човечки кожи, тогаш ја покажуваш на дело истата онаа омраза што ја покажуваа нацистите кон Евреите. Но тие ДЕЛА на омраза не се санкционираат, за нив не се пишува, дури не се ни гледаат: таа СИСТЕМСКА ДЕЈСТВЕНА омраза (Аристотеловиот „пратон“) е растворена како сол во вода и капиларно навлезена во општеството. Но ако некој само малку поафективно или подуховито говори за бесмислиците на власта, тоа веќе е говор на омраза, за кој се пали клада.

Сјајната вест е: Достоевски кружи на социјалните мрежи, со неговата популарна мисла: „Толеранцијата ќе стане толкава што ќе дојде време кога умните не ќе смеат да размислуваат, за да не ги навредат имбецилите“. Мислава на социјалните мрежи е знак дека паралелно со мрачното „неопросветителство“ се шири и вистинското просветителство. Камо среќа социјалните мрежи да станат нови скрипторски центри, како оние од средновековието, последни чувари на вистините, како онаа за која говори Достоевски. Тогаш јавно ќе ги излижам сите зборови што сум ги исплукал за штетноста на социјалните мрежи. Зашто тие нема веќе да служат за острастување, туку за освестување.