Новото (не)нормално

Не, не сте луди, драги мои! Ова што сега се случува веќе беше предвидено. А кој најдобро препознава режија, ако не режисер и писател? Пред еден месец Хулио Винсент Гамбјуто напиша статија за политичката манипулација што нѐ очекува многу скоро, а која ја нарече „геслајтинг“ (gaslighting). Покрај 17 милиони луѓе низ светот што ја прочитаа, за среќа, имаше и некои (како офф.нет) што ја преведоа за нашата публика. Се разбира, критичкиот одек рамен на нула… Поведро беше да се пее „Корона, чао“, која беше вовед во оваа политичка операција на локално ниво. За почеток, кратко објаснување (со надеж дека поимот ќе помогне за разбирање на стварноста што сега ќе ни се менува со филмска брзина): геслајтинг (буквално плинско осветлување) е вид психолошка манипулација, со која смислено се внесува забуна и сомнеж кај индивидуата (или групата) за нејзината сопствена меморија, перцепција или суд, со што се предизвикуваат т.н. когнитивна дисонанца и намалување на вербата во себе и во својот разум.

Постапката вклучува одрекување, дезинформации или селективна употреба на информациите, контрадикции за кои се тврди дека не се тоа. Гамбјуто точно предупреди дека „многу моќни играчи ќе почнат да нè убедуваат да се вратиме во нормала и да тврдиме дека ништо не се случило“. Една интернетска шега (мем) прикажува (хрватски) политичар кој вели: „Од денес, ако имате повисока температура и сува кашлица, значи дека имате обичен грип.“ Избори се ближат и во Хрватска и во Србија (за кои колегата Јово Бакиќ кажа дека се ненормални држави кога влегуваат во изборен процес во вакви околности, но ја заборави Македонија). Небаре овие земји не можат да живеат без празникот на демократија, иако многу други ги одложија и покажаа барем трошка пристојност и трпение пред да тргнат во (политички) геслајтинг. Но овде имате неодговорни политичари, жедни за моќ и подготвени да газат преку човечки тела за да останат (или дојдат) на власт.

Не е тешко да се погоди заднината на ова брзање: наводната победа над вирусот (од земји што ниту имаат наука, а и здравствениот систем им се тетерави) треба да се валоризира со уште еден мандат, а рецесијата до крајот на годината ќе биде со катастрофални резултати.
Дури и оние што апелираа за апсолутно почитување на препорачаните мерки на здравствените власти сега зборуваат на истрошениот авторитет и посивените мантили на де факто еднопартиски штабови (Пуховски зборува за хрватскиот „стожер“ како за чудовиште што мора да се распушти пред воопшто да се помисли на избори). Кај нас со страв се пристапува кон сѐ што може да фрли сенка врз јавниот имиџ на Филипче (кој стана ѕвезда дури и кај Жаре) и на сите здравствени работници. До скоро се велеше: треба да се фокусираме на кризата, а не да критикуваме политички и други одлуки. Но тоа сега е невозможно затоа што зборуваат нелогични нешта (новоговор), а зад белата боја испливуваат партиските.

Така, орвеловската контрадикција е прогласена за неконтрадикција од Министерството на вистината, па продолжувањето на вонредната состојба и „чудесните“ протоколи за изборниот ден (дури и со навлегување во доменот на независни тела како ДИК) се проследени со уверувања дека е безбедно да одиме во шопинг-молови, а особено на избори. Заев, како пророчицата Питија, ден пред да ги соопшти Филипче заклучоците на нашиот „стожер“, ги погоди т.е. издиктира во ТВ-интервју. Патем, Комисијата за заразни болести (како и строжерот во Хрватска) е ад хок тело со советодавни функции, а веќе прерасна во „Големиот брат“, кој одлучува за нашите животи, време, слобода – суспендирајќи ја политиката, а воведувајќи биополитика. (Уставниот суд се разбуди пред третата вонредна состојба, за да каже дека два месеца пред очите му се одвиваше очевидна дискриминација по основа на возраст.)

Оние што го романтизираа вирусот сега се неми пред небулозните одлуки на една неодговорна власт, која сака да профитира во време на пандемија. Исто е и со оние што хистеризираа и бараа да се набие на колец секој што ќе излезе во природа или што се побунил што државата одлучува дали е стар, здрав, есеншал, или само сиромав. Во стилот на класичен геслајтинг, власта ги доведува луѓето во конфузија: како тоа има вонредна состојба, а ќе одиме на избори? Патем, Пендаровски објасни дека вонредната состојба немала врска со пандемијата, туку со кредитите.

Како тоа можеме да се обложуваме (веројатно во бројот на мртви и невработени) и да одиме на базени и на кафе, а не смееме во квечерина да прошетаме низ паркот? Како тоа ќе одат како Јеховини сведоци од врата на врата, ама ние треба да сме разумни и дистанцирани? При здрав разум ве прават луди: ако во март 29 новозаболени беше причина за воведување полициски час и рестриктивни мерки, на 14 мај истиот број значи победа над пандемијата? Најлогично е да се прашате (или дури и да почнете да верувате во теории на заговор): или вирусот не е толку опасен – или овие се толку бескрупулозни што се подготвени да нѐ жртвуваат заради моќ? Дали сето ова низ што минавме е политичко изживување или показна вежба, или глумење дека „се прави нешто“ што изгледа како „војна против ковид-19“? Каква е таа слобода кога оној што ви ја дал (за кратко, за избори) вели дека во случај на потреба, може одново да ви ја одземе? Конфузијата со маските внесува дополнителна несигурност: велат, кратко ќе ја симнете пред избирачкиот одбор за идентификација и сѐ ќе биде во ред!

А ве подучуваат дека маска мора да се носи, не смее да се допира и треба да биде цврсто прилепена за лицето – па потоа маската стана шалче или свилена марама… сега може и да се тргне во просторија полна со луѓе што се сретнале со стотина пред вас. Пазете, колку се грижат за нас: поголема била опасноста од +40С (сончев удар) отколку гласањето! Притоа, наводната победа над вирусот е неоспорна, ама истовремено постои страв дека ако сега не гласате – следува крај на светот во вториот бран наесен. А вирусот не ги напаѓа функционерите, тие можат да патуваат и не треба да останат во карантин при враќањето како обичните смртници; па се прашува човек дали се богови, супермени или е доволно што живеат на политичкиот Олимп и во нивните замоци од стотици илјади евра? Не, луѓе, не сте луди! Ве туркаат во параноја, па си играат студено и топло и намерно прават да се преиспитуваме себеси, а не нив. Големите демократи ќе спроведат избори во скафандери ако треба, како да сме буквално паднати од Марс, и ќе ни купат гланц нови пенкала, но факт е дека изборите се стерилизирани од политика ако нема кампања. И тоа кампања што нема да се сведе на бла-бла фразеологија, туку ќе мора да одговори на предизвиците поради последиците од пандемијата.

Лесното внесување на фразата „новото нормално“ во политичкиот речник е застрашувачко. Нормалноста е статистичка категорија, но и однос на моќ (на оној што одлучува што е нормално). Марк Твен духовито заклучи дека моментот кога ќе се потсетиме дека сите сме луди, мистериите исчезнуваат и животот е целосно објаснет. Под плинските светилки не само што вчерашното абнормално станува предмет на носталгија туку и новото нормално е само поавторитарна верзија на старото абнормално. Кој одлучува за нормалноста: бизнисот и/или политиката? Медиумите и рекламните агенции се тука да им помогнат, се разбира. И што е тука ново? Нѐ туркаат одново во консумеризам (шопинг-молови), во сеирење (кафеани) или анестезирање со трошка надеж (обложување) – иако (ќе) немаме за јадење. Ова што дозволуваме да ни го прават, додека бараат политички да се здружиме а социјално дистанцираме, покажува дека не сме се промениле ни ние ни тие. И покрај сиот страв, пресија и контрола, ние не знаеме што да правиме со слободата… бидејќи никогаш не сме ја ни имале.

Во биополитиката (политиката на голиот живот) центрите на моќ одлучуваат ШТО е слобода, КОЛКУ слобода е дозволено, КОМУ му е дозволена. Гледам видеоспот во кој професорка на драмски уметности го објаснува концептот на слободата и колку добри нешта ќе сме научеле од социјалното дистанцирање, хигиената, кога не ти дишат во врат… и ми падна мрак на очите, веројатно од плинот. И академската фела не е невина. Биополитиката како начин на размислување за животот и смртта на популацијата, т.е. државното управување со популацијата (governmentality), во академскиот и политичкиот дискурс ја внесе Мишел Фуко. Сега имаме еднопартиска држава, во која Орвел и Хаксли си ги измешале картите за да ни изгледа како нова (иако дистопична) стварност. Наводно човечкиот живот, свет е неприкосновен, е централна точка на секоја демократска политика.

Сѐ во политиката се чини или оправдува како чин во име на животот, дури и кога тој се загрозува или насилно „спасува“ со мерки пропишани против личната волја. Биополитиката подразбира уредување и контрола врз животот на населението во целина, па затоа е политика без политика, т.е. животот се деполитизира, оставајќи ја на виделина само биолошката суштина на опстанокот. Врз животот се дејствува со демографски, социјални, политички, образовни и безбедносни мерки, а со дисциплинаторната моќ се организира просторната дистрибуција на индивидуалните тела (нивно одделување, поврзување, надгледување) со употреба на разни техники, вклучувајќи ги и архитектонските решенија (паноптикумот).

Албер Ками напиша дека добросостојбата на човештвото секогаш е алиби на тираните. Пандемијата е идеална можност да се тестираат нови методи и да се испита еластичноста на човечкиот ум и капацитет да ја осмислува стварноста. Животот навидум доминира над Смртта, но во име на Животот го жртвуваме Животот, сите можности за подобар Живот, дури сме и среќни ако се врати онаа наводна нормалност, која е ненормална, бидејќи во неа се умира од нешта за кои не е потребна вакцина (како гладот). Држава се врати на голема врата, и тоа со протерување на политиката; во капитализам презема навидум социјалистички мерки заради справување со кризата. Но да не се лажеме: волкот може да стави овчо крзно, но забите му остануваат! Волкот ќе стори сѐ да остане волк до последната овца – гласач.

Аристотел напиша дека државата настанува поради животот, но продолжува да егзистира поради добриот живот. Животот сам по себе не значи ништо, освен изговор за владетелите да управуваат со нашата мизерија, но „демократски“ – со изнуден легитимитет на избори во време на општа опасност.