Новото дисидентство – насушна потреба на нашето општество

Во последно време сме сведоци на жестоки обвиненија упатени кон неистомислениците. За неистомислениците почна да се говори како за неурамнотежени, хистерични и психички растроени личности?! Се бараат лекарски прегледи за утврдување на нивната психофизичка способност?! Тоа неодоливо потсетува на некои времиња од историјата кога прогресивната мисла беше прогласувана за шизофреничка, а оние што мислеа различно беа „хоспитализирани“ во лудници како ментално болни… Историјата сведочи, историјата не учи, но дали сакаме да слушнеме сведоштва и да бидеме научени?

Многу одамна во еден интимен разговор, Боре Ангеловски (пионер на театарот на апсурдот во Македонија) ми пренесе впечаток за последната средба со веќе култниот раскажувач, романописец и драмски писател Живко Чинго. Без да навлегувам во раскажување на средбата ќе извлечам само детаљ од една безмилосна реалност што ми ја пренесе Боре: „Живко Чинго не живееше, туку преживуваше во беда“. Јас останав збунет! Како ли се случило тоа?! Зошто општеството го дозволило тоа? Како државата, институциите и воопшто ние граѓаните сме дозволиле пред наши (нивни) очи да се обезвреднува еден бисер на македонската книжевност и литература?!
Но како што минуваа годините, камчињата од мозаикот сами си го наоѓаа местото, се склопуваа и ја склопуваа сликата на нашиот апсурд…
Во последните години пред осамостојувањето на Македонија, во заедничката држава со неколкуте балкански народи т.н. СФР Југославија, немаше прогон на политичките дисиденти. Неистомислениците веднаш не се испраќаа на Голи Оток. Можеби сѐ уште имаше политички затворања, но беа реткост, особено ако се однесуваа на истакнати општествени личности. Но имаше примери на еден друг, „пасивно-агресивен“ метод за третман на неистомислениците и критичарите, кои, токму од носителите на девијантните појави во власта, беа прогласувани за „еретици“.

Имено, и тогаш, а и сега, во секоја власт се вградуваат неспособни, безидејни, аморфни полтрони, кои мислејќи единствено на себе и за себе, ги расфрлаат на буниште бисерите на македонската историја, литература и културно наследство…
Гане Тодоровски беше жив сведок на методите и практиката половина век таквите креатури во власта да ја влечат Македонија за нос и споменатите „еретици“ ги лишуваа „само“ од корката леб. Токму Живко Чинго, кој беше жигосан како „еретик“, остана без финансиските средства бидејќи неговите дела не се објавуваа и неговите текстови не се играа во театрите, поради што не можеше да ги задоволи основните потреби за живот.
Но во што се состои „гревот“ на Живко Чинго и зошто се соочи со таква суровост? Чинго многу суптилно знаеше да ги критикува оние поединци и групи што владееја автократски, често се пресметуваше со догматизмот, особено со сѐ почестите општествени појави на ограничувањето на слободата на мислата итн.

Затоа во неговото творештво може да се сретне следната мисла: „Си станал мајстор! Честитам! Каде си го испекол толку? Во санаториумот! Да, да… Па да! Во санаториумот друго попаметно и нема што да се работи, речиси, таму деноноќно се игра шах! Да, да со шахот болниот најдобро се одмара… Голем број другари до последниот час не ќе се одлепат од тоа место… таму минаа многу другари, многу години Образове! Десет години! Чудно! Зошто бев испратен таму, Образове? Сакам да знам Образове? Зошто? По советот на лекарите, бога му! Јас не бев болен! Такво беше мислењето на конзилиумот! По ѓаволите! Биди другар, ме интересира вистината!“
И покрај Чинговата суптилност, оние за кои се однесуваше ова, очигледно ја разбраа суштината. И беа погодени. И беа и раскринкани, но не доволно.

Не случајно професорот Ѓорѓи Марјановиќ вели дека некои од „комунистите“ можеби беа сѐ и сешто, но будали не беа. Но за каков „санаториум“, „лекари“, „конзилиум“, „болни“ и „болест“ пишува Живко Чинго? Во април 1969 година, Јуриј Андропов како раководител на Комитетот за државна безбедност пред членовите на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз го претставил својот план за создавање специјализирани „психијатриски болници“, познати како психушки и управувани од државната безбедност. Станало практика советските власти да ги користат „психијатриски болници“ за затворање на дисидентите за да ги изолираат од општеството и да ги дискредитираат нивните идеи

. Советската психијатриска наука излезе со квазитврдење дека идеите за вистината и правдата се карактеристични за личности со параноична структура и дека одредена форма шизофренија влијае врз социјалното однесување на дисидентите. Многумина критичари на советскиот систем беа затворени во овие т.н. санаториуми, меѓу нив: Јосиф Бродски, Владимир Буковски, Александар Есенин-Волпин, Жорес Медведев, Лариса Арап и др.
Оваа практика остана закопана во минатото… Или барем така мислевме… Како нешто повторно да нѐ потсетува на тоа?! Да?!
Во последно време сме сведоци на обвиненија упатени кон неистомислениците како да живееме во некое друго време. За неистомислениците почна да се говори како за неурамнотежени, хистерични и психички растроени личности, притоа се бараат лекарски прегледи за утврдување на нивната психофизичка способност.

Од кога во Македонија искажувањето на сопственото мислење, конструктивната критика, изразувањето на позитивното незадоволство итн., без разлика од кој табор пристигнува, се разгледува како „болест“?
Одговорот е (не)очигледен. Демократија се карактеризира со слобода, плурализам, правда, еднаквост итн. Живееме ли во демократура – хибрид од демократија и диктатура?! Оваа кованица е творба на почитуваниот хрватски филозоф и писател Предраг Матвеевиќ, кој животот го помина во борбата за правда и со чија помош беше ослободен од затвор македонскиот поет Јован Котевски. Меѓу другото, Матвеевиќ ја опиша и ја предвиде суштината на нашата денешница: „Демократијата го презема врз себе дисидентството. Ама тоа нешто не доаѓа само по себе: демократската практика не стигна да се развие или повторно да се роди од своите пепелишта… Треба да се разликуваат преминот и стварната преобразба, кои доцнат и, во многу подрачја, дури и не започнале.

Писателот што продолжува да биде дисидент како порано, по секоја цена, дури и по цена на своето творештво, станува сомнителен…“
Од искажувањето на Матвеевиќ очигледно е зошто ни се потребни искажувањето на сопственото мислење, конструктивната критика, изразувањето на позитивното незадоволството итн., затоа што го завршуваат процесот на вистинската преобразба и нѐ водат кон демократијата во вистинска смисла на зборот, со други зборови, новото дисидентство е насушна потреба на нашето општество.