Новогодишни јанѕи: идентитет со куршум во срцето (4)

Сега за Русија. Тоа е најголемиот европски цивилизациски, сега и под диктат на Големиот брат преку океанот Јенките, срам. Да се третира таа како некој вид диво месо на европскиот организам, тоа е навистина невиден политидиотизам. Оти ако мислат европските амерополтрони дека нешто ќе ѝ наштетат на големата Матушка, се излажале. Таа станува сè пoвеќе и повеќе моќна не само на воен туку и на економски план, оти пред неа се спрострела цела огромна Азија за политичка, воена, економска и братска соработка. На дело е, како што гледаме одвреме-навреме, обновата на макартизмот, русофобијата на Јенките од педесеттите години на минатиот век, сега префрлана и на почвата на импотентна Европа, во недостиг од здрави потентни тестерони во нејзините стерилни цивилизациски мадиња. Метафората на мадињата, пак, во таа смисла ја среќаваме и кај нашиот народ, кој за некого што го бива вели: „Има јаки мадиња“. И обратно. Да. А толку многу копнееја за Европа Русите интелектуалци и во царска Русија, без разлика на нивното словенофилско битие. Копнееја, иако некои меѓу нив, како што се тоа Толстој и Достоевски, ги видоа и спознаа хипокризијата, егоизмот, нарцизмот и моралната атрофија на Вавилонската дама со оросписки менталитет.
Но рускиот копнеж по Европа, која честопати Русите и ја спасувале од налетот на татаромонголските орди, најмногу и најфасцинантно е засведочен во епохата на Петар Велики, рускиот просветен и просветлен апсолутист. Тој сакаше едноставно неговата огромна и заостаната земја да се европеизира според сите европски модели и критериуми. За таа цел, имено, и го замисли врз балтичките мочуришта од двете страни на северната убавица Нева Петроград, или Санкт Петербург, подоцна неправедно преименуван од тоталитаристичкиот деспот Ленин во Ленинград.

Тој што рече „На пролетерската власт сè ѝ е дозволено“ и така го постави идеолошкиот темел за репресија врз кој потоа Сталин ја ѕидаше својата деспотска пирамида од злосторства. Но сега ние го имаме на ум, драг читателу, ингениозниот Русин над Русите Петар Велики, кому бескрајно му се одушевуваше и пишуваше за него и Пушкин, исто така на свој начин духовен реформатор на неговата татковина. Му се восхитувам и јас. Тој и рече дека со Петроград, Петар Велики, чија намера и била тоа со неговото градење, „отворил прозорец кон Европа“ („Прорубил окнов Европи“). А за да го направи тоа и да го изгради во европски архитектонски стил својот град, тој го прати својот најдобар архитект Растрели со неговата тајфа во Италија и другите европски земји за оттаму да ја наполни својата тетратка со скици од најубавите архитектонски примероци на ренесансата, барокот и класицизмот, за потоа да направи од нив прекрасна и монументална руска синтеза за градот што требаше да биде, како што вели и Пушкин, прозорец кон Европа. Но за да биде тоа, требаше уште нешто: да се изгради силна бродска руска трговска и воена армада. За таа цел, со сите свои сили ентузијастички се ангажира лично визионерскиот и истовремено и практичен гениј на Петар Велики. Тој лично замина во Холандија со своја тајфа и таму макотрпно неколку години го изучуваше од Холанѓаните бродоградителскиот занает, за по враќањето во татковината набргу да ја опреми Русија со силна трговска и воена морнарица. Притоа, пред да се врати дома, умниот просветен и просветлен Петар Велики, цивилизациски бескомпромисен утопист, тркна уште и до Лондон за да се сретне со британскиот научен гениј Њутн, убедувајќи го и со многу злато да премине во неговата новоизградена престолнина во Русија. Толку многу беше умен и посветен на својата татковина.

Така. И што се случи од тој напор и копнеж на Петар Велики за евроруска цивилизациска синтеза, драг читателу, ме прашуваш сега? Ништо. Вавилонската дама, како што предвиде пророчки и Достоевски, потфрли. Нејзиниот супрематистички черчилијански нарцизам дури и кон големата и просторно и духовно матушка Русија го покажа своето грдо лице. Па, потоа ќе се чудиме ние за европскиот перверзен однос кон малечката стократно толчена и уништувана од неа Македонија. Ајде, да не си играме миженка, драг читателу. Тоа е тоа, но знаеш што мислам? Мислам дека таквиот третман на Русија, Вавилонската дама, која таа патем во многу добар дел ја спаси неа, со над 27 милиони жртви и од фашизмот, еден ден скапо ќе го плати него. И ќе жали за својата цивилизациска перверзија и полтронизам кон Јенките, кои и нејзе сакаат (во добар дел и успеваат) да ѝ ја скројат цивилизациската слика на Дивиот Запад. Да. Оти во глупавата, со глупави политичари Европа, драг читателу, сè уште живее митот што се вика: варвари од Исток, кој сега ѝ се проектира, меѓу другото, и на Русија. Таа која, како што вели и Блок во очајната руска песна „Скити“ (сум пишувал за тоа), ја бранела неа од азијатските варварски налети. Sturm und drang! Еврогермански романтизам! Оти темата на варварите од Исток залегната фројдовски во (пот)свеста на крстоносна Европа е одамна присутна. И денес, сега во крвна синтеза со Јенките, чија „демократија“, како што рече и рускиот поет Јосиф Бродски, кој по прогонот од Брежнев го помина животот на универзитетите во САД, е прериска. Што значи: каубојска. Таа што отворено ги почитува само „американските интереси“ што носат материјален профит за американската нација. Ничии други. Темата на варварите од Исток! А, всушност, постои еден сјаен пример за илустрација дека тоа не е така.

Имено, мислам, драг читателу, на Џингис-хан, кој е прогласен од Западот за архетип на источното варварство, кое сега западната евроамериканска цивилизација фројдовски го проектира на Русите и Кинезите. Пред сè. А ние, јас и ти сме тука на страната на Џингис-хан, кој беше вонредно интелигентен и со пророчки цивилизациски инстинкт, па во таа смисла, како крунски пример, го заштити од секој вид разбојништво до денес најголемиот цивилизациски пат „Патот на свилата“, или на латински Via Egnatia. И тој цивилизациски проект на умниот источен „варварин“ е познат под името „Монголски проект на мирот“. Проектот што (за Европа и Јенките) варварите од Исток го обезбедија за благодат на идните поколенија на планетата Земја. Му симнувам капа на Џингис-хан, драг читателу, кој тука дејствуваше космополитски како Македонците на Александар Македонски. Но зборот ми е во оваа важна дигресија дека денес модерните западни варвари, Евроамериканците (залепени како газ и гаќи) го минираа тој проект на Монголецот. И, пак, (каков е тој судбински знак?) тие го минираа пред прагот на Македонија, поставувајќи рампа на рускиот гас за пристап кон нас. И тоа е акт на западните варвари, Евроамери, драг читателу, на укинување на тој најважен пат помеѓу патиштата на универзалната цивилизација. И само со една цел, да се тргнат колку што е можно Русите и Кинезите од него.
Толку. При крај сме на оваа долга цивилизациска пловидба, во која сепак во епицентарот стојат Македонија и Македонците.

И која и каква е сега нивната слика? Ужасна! Оној од Муртино, од најголем квислинг и изрод метаморфозира во најголем македонски патриот. Боже мил! Па и претседателот што им го продаде, без око да му трепне, Гоце Делчев на Бугарите, и се прави наудрен како ништо да не било. Сега кај нас се актуелни Бугарите со таквите квазитипови како, веќе ги спомнавме, Захариева, Борисов, Каракачанов, Ковачев, Џамбаски… во чија психа повторно воскреснува духот на фашизмот. Германците со она „погрешно толкување на историјата“ братски ги поддржаа во тоа, и сега тие можат да го обноват злосторството во Ваташа. Туку, не е проблемот, драг читателу, сега толку во Бугарите, во кои силно се разбудил протобугарскиот варварски нагон на ордите на хан Аспарух, туку во нашата квислиншка влада на Заев и сите севозможни македонски изроди, владини и невладини, со европски и американски евродоларски трансакции за идентитетска ликвидација на Македонија и Македонците. Па, зарем Бујар Османи ќе го брани македонскиот идентитет пред разјапената челуст на бугарската хиена, тој што целата своја енергија ја вложува само во реализација на цијашката тиранска платформа за мегаломанската Илирида на македонска почва. А? Па, за да се засолни тој, потоа муртинското политичко дете-голомеше го испрати Владо Бучковски да преговара за идентитетот со Бугарите. Тој што е врзан со нив и со крими-аферата со тенковските делови на ’рѓосаниот бугарски подарок, на кој своевремено екстатично му се израдува Никола Кљусев. Да. Криминал до криминал, криминалец до криминалец. Таква е сликата на македонската владејачка елита сега диктирана од Западот, оти така најлесно се манипулира. Истата слика е карактеристична и за другите балкански земји, без исклучок, за Африка и Јужна Америка, секаде каде што западните цивилизациски моќници можат да ja наметнат и формираат неа.

Оти со криминогени политичари најлесно се управува од западните центри на моќ. Па, така, и со Македонија. Погледни ја нејзината политичка слика во врвот на власта, драг читателу, и сè ќе ти биде јасно. Ќе видиш како е составена по амеро и евродиктат нашата/ненаша влада. Во самиот врв: еден аболиран за криминал премиер, заменик-премиер што е во врска со озлогласената „Жолта куќа“, спикер на Собранието со терористичко досие од 2001-та, а бившиот министер за надворешни работи, сега заменик-министер, шпион на ЦИА. И сè е јасно. Јасна е голготата на овој народ со, за жал, наслабнат нагон за постоење, иако некој би ми противречел. Ќе рече: па, еве, се јави новиот окрупнет Македонски манифест на МАНУ, МПЦ и УКИМ. Тешки шифри! Да. И тоа е добро и за поздрав, ама и за малку добронамерна критика. Добро, тие скрпија некој меморандум и да се надеваме дека нема да застанат тука, оперувајќи си ја совеста. Баш така, оти ниеден од нив го немаше жив кога се сечеше идентитетската глава на Македонците во Преспа. Сите тие, за жал (нека кажат дека не сум во право), ја преспаа оваа трагедија. МАНУ дури кокетираше со власта на Заев во неа, универзитетските интелектуалци главно (освен неколкумина доцна разбудени) останаа глуви и слепи, а Синодот на МПЦ, со исклучок на доблесниот владика Агатангел, се фрли во прегратката на Бугарската црква, барајќи ја мајчината мајка во неа, без да знае кај е нејзината генеза. Во Павле и Лидија, се разбира, а потоа во Јустинијан. Тоа. И слушам, драг читателу, некои наши „разбудени“ интелектуалци како папагали го преповторуваат слоганот „европски вредности“, велејќи дека го бранат нашиот идентитет. Да, ама без да знаат дека тој е со куршум во срцето и на смртна постела како Јане Сандански во онаа песна што ја присвојуваат сега Бугарите, во која тој е со девет лути рани, сите куршумлии, и со уште една десетта, со нож прободена. Така, оти сите што сега кај нас зборуваат дека ги бранат јазикот и идентитетот од Бугарите, нешто што не бара никаква одбрана, бидејќи постои со милениуми, не знаат дека кај нас средишен симбол на идентитетот е Името, а него Евроамерика, Заев и сите наши изроди го ликвидираа со ужасниот Преспански договор на 17 јуни 2018, кога е во полн интензитет светлината на македонското лето и цветаат во него венчалните ружи за македонските љубовници и младоженци. И се случи велепредавството. Па, сега во Бугарија, Бучковски при првиот „мисионерски“ (леле боже!) чекор во Софија му рече на пожарникарот Борисов дека бугарскиот народ е постар од македонскиот (?!). Мајката! А од кај го знае тоа тој, мајстор на профитабилни бугарски тенковски делови? Од кај? Од мајка му или од баба му. Како можеше да ја изусти таа велеглупост: Оти знае ли, всушност, тој професор и бугаротенкист низ колку само години, столетија и милениуми, низ колку предци и прапредци морал да прелета штркот со него за да го истресе како новороденче во жална Македонија, која таквите како него, Заев, Димитров, Шеќеринска и целокупната парламентарна камарила што гласаше, идиотска и идиотски, за промена на Името, ја зголемуваат македонската трагедија и зад бескрајот на бескрајот. Така, оти Господ го создал човекот да се раѓа како Живот. Да. Ама обратниот од него се досетил некои да се раѓаат и како смрт, носејќи им смрт и на другите. Имено, зачнат од тој некој и роден како смрт е и оној од Муртино, драг читателу, кој му донесе идентитетска смрт, според антрополозите најстрашната што постои, на целиот македонски народ. Тој и сите понапред спомнати како смрт.

Тоа, драг читателу. Тука ставаме точка на оваа повеќекрилна наша колумна, ама не како смрт, туку како Живот што ќе се роди од неа. Оти таа метаморфоза, што ја спознал и од книгата на Исус, не му е непозната на овој народ, кој ја восфали љубовта на Спасителот и ѝ ја предаде како штафета на Вавилонската блудница Европа, а таа како благодарност за тоа му возврати, по физичките масакри, сега и со идентитетска гибел. Ама ништо не се знае. Можеби нема да помине долго време кога ќе се измени распоредот на силите и оние, како што велат старите пророци и Исус, што се горе ќе слегнат долу, а оние што се долу ќе се искачат горе од десната страна на Спасителот и ќе пијат вино од Неговата чаша. И не го сфаќај ова како мое патетично бладање на фрустриран, драг читателу. Не. Ќе дојде оној „силно светнат ден“ од „Копачите“ на Рацин. Ќе дојде по Армагедон, кој не случајно се римува со Армакедон. Сеедно. Кој како што сака нека мисли, особено изродите на чело со изродничката влада на „европскиот реформатор“ од Муртино. Оти според нивните пофалби и награди за него, тој во реформаторството ги надминува и Наполеон и Черчил. Па и Адолф.

(продолжува)