Новата нормалност е асимптомска

Тато, тато, кога ќе летаат авионите?
Стрпи се сине, сега ќе прелетаат.
А летки ќе фрлаат?
Не, сине, летки фрлаа авионите на ЈНА. Ние како деца секогаш викавме по нив: „Чичко, пушти летки!“ Овие се авиони на НАТО. Они фрлаат осиромашен ураниум.
Е зошто осиромашен?
Затоа што уште не го почувствувале блескавото влијание на нашата моќна економија. Сега, кога чичко Заев ќе му помогне на НАТО, авионите ќе фрлаат само збогатен ураниум.
Го слушам овој разговор на кеј. Прекрасна глетка. Татко и синче чекаат да прелетаат моќните НАТО-авиони. Чуварите на нашето блескаво небо. Оние што ќе летнат накај Русија и на клоци ќе ги кренат злобните Руси што се мешаат во внатрешните работи на „Република Северна МК Скопје МОД“. Не можам да го одвојам погледот од таткото и синчето. Таткото има околу седумдесет и пет години. Синчето близу педесет.

Се собираат и други родители со своите деца да го гледаат прелетот на авионите. Ене едно девојче од триесет и четири години. Ја познавам. Невладина активистка. Едвај чека да види како НАТО-бомбардерите разнесуваат детска градинка на Блискиот Исток полна мали муслиманчиња, сигурно идни терористи. Тука е уште едно детенце што го знам. Има четириесет и две години малиот. Сега ќе им мавта на авионите бомбардери. Кога ќе порасне ќе стане Том Круз, ќе лета со „топ ган“ и ќе се лапа со Кели Мекгилис.
Авионите прелетаа. Неверојатна бучава. Децата вриштат од радост. Еден триесет и осумгодишен копиљ за малку не падна во Вардар. Тотално одлепи од возбуда. Жена му го спаси.

Летки, крикна некој, авионите фрлија летки.Навистина, небото речиси потемни од илјадниците летки. Еден леток падна пред мене. Го подигнав. На него се нацртани Сорос, парот Клинтонови, Сол Алински. Меѓу нивните строги, ама праведни лица има текст. Текстот гласи вака: „Се повикуваат урбаните луѓенца, слободоумните граѓани, шарените револуционери и сите други прогресивни луѓе, од нашата братска северна земја со блескаво име МК Скопје – МОД и забетониран идентитет во три коси црти, да се придружат на војната против непријателскиот слуга на Владимир Путин, диктаторот Доналд Трамп. Нема правда, нема мир!

Регрутацијата на идните народни херои, кои сигурно ќе загинат или ќе бидат тешко ранети од злобната режимска чизма додека најслободоумно палат и крадат туѓа сопственост како знак на борба за слобода, да се јават во најблиската американска амбасада откаде ќе бидат пратени на жешките фронтови низ Соединетите Американски Држави. Ваша АНТИФА“.
Му приоѓам на триесет и осумгодишниот копиљ што стои крај жена му. Го познавам. Шарен револуционер. НАТО-фундаменталист.
Друже, еве ти шанса да се докажеш!
А бе, пеер, вакцината ме боли, инаку јас одма се пријавувам.
Така ми рече и ја тегне жена му да заминат. Таа ми шепна: „Паника го фаќа само што ги гледа оние вооружени Американци, кои излегуваат да ги бранат дуќаните и локалите“.

Гледам како и другите „револуционери“ ги фрлаат летките и си бегаат дома. Ги разбирам. Не се исти протестиве што беа во Македонија и сега овие во САД. Таму излегува вооружен народ да им се спротивстави на демонстрантите. Има и национална гарда. Полицијата апси. Наскоро и војска ќе им се приклучи. Ама нашиве не се фер. Не е убаво што бегаат од регрутација. Па зарем не им е јасно што се случува во Америка? Не се тоа никакви протести против полициската бруталност. Тоа „длабоката држава“, која е свесна дека им се тресе земјата под нозе, подготвена е и граѓанска војна да предизвика само да си го спаси задникот и да го сруши Трамп. А таа иста „длабока држава“ ги сруши и укина Македонија и Македонците. Затоа што Македонија, Македонците и македонскиот идентитет не им ги плаќаше сметките на шарените луѓенца. Па „длабоката држава“ го збриша македонизмот.

И сега новата нормалност им ги плаќа сметките на урбаните прогресивци. А тие не сакаат да се жртвуваат за своите спасители. За оние што направија името МК Скопје – МОД да им плаќа сметки. За оние што ги збришаа Македонците сведувајќи ги на граѓани по што сите светски фирми дојдоа да инвестираат кај нас. За оние што наместо национална припадност, ни воведоа три коси црти, а кога ќе ги ишмркаш тие блескави, ем коси линии, добиваш супермоќи. И така, разочаран од урбаниве луѓенца, си одам од кејот.
Расположението уште повеќе ми го расипува веста дека оние НАТО-авиони што летаа над Скопје, го нарушиле рускиот воздушен простор над Црно Море, по што им се сипале руски „сухои“, па нашиве херојски бегале пред кукавичкото гонење на немоќните Руси.

Сепак, дома ми се враќа расположението. Слушам, Владата ќе нè затвори три дена во карантин за задушница. Прекрасна вест. Ќе ви објаснам и зошто. Како прво, има луѓе во оваа држава што немаат пари да купуваат храна за три дена одеднаш. Едноставно, се борат да преживеат од денес за утре. Тие се злото. Типични небањати вмрони. Они намерно се сиромашни, за инает немаат пари, затоа што ја мразат оваа блескава власт, која сите ги направи богати, паметни, убави и успешни како Заев. Е па, сега да ги видам, нека си ја маваат главата како ќе се снајдат штом инаетливо се сиромашни и одбиваат да блескаат. Морам да признаам дека и јас многу често сум во таква небањата психолошка состојба.
Второ, тридневниот карантин е блескава економска мерка. За оние што имаат пари. А пари имаат сите, освен одвратната антивладина сиромаштија. Е сега, бидејќи нема кај да трошат во карантин, по три дена ќе бидат уште побогати. Затоа државата ќе може да им ги намали платите и да стане економски посилна.

Така ќе има повеќе финансии со кои ќе им помогне на најбогатите свои поддржувачи. И така парата се врти. Трето, ова е предизборен карантин. Затоа што по карантинов одиме веднаш на избори. Секој нормален знае дека на гробишта, за задушница, каде што одат небањати христијани, вирусот ескалира, оти „небањатоста“ е ментална нехигиена, за разлика од избори каде што сите се блескави, па вирусот е „асимптомски“, како што кажа нобеловецот, доктор Заев. Четврто, секоја потпросечна будала може да смисли мерка за задушница, како зајакната контрола на грбиштата, на пример. Затоа е глупо генијална и блескава власт да носи мерки што и потпросечните може да ја смислат.
И последно, народ што седејќи дома дозволи насилна промена на име, укинување на идентитет и поништување на неговата референдумска волја, истрениран е и заслужува, врз него да бидат спроведени секаков вид социјални и психолошки експерименти.