Никој не му верува на лажливецот, дури и кога ја говори вистината

Можеме со години да ги лажеме и манипулираме граѓаните, но на крајот тие секогаш ја осознаваат вистината, бидејќи делата говорат сами за себе. Но која е реалноста? Денес „нашата“ држава е една од најсиромашните земји во Европа, една од најкорумпираните земји во светот, нема владеење на правото, клиентелистички односи го загрозуваат функционирањето на институциите и сѐ така бесконечно

Многу одамна си било едно овчарче, кое си ги пасело овците на ридот, но му било многу здодевно. За да си разнообрази започнало на сиот глас да вика: Волк, волк, волк ги напаѓа овците. Селаните веднаш се упатиле кон ридот за да му помогнат на момчето и да го избркаат волкот. Кога пристигнале на врвот од ридот, виделе дека нема волк. Овчарчето им се потсмевало, а тие му рекле да не извикува волк кога го нема волкот! Малку подоцна, овчарчето повторно силно извикало: Волк, волк, волк ги напаѓа овците! Овчарчето повторно им се смеело на селаните што трчале нагоре кон ридот за да го избркаат волкот. Кога селаните повторно виделе дека нема волк, остро го предупредиле: Повикот за опасност зачувај го за кога навистина има опасност! Немој да извикуваш волк кога нема волк!
Еден ден младото овчарче навистина видело вистински волк, кој се движел кон овците. Веднаш започнало со сиот глас да извикува: Волк, волк ќе ги убие овците. Но селаните си помислиле дека овчарчето повторно ги лаже и не се упатиле кон ридот за да го избркаат волкот.
Кое е наравоучението на оваа приказна? Најчесто родителите им ја читаат оваа приказна на децата за да ги научат на последиците од лагите и лошите постапки. Приказната за овчарчето и волкот е наизглед едноставна, но нејзиното наравоучението е длабоко. Кога човекот ќе излаже, ја губи довербата, дури и кога ја говори вистината.

Нашата политичка елита се однесува како никогаш во животот да не ја прочитала или слушнале приказната за лажливото овчарче. Во спротивно, не би ветувала ридови и долини секогаш пред избори во „нашата“ држава. Доколку некој сака да ја придобие довербата на граѓаните, мора зад себе да остави реализирани ветувања, а не само празни флоскули. Кога еднаш ќе се изгуби довербата, таа многу тешко се враќа повторно.
Можеме со години да ги лажеме и манипулираме граѓаните, но на крајот тие секогаш ја осознаваат вистината, бидејќи делата говорат сами за себе. Но која е реалноста? Денес „нашата“ држава е една од најсиромашните земји во Европа, една од најкорумпираните земји во светот, нема владеење на правото, клиентелистички односи го загрозуваат функционирањето на институциите и сѐ така бесконечно.
Сите што сериозно се занимаваат со политика досега требаше да разберат дека граѓаните не се наивни, ниту пак глупи. Можеме постојано да ги потценуваме граѓаните, меѓутоа кога некој постојано се обидува да ги лаже или манипулира, можеби првиот или вториот пат ќе поверуваат, но третиот веќе не веруваат во искажаните зборови.

Народот е заситен од демагогија и лажни ветувања, сака реализирање на ветувањата. Можеме постојано да говориме дека се бориме против корупцијата или сиромаштијата, но граѓаните секојдневно се соочуваат со нив. Затоа кога гласа на изборите, народот својата доверба му ја даваат на оној за кого верува дека ќе може умешно да управува со државата и да се грижи за неговите потреби.
Изминаа триесет години откако беше воспоставена демократијата во „нашата“ држава и во текот на овие децении граѓаните се навикнаа на демократските процеси и суштината на самата демократија. Граѓаните изгледаат дека се пасивни, но секогаш на изборите знаат да го казнат оној за кого веруваат дека си подигрува со нив. Нашата политичка елита треба да престане со лажните флоскули и да се насочи кон трансформација на „нашата“ држава, остварување суштествени реформи што ќе го подобрат општеството во секој сегмент. Кога еднаш ќе ја изгубиме довербата, дури и кога ќе ја говориме вистината, никој нема да ни верува на искажаните зборови.