Ние Македонците

Дебати, дискусии, па и вицови за потеклото, постоењето (или непостоењето) на Македонците и на Македонија со несмалена жестина се одвиваа и во нашиот медиумски видокруг порано, но и сите овие дваесетина и кусур години

На бугарската карта на предрасуди Македонците се впишани како „грчки Словени“. Тешко ми е да објаснам една шега без да ја изгуби хумористичноста, но генерално идејата е дека во Бугарија понекогаш Македонците се доживуваат како луѓе без историја, како народ што е принуден да ги зема историјата и културата на соседите и така допрва да го гради својот идентитет, вели во интервју пред некоја година Јанко Цветков, бугарски дизајнер и автор на Атласот на предрасудите…, проект во кој се мапирани стереотипи, предрасуди, малициозности, кој во ерата на глобалниот поглед на интернет е популарен, духовит, забавен и оригинален производ. Според нив (бугарските ултранационалисти), Македонија граби што може, без оглед на тоа дали има смисла или не. Па, така, „грчки Словени“ е обид да се исмее оваа идеја со еден очигледен оксиморон. Словените не можат да се предмет на вакви „духовити анализи“ затоа што не постојат воопшто… – премногу заплеткано, подвлекува шпанскиот Бугарин, географскиот дизајнер Јанко Цветков.
Но на ридестиот Балкан сѐ е можно, па забавните и хумористични предистории понекогаш знаат да се свртат и во неочекувани насоки. Па, така, пред некое време осамна несекојдневна вест и прошета низ медиумите на Балканот. Дописникот од Бугарија за радио Би-би-си побарал македонско државјанство, јавија некои грчки медиуми. Разочаран од животот во Бугарија, поранешниот дописник на Би-би-си Христо Казашки избрал нестандардна форма на протест и одлучил да побара македонско државјанство, јавија бугарските медиуми, а веста ја пренесоа и гласилата во Атина.

„Изгубив верба дека во блиска иднина Бугарија ја очекуваат добри работи. Нацијата се топи како снег на топло време и младите, меѓу нив и Јанко Цветков, картографот, земаат билет во еден правец и си одат надвор од земјата. Според Христо Казашки, Турција не му одговара за преселба затоа што е христијанин, Грција и Романија не му се допаѓаат, а некако најмила и најблиска му е Македонија. Пред некоја година бил во Охрид, Скопје, Битола, и тука му се бендисало. Минималната пензија кај нас е 150 лева, а во Македонија е 140 евра, горивото А95 во Бугарија 2,70 лева, а таму 2,20, тие нѐ престигнаа во секој поглед“, изјавува и расудува европски Христо Казашки, идниот „освестен“ Бугарин Македонец, така некако би дошло според забавниот атлас на Јанко Цветков.
Серија коментари во медиумите. „Браво, сега вие Македонците ќе броите 7 милиони“, иронизира читател како Елин Пелин. Култивиран Балканец, читател нуди нестандарден бугарски доказ и образложува: „Секогаш коментирам со светски докази, не со чаршиски муабети. Ќе наведам цитати од бугарскиот учен од 19 век Атанас П. Шопов, кој во извесна смисла ги демантира своите сонародници од 20 век и вели: Па, дури и денес, во 1885 година кога Европа би побарала македонското население да се определи и да каже на која народност ѝ припаѓа, уверени сме дека поголем дел од Македонија ќе ни летне од раце, со исклучок на две-три околии од Северна Македонија. Сите други Македонци се готови да дадат каков сакаш пишан документ дека тие не се Бугари… Офејков (Атанас П. Шопов), Македонија во време на илјадагодишнината на Св. Методиј, Пловдив, стр…“
Дебати, дискусии, па и вицови за потеклото, постоењето (или непостоењето) на Македонците и на Македонија, со несмалена жестина се одвиваа и во нашиот медиумски видокруг порано, но и сите овие дваесетина и кусур години.
„Идентитет базиран повеќе врз негација отколку врз афирмација“ и американскиот модел на „афирмација на правото за негација“.

Во овие два диспаритета лежи изворот на двата различни пристапи на САД и Канада, т.е. американскиот melting pot и канадскиот модел на културна диверзификација. Модели слични (секако не идентични) со длабинските тектоники на Бугарија и Македонија, како во однос на внатрешните односи, така и во односите со соседните – идентитетски блиски – народи.
Сето ова, во некоја рака, заличува на многубројните средновековни теолошки расправи за постоењето на Господ. Повеќето од нив се во духот на прочуениот хегелијански алгоритам – негација на негацијата, во кој постоењето на Македонците се негира и на куб. Постојат многубројни докази за постоењето на Господ, тврдат одредени теолошки доктрини, но сето тоа предизвикува одредено сомнение – кај мудрите филозофи. Бидејќи, ако за една работа постои еден доказ, сите други не ни се нужни, а ако се повеќе докази, тогаш сигурно не се несоборливи, постулираат категорично.
За природата, карактерот и етногенезата на Македонците не може ништо конкретно да се каже, сето тоа е само одреден начин на гледање на работите, се обидува да ја сврти дискусијата во стилот на христијанскиот средновековен мислител, атинскиот митрополит Псевдо Дионизиј, извесен неосвестен македонски транзициски политичар мислител. На тоа остро реагира и се спротивставува кралот на артефактите и бард на македонската преродба, познат археолог. Во духот на модерниот рационализам и доктрината на железните правила на Дејвид Хјум, смирено се залага само за онаа вистина што ја допираме, газиме, гледаме и чувствуваме и живееме.
Низ перцепцијата на светските медиуми од деветнаесеттиот и дваесеттиот век прецизно се осознаваат извесноста и основаноста за етногенезата на МАКЕДОНЦИТЕ. Поентата е – бидејќи постојат докази за нивно постоење, преостанатото е – рововска војна на соседните нации за почетните позиции – моментот кога ќе започне пребројувањето. Секој збор, секој став, секоја мисла е важна, бидејќи Македонија е таму каде што се бориме за неа.

„Македонија, земјата на три реки, Вардар, Струма и Бистрица, е обрабена со возвишени планини, од кои најпознати или највисоки се Олимп, Шар Планина и Родопите – високи меѓу 8.000 и 9.000 стапки над нивото на морето…“, во статија на „Њујорк тајмс“ од 3 ноември 1895 год.
Господ и религијата немаат врска едно со друго, бидејќи Господ, како и Македонците на овие простори, постојат долго пред религијата и смешните атласи, дебати и малициозни коментари и ќе постојат засекогаш. На небото е рајот, долу на Балканот од дамнина зовриен пекол, а во средината меѓу нив е хуморот како чистилиште на опстанокот.