Непотребен разговор со еден бескорисен свиркач

Што е спротивно на лажна вест? Вистинска вест? На пример:
Зоран Заев е најинтелигентниот политичар во „Северџанистан“, никогаш не излажал, секогаш ја говори вистината, особено кога се колне во децата. Или најава: како оската на злото Твен – Путин – Русјаков се обидува да му наштети на светото тројство Зоки – Кате – Боки и како авенџерсите Рикер – Хан – Брнс ќе ги спасат безгрешните и совршените од рацете на злосторничкото здружување? Или претпоставка:
дали балканските методи веќе не се модерни, па Јоханес Хан ќе ја поддржи власта во спроведувањето сталинистички методи?

РУСЈАКОВ!!!
Аман, не се дери, од памет ме извади. Какво е тоа однесување? Кој си ти и што бараш во мојава колумна?
Јас сум свиркач.
И што сакаш од мене?
Да ти го свирнам, да им го свирнеш.

Залудно. Им го свирнаа и други, па еве си свиркаат. Зафатени се со блескање. Пред некое време го фатија најопасниот светски криминалец. Човекот наречен Боки. Фантомот со тринаесет лица. И не само тоа. Само што не го обелодениле страшниот заговор што се крие зад овој, досега недофатлив лик. Тежок заговор. Пирамида на злото. И нормално, зад сето тоа стои лично господарот на темнината, Владимир Путин. Тој им ги испраќа своите мрачни заповеди на Вован и Лексус. Тие двајца преправени во Порошенко и Столтенберг, малку го малтретираат Заев, а многу го брифираат Грујо. Тој, пак, преку унгарски старлети ги пренесува тајните заповеди во „Северџанистан“. Старлетите ги пренесуваат страшните информации во порции унгарски гулаш. Или му ги свиркаат на оној што треба да ги чуе во облик на милозвучен чардаш. Тој некој се вика Мицко. А Мицко е мајстор на преправањето. Може да се преправи во кого сака. Во Ката, во Кики, во Фрики, ма и во Зоки. Тоа и го правел. Најмногу се преправал во Ката.

Помалку во преостанатите. Преправен во нив уценувал бизнисмени. Им собрал огромен кеш. Кешот скриен во гулаш го праќал по унгарските старлети. На тој начин сакал да ги уништи Зоки, Ката, Кики и Фрики. А преку нив и евроатлантското блескање на „Северџанистан“. И не е тука крајот на заговорот. Колку само пати се преправил во Зоки за бесрамно да лаже. Дека нема да смени име и идентитет, 500 евра плата, купишта други лаги. Последна во редот злосторничка травестија е неговото излегување како Зоки на прес. Мртов ладен, баш затоа што знае дека така не смее според закон, кажа кој ќе биде нов јавен обвинител. Потоа вистинскиот Зоки мораше да го демантира лажниот Зоки. Ќе му успееше да ја демолира блескавата држава ако не се случеше чудо. Нѐ спаси еден обичен телефон. Тој, Мицко, преправен во Орце, доаѓајќи кај Ката со милион и пол измислени оправдувања дека не е император, го дрпнал од неа телефонот со намера да ја уништи блескавата суперинтелигентна правдољубива жена.

Потоа, преправен во Макрон, го однел во Белград за преку тамошни руски шпиони да му го даде на Путин. Малку ги лажел Србите дека тие први во регионот ќе влезат во ЕУ, а потоа тргнал на тајната средба со Русите. Седнал во кафеана, па почнал да пие и менувајќи го гласот, се претставувал како Ката и рекетирал кај ќе стигне. Додека батеријата не му се истрошила. Го закачил на полнач. Ама толку се начукал што заминал од кафеаната заборавајќи го. Вечерта го нашла чистачката. Го зела со себе. Ѝ го дала на својата сосетка, која тој ден го загубила мобилниот, да го користи додека не си купи нов. Сосетката баш тогаш имала гостинка од „Северџанистан“. Која, пак, имала идентичен телефон. На заминување ги помешала и го зела погрешниот. Се заклучило дека тоа е другарка од средно на кумата на сестрата на девојката на синот на Ката. И така е спасена честа на Зоки, Ката, Кики, Фрики и државата.
Стој, стој, стој… Чекај малку! Мене ова ми звучи на лажна вест.

Па дали си ти нормален? Поим немаш што е лажна вест. Лажна вест е кога земаш триминутен оригинален, легално прислушуван и објавен разговор, па преку додавање, лепење и монтирање го правиш да трае дванаесетминутен нелегален телефонски разговор. Лажна вест е кога тврдиш дека гласот на некојси Курто е гласот на Дудуш. Кога пушташ снимка на која очигледно се слуша дека човекот сака да си купи нов фендер, а ти пишуваш дека мести тендер. Е за таквите разнесувачи на лажни вести сега ќе почнеме со акциски план, а ќе завршиме со демократски и цивилизациски гулаг.
Ама гулази се логори од времето на Сталин.
Ете, пак, шириш лажни вести. Гулаг е кратенка од „Гуд лагун“ и негови спонзори ќе бидат Рикер и Хан.

Со вакво однесување тешко да добиете датум за преговори.
Тоа кажи им го на оние што чекаат таков датум. Ние си го добивме лани. Од авион ни го соопштија. Сега Европската Унија издвојува по 200.000 евра за секој граѓанин на „Северџанистан“ годишно. Бесплатно се лекуваме низ цела ЕУ. „Фејсбук“ и „Мајкрософт“ отворија свои претставништва. Дојде Илон Маск и почна да го прави лифтот до месечината за кој некогаш сонуваше Артур Кларк. Амбасадорот на НАСА, Мет Дејмон, најави дека наскоро и тие ќе инвестираат во брилијантните умови на Шарената револуција. А што сакаше да ми свирнеш?

Светски познати нешта што не допреле до вас. На пример, Демостен и Плутарх пишуваат дека Хелените и Македонците се крајно различни народи. Свети Филарет пишувајќи за балканските светители од првиот, вториот и третиот век по Христа, ги нарекува Словени. Бугарите имале ханови, не зборувале словенски јазик и биле пагани, тоа е нивниот корен, па така не може со Македонците да имаат иста историја. Всушност, Грците и Бугарите присвојуваат историја.

Ха, ти си свиркач на лажни вести. Ние тука си имаме свиркач на вистината. Црпнат е од Бога. Не ги знам кои ти се тие Демостен и Плутарх, ама очигледно Груевски им подметнал дрога во историјата. Кажи му на тој свети Филарет дека „Северџанистан“ е секуларна држава и да си гледа мантијата. И не треси глупости за Бугарите. Не може Бугарите да имаат хан, кога само Јоханес е Хан. Не зборувале словенски јазик, затоа што словенскиот потекнува од бугарскиот. Крајно време е да излезеш од халуцинациите на вмроовскиот режим. Тие бугараши крадеа хеленска историја и сакаа да нè направат Антички Македонци за да нè скараат со Бугарите и Грците, па намерно одбиваа да признаат дека Гоце Делчев е Бугарин роден како Хелен во Грција. Ти сигурно си руски свиркач.