Немиот танц на пчелите

По оскарите, „Медена земја“ веројатно ќе ја доживее судбината на сите вести – ќе стане стара вест. Впрочем, и евангелијата од Библијата се тоа, а, сепак, имаат свои следбеници. Поважно е да преживее пораката на медена земја од една до друга генерација, од едно сеќавање до друго, да стане – наратив

Во еден расказ Жорж Сименон вели „мала земја е онаа земја што некогаш била голема и се сеќава на тоа.“ Изгубеното станува материјал за градење на споменот за големината и, често (како на Балканот), таа (земјата) повторно го обмислува и домислува минатото или, уште поопасно, од него прави образец за иднината. Наративите постојат да ја пренесат пораката од едно до друго сеќавање, од една до друга генерација. Со нив преживуваат и старите граници, проширени за „грешките“ во преводот меѓу генерациите сосе „грешките“ на една доброволна и договорена амнезија на оние што владеат со нив.

Наспроти нив стојат историски поткусените. Како и првите, се сеќаваат на одземеното, потешко за страдањето на тоа сеќавање. Тоа (страдањето) станува материјал за градење на саќето внатре. Паднатите (познати и непознати) жртви за/на нејзините граници ја „лепат“ заедницата однатре, како со пчелин восок.
Така, по должината на границите, според зборовите на писателот Франко Касано – се одмерува сиот ужасен немир што се провлекува низ историјата на човештвото. Особено на Балканот, кој не само што страда од прекумерна историја (парафраза на една стара дијагноза) туку и од премногу боцкава жица за која не постојат котури надвор од луѓето.

По самата природа, границите разделуваат. На нив се стои наспроти и стражари. Тука живеат поделбата и недовербата. Но границата обединува во истиот момент во кој разделува, односно обединува затоа што разделува, подвлекува Касано. Линијата на поделба е и линија на која се допираме. Но помеѓу строго утврдени граници, границите затвораат неограден простор. Простор именуван како „ничија земја“, земја на подвоеност и пауза со непознато траење и понеизвесна иднина, каде што стапнувањето на една од војските на земјите што граничат би се именувало како чин на агресија…

Во меѓувреме, „оскарите“ завршија.
„Медена земја“ се враќа без „оскар“, но со многу „освоени“ земји и срца. Можеби посоодветно е да се рече дека останува таму, во освоените срца, каде што и припаѓаат благите вести, зашто Атиџе е токму тоа – благовесник: апостол на надежта во човекот и заштитник на пчелите. Безмалку, една од нив. Нејзината (и нивна) порака е испратена уште пред „оскарите“, а мисијата (делумно) исполнета.

Затоа наградата на Атиџе никој не може да ѝ ја врачи. Таа е веќе таму, во саќето на нејзината/човечката душа. Онаа, пак, на екипата – е во нивното сведоштво на медената земја одблиску: во „првото“ стапнување на таа „ничија земја“ и записот на „заповедите“ на последната одгледувачка на диви пчели. Како и во честа за ширење на „веста“ за еден похармоничен свет меѓу луѓето и меѓу луѓето и природата. Заповеди од кои, сè поизвесно, зависи и иднината на овој свет. Тоа, и двете номинации за „оскар“, што само по себе е историски чин за македонската кинематографија.
„Медена земја“ останува културно наследство на светот (не „наше“), како и секое друго. Од Македонија само го започна летот на веста.
„Наша“ е онаа ничија земја, не меѓу границите со соседите, туку во срцето на земјата каде што е снимен филмот, а во која државата не стапнала ни со чизма, а камоли да подаде рака.

„Наша“ е онаа ничија земја на која и коските ѝ ги извадија од Уставот, а месото и на мртвите бидува „изнесено“ за политички поени.
„Наша“ е земјата што сè поизвесно ќе стане ничија. Ќе нема кој да ја наследи.
По „оскарите“, „Медена земја“ веројатно ќе ја доживее судбината на сите вести – ќе стане стара вест. Впрочем, и евангелијата од Библијата се тоа, а сепак имаат свои следбеници.
Поважно е да преживее пораката на медена земја од една до друга генерација, од едно сеќавање до друго, да стане – наратив.

Секој пчелар и медар знае многу подобро од Би-би-си дека луѓето и пчелите се слични, иако само првиот останува доследен на правилото за преживување преку делба. Но луѓето и пчелите се едновремено и многу различни, но не толку поради анатомските карактеристики, а поради усвоеното однесување, кое е независно од нивната градба. Всушност, различни сме токму во нештата во кои е логично да сме најслични.
Кај пчелите, секоја кошница е град-држава, буквално полна со мед. Мала медена земја. Но кога се работи за безбедноста на кошницата, пчелите за мошне кратко време ги мобилизираат „службите“ и кошницата се претвора во вистински гарнизон (стражарењето кај пчелите потсетува на воениот рок кај луѓето). Пчелите се беспрекорно организирани интелигентни суштества, кои не дозволуваат лесно да бидат ограбени, дури и од значително крупни предатори (африканската пчела на пример е доволно моќна да запре и слон, од кого бега и лавот, што повлекува дека пчелата, а не лавот, е цар на животните!). Веројатно нема поочигледен пример за хармонија и соработка надвор од нивниот свет. Но и поумешни градители на својот свет!

Според умешноста на конструкцијата, употребените материјали и техниката на градење, „градот“ на медоносната пчела е пример за градежништвото на човекот и во 21 век. Како што вели Томислав Терзин, колку и да му е тешко на нашето его да признае, човекот ја дели оваа планета со други цивилизации, повеќето од нив инсекти што живеат во заедници, какви што се пчелите: „можеби ниедно од нив не е разумно на начин на кој сме ние, но да се погледне изграденото или градот (на пчелите), а да не се признае културата што тој град ја создава пред нашите очи, не зборува многу во прилог на нашиот разум!“ Како што не зборува во прилог на нашиот разум големата распродажба на сопствената култура во периодот проследен претежно со „зуење“ по социјалните мрежи.

Кај пчелите важи правилото колку е посилен ветерот, толку е поголем бројот на пчелки-собирачки на нектар (доколку не е пресилен за да ги принуди да слетаат). Луѓето функционираат обратно: колку е патот потежок, помалку луѓе го избираат. Но затоа го избираат миграцискиот танц, како и пчелите.
Историски скратуваната линија што ја обележува земјата, во сегашноста е само линија на длабока загриженост и излитена надеж, каде што се шират само границите на онаа „ничија земја“ што останува без наследници. На неа одамна нема завојувани страни, а само раскарани потомци.
Нема ни саќе каде да го положат медот „медоносните“ луѓе. Затоа заминуваат, во некоја своја медена земја, која, како што знаеме – не познава граници, како што ни пчелите што не знаат за нив.

Според речникот на оваа колумна, сепак, малата земја не е мала според територијата, а според неумерениот апетит за туѓото. Мала е и онаа што се доживува таква. И стануваат сè помали, со секој миграциски танц на медоносните пчели и ним сличните луѓе, надвор од земјата.
Голема, пак, е онаа земја што се грижи за малите нешта во неа. И се сеќава, со благодарност и за најмалата жртва. Во оваа земја, што би можела да биде и голема, ќе остане само записот дека грст алчни луѓе го продале медот на цела една земја за грст долари во џебот.
Тоа, и немиот танц на оние што остануваат (како кај пчелите), кога благоста во кошницата ќе падне на дното.