Нема да бидеме избришани или sumud

Пораката од насловот е палестинска, не е македонска, да се разбереме веднаш. Ќе рече некој, ја средивме земјата, па сега уште и за Палестина ќе се грижиме! Еве, ја распродаваат земјата и легализираат дивоградби – треба да се стори нешто; оставете ги Палестинците да се грижат за Газа, а и тие не се ангели. За жал, мнозина сериозно го мислат ова. Си имаат свој „ѕид на плачот“ и кога има оган отспротива, кај „другите“ скокаат од (зло)радост – слично на сцените од Ерусалим. Малцинство се оние што сè уште сочувствуваат и кои знаат што е меѓународна солидарност, а уште помал дел од нив ќе ја види големата слика на која Македонците не се многу поразлични со Палестинците. Веројатно им правам неправда на Палестинците со оваа споредба, бидејќи тие немаат ни држава (ние имаме – уште малку – некаков провизориум што го нарекуваме држава), доселеници им ги одземаат домовите (и без да им платат евро по квадрат), ги гранатираат со децении – ама тие се борат. Подготвени се да загинат за својот дом. Ние не сме. Ние сме подготвени и последната тула сами да ја демонтираме и да им ја подариме со панделка на оние што ќе ни ја побараат во име на некакви „европски вредности и перспективи“. Ние сме мо*ковци, простете на мојот „француски“.
Пред сцените на новата Накба (катастрофата, трагедијата од егзодусот во 1948 година) недостига умниот и хуман Ури Авнери, најголемиот израелски интелектуалец и водач на мировното движење „Гуш Шалом“. За движењето, израелската окупација на Западниот Брег е спротивна на меѓународното право, а Израел е одговорен за воени злосторства што се случуваат на дневна основа. За време на блокадата на Газа во 2006 година (по победата на Хамас на изборите), организираа хуманитарен конвој, поради што беа наречени „радикали“ и „екстремисти“. До последен здив, до својата 95-та година, Ури пишуваше, зборуваше и протестираше против апартхејдот што Израел го наметна не само врз Газа туку врз сите територии населени од непожелните Палестинци. Тој не сакаше да живее во таква држава, целосно милитаризирана, со корумпирани политичари и силни тајни служби, како и репресија, вклучувајќи и против Израелците/Евреите што не се согласуваат со држава на национална безбедност. Што ќе напишеше денес Ури? Всушност, сè што требаше и можеше напиша и стори додека беше жив. Од неговите колумни може да се види колку е ситуацијата болно иста, иако потешка и покрвава. Во една од последните колумни (од 2018 година) ќе ги напише овие зборови: „ОХ, ГАЗА! Силна е љубовта, како смртта. Ја сакав Газа. Ова е игра на зборови. Библиската Песна над песните вели дека љубовта е силна како смртта. На хебрејски ‘силен’ се вика Аза. А Аза е и хебрејското име за Газа… МОЕТО СРЦЕ е со народот во Газа. Посакувам да ја побарам нивната прошка, во мое име и во име на Израел, мојата земја.“

Толку многу недостига и Роберт Фиск, сведокот на ужасите на Сабра и Шатила, човекот што не бегаше од вистината од мртовечниците во Рамала или Багдад, кој им ја кажуваше в очи на моќните како глас на немоќните. Толку многу недостига и Едвард Саид, американскиот професор од Колумбија со палестинско потекло, кој е редовно цитиран во научната литература, ама реално заобиколуван токму од оние што се прават учени кога го спомнуваат. Размислете за оваа негова мисла и за асоцијацијата што ја буди: „Израелците ни кажуваат дека ние всушност и не постоиме. Но ние бевме таму. Постоеја села. Постоеја градови. Постоеше палестинско општество пред 1948 година. Ние навистина постоиме и денес!“ Беше нарекуван и „апологет на палестинскиот тероризам“, човекот што кажа дека не може некој да се виктимизира само затоа што во минатото и самиот бил жртва – граница мора да постои. За „жртвите на жртвите“ зборуваше и Ајнштајн, кој со голема жал гледаше на она што го правеше ционизмот, кој од Арапите направи нови „Евреи“.
Но тука е Ричард Фалк (американски професор по меѓународно право од Принстон и Евреин по потекло). Глас на совеста и меѓународното право и на 90 години (доволно за да ја памети палестинската голгота): зборува за апартхејдот пред кој другите мижат со очи ширум затворени. Во едно скорешно интервју ќе ја погоди срцевината на проблемот: цената за раѓањето на израелската држава ја плаќа палестинскиот народ, а од самиот почеток таа држава можеше да опстане само со употреба на насилство и етничко чистење. Колку повеќе насилство употребува, толку послаба станува. Фалк смета дека израелскиот апартхејд може донекаде да се разбере како несакана последица на холокаустот: новата држава немаше да може да се воспостави без широката меѓународна поддршка и доколку не постоеше длабокото чувство на срам и вина кај либералите, кои не сторија ништо за време на раѓањето на екстремниот антисемитизам и расизам во нацистичка Германија.

Палестинците станаа колатерална штета на нацистичките злосторства и на лицемерството на Западот, и тоа во време кога европскиот колонијализам почна да се распаѓа во другите делови од светот. Сè што се случува од првата Накба до денес е едно очекувано сценарио: Израел станува сè поавторитарен и милитантен режим, а од Палестинците се бара да се фини и толерантни кон угнетувачот. Тврдењата дека вината за насилствата треба да се бара кај Палестинците, а дека Израел има право на самоодбрана (од „внатрешен непријател“?!) се само замена на тезите. Во оваа агонија без крај, САД имаат огромен влог и најголема вина: пред само кратко време Конгресот му додели дополнителна воена помош на Израел, а потоа со вето ја блокира резолуцијата во Советот за безбедност со која требаше да се осуди насилството. На неколку месеци пред својата смрт, Фиск напиша дека Палестина е покојна и дека идејата за две држави е минато. Денес тоа го пишуваат и многу други познавачи. Што мислите, дали Палестинците имаат право на самоодбрана? По што нивните животи се поевтини и поневажни од оние на Јужноафриканците или од американските, европските?
Горчлива иронија на судбината е што во извртената „логика“ на нашите политички ама и интелектуални елити, ние сме на страната на Голијат, а не на Давид. На какви вредности ги учиме децата додека славиме една година во НАТО и триесет години на страна на моќните и милитантните за сметка над послабите (од Авганистан и Венецуела до Ирак и Палестина)? Некогаш, уште во училишните клупи, ние учевме за потребата од мир во светот (ама мирот не беше војна, немаше ни трошка орвеловштина во тој наратив), за солидарноста со сиромашните, угнетените и експлоатираните, бевме на страната на антиколонијалните сили што се бореа за слобода. Денес не само што прифаќаме (авто)колонијализам, туку сме и на страната на неоколонијалистите. Арафат и Мендела (според кого слободата на Јужноафриканците нема да биде комплетна без таа на Палестинците), заедно со Лумумба и Ганди, беа великаните со кои ние растевме. Денешниве деца треба да се восхитуваат на нашите пријателски држави и на Бајден и Нетанјаху.

Подготвени сме за секоја мисија на која ќе нè повикаат. Медиумите манипулираат и жртвите ги прават злосторници, и обратно. Фалк точно забележува дека медиумите пренесуваат извртена претстава за наводна симетрична одговорност и на двете страни во судирот, запоставувајќи ја структуралната стварност на огромна нееднаквост што произлегува од израелската репресија и територијалното ширење со грабеж. Третирањето на репресорот и на репресираниот како еднакви е манипулација, која ја прават божем неутралните и објективни медиуми и аналитичари. A Ејал Вајцман и Гидеон Леви, израелските интелектуалци што живеат со закани по нивните животи, се децидни: Израел ги држи Палестинците во концентрационен логор и ги убива „во согласност со закон“.
Македонците слепи при очи и вејки на ветерот. Кога во СФРЈ беа солидарни со Палестинците, од страв и политичка коректност не се осмелуваа да зборуваат за егзодусот на Македонците од Грција и за македонските малцинства. Потоа станаа „демократи“, го отворија третиот музеј на холокаустот во светот – и го следат секој став на Вашингтон, кој ни е „морална вертикала“. Денес навиваат за „суверенитетот“ на Израел и во Арапите гледаат Албанци, несвесни дека токму тие се Палестинците на кои од Брисел, Софија и Вашингтон им велат „вие не сте постоеле пред 1944“, „вие сте измислени“… Секој отпор е залуден. Resistance is futile повторуваме како Боргови. Ваков народ подготвен на самоуништување и бришење нема на светот.

Отпорот го нарекуваат национализам, па дури и неофашизам. Всушност, ние сме негација на Палестинците, бидејќи од готово направивме вересија, од една каква-таква државна творба станавме вазали што имаат првокласни морони како естаблишмент. Овде нема доселеници, ама земјата ја продаваат „нашите“, за буд-зошто. Ние не ни заслужуваме да се споредуваме со Палестинците, кои знаат за sumud (цврстина, издржливост) и кои порачуваат „нема да бидеме избришани“. Тоа е народ што 74 години издржал и кој од ден на ден има сè помалку да загуби. Всушност, сè што можат да загубат е животот, а вреди ли живот во ропство, апартхејд и систематско етничко чистење пред кое светот молчи?