Немав намера да пишувам за „Медена земја“

Првпат во историјата на „оскарите“ еден документарен филм има две номинации. Филмот што започна како кратка приказна за занает што изумира, по четиригодишна работа, стана ремек-дело. За тоа се потврда освоените награди на фестивали од САД, преку Европа и Русија, до Израел и Кина. Успехот извира од генијот на авторите

Дојди да ти пуштам нешто! Атанас ме вади од монтажа. Во неговата продукција сум. Го работиме документарецот за Кочо Рацин. Ми пушта неизмонтиран материјал. Ова е материјал за „оскар“. Тоа му го велам. Три години подоцна, мојата суета е задоволена. Во меѓувреме јас се откажав од режирање. Сфатив дека само во мојата класа каде што дипломирав има двајца подобри режисери од мене. А што да кажам за новите млади таленти што доаѓаат? Ќе си останам во мојата природна вселена, пишаниот збор. Сепак, за дијагностицирање филмски квалитет сум доктор Хаус. Еве уште еден пример. Јас првпат во Дубровник. Отидовме со пријателите од Млет, каде што летуваме. Стојам на Страдун. Улицава е совршена за научнофантастична сцена, велам. Два дена ми се смееја. Десет години подоцна. „Војна на ѕвездите“. Епизода седма. Вселенските бродови слетуваат на… ха, па на Страдун.

Документарниот филм „Медена земја“ доби две номинации за „оскар“. Првпат во историјата на „оскарите“ еден документарен филм има две номинации. Филмот што започна како кратка приказна за занает што изумира, по четиригодишна работа, стана ремек-дело. За тоа се потврда освоените награди на фестивали од САД, преку Европа и Русија, до Израел и Кина. Успехот извира од генијот на авторите. Политичките препукувања, ние го препознавме… не, ние први го препознавме, се глупави.

Филмот прво доби пари од агенцијата за филм во времето на ВМРО-ДПМНЕ, потоа дојде СДСМ, поништи конкурс, распиша нов и повторно му додели пари. Значи, океј е дечки, и едните и другите сте го препознале. Е, ама, најголемиот дел од парите, и странски и домашни, филмот го доби откако речиси беше готов. Тоа значи дека авторите целиот процес го изнеле на сопствениот талент. Затоа оставете ги да уживаат во успехот.
Се изначитав секакви коментари. Океј, си реков, Фејсбук е тоа. Ама, па, повеќето беа ко јас да фатам да објаснувам нуклеарна физика или како се нижат пиперки на Фибоначиеви низи. Три става не очекував од интелигентни луѓе. Еве ги! Номинациите за „оскар“ се со цел Академијата да ја промовира Северна Македонија. Уште еден филм што ја прикажува Македонија во негативно светло. А каде се во филмот Македонците? Ќе одговорам на трите дилеми.

Номинации за да се промовира Северна. Хм, да знаете како се стига до номинација, колку илјади луѓе има Академијата, кои се начините тие луѓе да ти го гледаат филмот, нема да зборувате така. Јас мислам сосема спротивно. Да немаше номинации за најнаградуваниот филм на годината во светот, ќе беше голем срам. Но, еве, ова блесаво тврдење да е точно, тоа значи дека и Санденс, Бостон, Охајо, Денвер, Далас, Тел Авив, Барселона, Грузија, Хонгконг, Варшава, Минск, Мумбај, Санкт Петербург, Сао Паоло, Валјадолид и Ванкувер, исто така сакале да ја промовираат Северна, бидејќи на овие фестивали „Медена земја“ освои награди. Можеби овие фестивали низ светот, каде што ви гарантирам дека немаат слушнато за нашите проблеми, сакале да ја промовираат Северна затоа што не виделе во Македонија да се крене народен бунт, откако корумпираната власт ја збриша референдумската волја на народот. А? Ви се допаѓа оваа теза?

Драги мои, па и вие, со секое излегување од државава, носејќи печат на Северна Македонија во пасошот, ја промовирате.
Е, ај сега да не патуваме!
Е, ај сега да не правиме уметност!

Одиме понатаму. Уште еден филм што ја покажува Македонија во негативно светло. Стварно? Е, како така кога во Македонија сите се убави, паметни и богати, па живеат среќно до крајот на животот. Ете, некој ги советува авторите да прават филм за прблемите на реалните и нормалните луѓе. Оти Атиџе не е реална и нормална. На пример, можеле да снимат филм за реалниот проблем на луѓето во која кафеана да седнат додека во Собрание им ги менуваат името и идентитетот, за потоа да ни објаснат дека тоа веќе го договориле посилните. А не филм за некоја Атиџе, која нема ни кафеана, ни Фејсбук. А ха, циничен сум. Оти филмот воопшто и не зборува за Македонија. Ниту Атиџе се жали на сопствениот живот. Напротив, изгледа крајно среќна со пчелите. На прашањето што најмногу ѝ се допадна од престојот во Њујорк, одговори верверичките што ги хранев во паркот. О да, знам, не сте научени некој што ја нема вашата удобност, да биде задоволен од она што го има. И да, „Медена земја“ е филм за поединецот и природата, а не за државата и економската состојба во неа. Ставот на Саше Политико дека „Медена земја“ нè оддалечува од ЕУ-интеграции затоа што сме прикажани грозно, нема да го коментирам..

Уште малку за оваа дилема. По вашава логика, „Џокер“ ја прикажува Америка како пекол. „Беше еднаш во… Холивуд“, истата таа Америка ја перципира како перверзна и идиотска. „Паразит“ ни ја дава Кореја како земја полна изопачености. „Клетници“ ја покажува модерна Франција како сиромашна, корумпирана и насилна. И така натаму. Ова ако одиме по будалестата логика дека уметничкото дело ја презентира државата. По таа логика, Македонија е земја каде што луѓето уште не заборавиле да живеат со природата, па има шанси за нив да не станат џокери, паразити и клетници.
Последната теза. Каде се Македонците во филмот? Бесмислено прашање за документарен филм. Документаристите најчесто се занимаваат со личност, та преку неа отвораат цела една вселена. Велам најчесто, не е тоа правило. Но „Медена земја“ е токму таков филм.

Немав намера да пишувам за „Медена земја“. Филмот е ремек-дело. Му се поклони сиот свет наградувајќи го. „Оскаров“ е само кулминација. Моето предвидување се оствари, суетата ми е задоволена. Но начинот на кој се коментира филмот, сета бесмислена омраза, малку ме замисли. Јас оваа година пред публиката излегувам со најмалку три дела. Првото, за почеток, пред македонската публика, второто, и пред македонската и пред светската, а третото, само пред светската. Хм, со колку крв во очите ќе ме пречекате, знаејќи дека моите дела се многу поџокерски од хуманизмот на „Медена земја“. Кога би ја следел логиката на нападите за документарецот, можам да очекувам распнување. Па, јас во романот „Курвински хроники“, кој во поголем дел се случува во Македонија, ги прикажувам курвите како поетични суштества од сите преостанати. Уф, а во филмот по мое сценарио „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, кој ќе излезе оваа година и тука и во светот, по вашата логика, ја претставувам Македонија како земја каде што моќта силува деца, сите преостанати се прават дека тоа не постои, затоа двајцата главни лика мора да бегаат во дивина, а единствени што се подготвени да се кренат против злото се стогодишни старци заборавени во напуштено село. Среќа, политичката гротеска, романот „Секс, дрога и Владимир Путин“, за почеток, ќе излезе само на англиски јазик, па нема веднаш да можете да видите како ги претставувам светската изопачена моќ, политичките елити во Македонија и конформизмот и злорадоста на Македонците, а сето тоа сместено во ситуација кога се врши идентитетски холокауст.

Тогаш сигурно ќе те мразат, ама и сега ќе фрлаат дрва и камења.
Ако. Јас сум креативец. Од тие дрва и камења ќе си направам куќа.