Небото над Северџанистан

Океј, дечки, сега сè е во игра. Заев нека тресне. Рада нека се растреска. Вилма, Ката и Боки парче да се направат. И плус бомби, од Камчев бомби. Нека не знаат што попрво да фатат да озборуваат. Стварно почнувам да мислам дека има некоја креативна група што им ги смислува будалаштиниве. Оти, ќе си речеш, ај еднаш, ај двапати, ама секој ден. Неуморни се

Уф, каква недела! Две колумни будалаштини малку ќе ми бидат. Имам блесаво чувство дека ова што ни се случува, некој намерно го смислува. Мислам на сите овие афери, скандали, безумности. Нели ви се чини како да се натпреваруваат кој ќе направи поголема глупост? Мислам на власта, секако. Опозицијата и да сака да се глупира на јавна сцена, тешко ќе ѝ оди да го презентира тоа. Сите термини се зафатени. Си ги замислувам, владин пиар седнат во некаква просторија. Чад од испушени цигари. Напната атмосфера. Се наоѓаат среде сериозен состанок. Вака го замислувам разговорот.

Излезе нова афера. Заев и Анѓушев нешто плеткале со руски олигарси. Мора да превенираме.
Знам дека мора. Нека тресне Заев некоја нова зелена. Народ ќе се занимава со тоа неколку дена.
Не може пак Заев, минатата недела тресна трипати најмалку.
Заев и Рада утре се на „Труман“. Нека тресне тогаш Рада.
Каков Труман? Труман-шоу?
Носач на авиони „Хари Труман“. Нека тресне Рада нешто околу знамињата. Народ се пали на глупости со знамиња.
А „Рекет“? Ја го менаџирам случајот. Ќе им кажам на Вилма, Боки и Ката гадно да се замаваат.

Ама никако политички.
Не, бе, политички. Нешто вујни, тетки, јатрви, озборување. Нека се пали народ.
Фак, само што ми јавија дека излегла нова афера во влада.
Па, пред пола саат излезе афера.
Океј, дечки, сега сè е во игра. Заев нека тресне. Рада нека се растреска. Вилма, Ката и Боки парче да се направат. И плус бомби, од Камчев бомби. Нека не знаат што попрво да фатат да озборуваат.

Стварно почнувам да мислам дека има некоја креативна група што им ги смислува будалаштиниве. Оти, ќе си речеш, ај еднаш, ај двапати, ама секој ден. Неуморни се.
Во меѓувреме, на руските спортисти повторно им е забранет настап на Олимписките игри. Да се сетеше Хитлер на овој механизам, немаше Џеси Овенс да му се кити со златни медали среде Германија. Но нацистите се мали деца во однос на денешниов светски поредок предводен од „длабоката држава“ и нејзините европски полтрони. Кога не можеш да им се чаталиш на Крим, ќе им се одмаздуваш на тартан. Ако те направат последна светска будала среде Сирија, ти од фрустрации им забрануваш да ти го направат истото тоа и во Токио.

Кратка средба на улица. Се познаваме. Беше шарен револуционер. Јас ги нарекувам интелектуална бижутерија.
Што си скиснат? Тоа ме прашува.
Гледав глуп филм, провоцирам, „Небо над Берлин“.
Тебе ти е тоа глуп филм? Ах, јасно ми е, вие небањатите тешко да разберете уметност.
Не знаев дека го сакаш Петер Хандке, му се смешкам.
„Небо над Берлин“ е на Вендерс, бе глуп. И што го мешаш Петер Хандке, не ми го споменувај тој кретен и фашист.
А „Небо над Берлин“ кој го напишал?
А Сребреница? А Сребреница?

И така, прогресивното граѓанство луѓенца повторно западна во хистерија. На копче, секако. Хорски, нормално, Сите со идентично глупи муабети. Тема овој пат им е Петер Хандке. И сега мораме да ја читаме нивната хистерија за тоа зошто Хандке зел Нобелова за книжевност. Затоа што писателов имал различни политички ставови од мејнстрим-политиката. Бил против бомбардирањето на Југославија. Се сомневал во веродостојноста на геноцидот во Сребреница. Тоа што веќе излегуваат книги на тема Сребреница, каде што се зборува за вмешаноста на меѓународната заедница во тој геноцид, не е важно, затоа што интелектуалната бижутерија не чита, туку на копче се мобилизира. И тоа книги од луѓе што биле на терен. Но тука не се во прашање бомбардирањето на Југославија и масакрот во Сребреница. Личните ставови на еден човек и неговата книжевност немаат ништо заедничко. Неговите ставови се лични, книжевноста што ја напишал му припаѓа секому. И Харолд Пинтер направи цело движење, па ги судеа Клинтон и компанија поради нападите врз Југославија. Кој сега Пинтер? Хммм, ќе ѝ шепне некој на интелектуалнава бижутерија дека Хандке и Пинтер делеле исти ставови за бомбардирањето, кога ќе треба да се крева хистерија ако некој наш режисер одлучи да го постави британскиот драмски писател.

И сега тука треба ли да ги споменам Караваџо, Лени Рифенштал, Кнут Хамсун, Луј Фернанд Селин, Гинтер Грас, Езра Паунд, Алберто Моравија? Нема да ве мачам. Интелектуалната бижутерија и онака не би разбрала. Тие може само ќе чекаат нова директива од некој глобалистички центар на моќта за да почнат да го распнуваат следниот политички некоректен автор. Најмалку сакам да им објаснувам дека генијалноста нема никаква врска со приватните ставови на авторот. Е, ама Обама кога доби Нобелова награда за мир ни зуц, ни муц, ни туц. Немаше директива хистерично да се вреска. А човеков одговорен за смрт на неколку стотина илјади цивили. Веројатно сега се прашувате зошто не го коментирам официјалниот став на Никола Димитров, Северџанистан да не присуствува на доделувањето на Нобеловата награда. Глупаво е да коментирам глупости на еден американски агент што од книжевност се разбира колку јас од квинслиншки срања.

А додека трае светската бурлеска со Олимпијадата и Хандке, кај нас продолжува гротеската наречена судски процес за „Рекет“. Народот си голта евтина и лоша сапуница, ама затоа ужива во плодовите на договорите со Грција и Бугарија и Законот за јазиците. По договорот во Преспа, Грција го бетонира македонскиот идентитет. Како грчки. Бугарската академија најдобрососедски ни кажа дека не постои македонски јазик. А Венецијанската комисија ни соопшти дека Законот за јазиците нѐ оддалечува од европските стандарди и тоа е најверојатно една од многуте причини зошто не добивме и нема да добиеме датум со Унијата. Ама што е важно тоа, кога договориве и законов им ги плаќаат сметките на прогресивниве.