На почеток

Мотото беше „Македонија ќе победи“ – и толку! Сега ќе пишуваат нова партиска програма („Нов завет“ е име што буди смеа, бидејќи новиов месија сака да го замени стариот, ама по истите траги). Говорите, песните, сценографијата – сето тоа беше бајато, луѓето се извикаа, се качија на автобусите и се вратија дома за да гледаат на вести кое име им го смислиле Заев и Ципрас. За ДПМНЕ ќе почнело „работно лето“ (веќе видено кај СДСМ), па годишни одмори и така…

Уште кога пред неколку години, или поточно во 2011 година, почна сезоната на масовни протести, напишав дека тие водат кон слепа улица, односно дека можат да послужат како издувен вентил за насобраните фрустрации, но дека е речиси невозможно од нив да се роди нов вид политика и/или партиципативна демократија. По сето искуство од изминатите години, а особено по владеењето на оваа влада (божем донесена на власт на крилата на граѓански протести) оваа теза емпириски се потврди. Затоа, сцените од саботниот масовен протест на ВМРО-ДПМНЕ се само една алка во низата, настан што не донесе ниту можеше да донесе нешто ново – освен промоција и легитимација на новиот лидер на партијата, особено во светлина на сето она што набргу ќе треба да го демонстрира како „конструктивна опозиција“ во деконструирањето на Република Македонија.

Со ова не сакам да кажам дека нема причини, и тоа добри причини за протести во Заева Македонија; напротив, чудно е што протест организираа(т) политичките опоненти, а не оние што му помогнаа на еден потпросечен, некадарен и неморален човек да дојде на власт. Чудно е што се чекаше толку долго, а секој скандалозен потег остануваше без реакција. Да беа протестните движења од 2014/2016 автентични, да беше точно дека Македонија се разбудила и дека и на младите им дошло прекуглава да гледаат како им се уништуваат иднината и перспективата, денес немаше да бидеме во ситуација да гледаме како најавените мајски протести станаа јунски. Ќе бевме сведоци на непрекинато општествено бранување, кое ќе го лулаше владиниот брод и ќе ги принудеше да внимава на своите потези. Ништо од тоа! На површина исплива не само опортунизмот кај довчерашните шарени револуционери, туку и фактот дека немаше ништо спонтано во таа „револуција“ – тие и не очекуваа ништо повеќе од ова што сега им го нуди Заев! Имајќи предвид дека Шарената револуција беше само операција за смена на режимот со обилна странска помош, останува фактот дека македонското општество денес е како издуван балон – без енергија, без волја и поттик да се дигна на нозе против една катастрофално лоша влада. Затоа и денес имаме (ре)конструирана влада и парламентарно мнозинство од кое треба коса на глава да ти се крене само ако им ги видиш биографиите, ама тоа не е предмет на критика или на протест. Да се чуди човек каде исчезнаа оние студенти од пленумите што бараа чесни и квалитетни кадри и политики што нема да водат до богатење на мал број поединци во врхушките на власта!

Неоспорен е фактот дека Мицковски успеа да мобилизира доволно луѓе да го исполни платото пред владината зграда, но многу поважно е да се праша што се постигна со ова. Која беше вистинската цел? И кои се следните чекори? Знам дека и на два дена по протестите на мнозина сѐ уште им работи адреналинот од саботната вечер и се чувствуваат добро, будно и борбено. Но, и тоа набргу ќе мине, па ќе дојде до отрезнување. ВМРО-ДПМНЕ останува истата десеткувана, компромитирана и – најважно од сѐ – импотентна политичка партија, која повеќе се грижи за својот опстанок, отколку за македонските граѓани и за Македонија. Оцените за настапот на Мицковски се различни: од суперлативи, до разочарување – но, тие се сега небитни, бидејќи неговата цел беше да се устоличи и да добие „народен“ легитимитет! Лично не би била претерано строга кон некој што е почетник и на политички план и особено на вакви јавни настапи, а за волја на вистината што да очекуваш кога противник му е човек со капацитетите на Заев (за кој разбравме дека славел 25 години од матурата!). Толкав ни е капацитетот! Си одговараат како лонче и поклопче. Некои забележуваат што Мицковски мораше да користи потсетник и да чита од ливче за да го изрази она што се очекуваше од него (во време на висок општествен набој). Но, тоа можеби и не е израз на говорнички дефицитет колку што е индикација дека многу внимавал што не треба да каже! За да не му се испушти нешто, повеќе внимание употребуваше на мафтањето со рацете и дигањето на тупаницата! Таквата претпазливост не е никаква новина; таа беше евидентна и пред протестниот митинг: секој потег и изјава на ВМРО-ДПМНЕ треба/ше да биде опозициска, ама само во тонот, не и во содржината. Тоа што митингот беше навистина масовен не се должи само на долгите подготовки (кои од мајски направија јунски протест), туку на различните и длабоко легитимни пориви кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е партија во нокдаун, па и со сите сили немаше да може да собере толкав број присутни, да не беше општата криза во која секојдневно тоне Македонија.

Затоа, масовноста е повеќе резултат на загриженоста за катастрофално лошото водење на надворешната политика на СДСМ и коалициските партии во однос на спорот за името, отколку на организациските и политичките капацитети на ВМРО-ДПМНЕ. Самата најава на протестот, слоганите и тезите што беа исфрлени на површина будеа сомнеж дека претходно минале на одобрување кај амбасадорите или биле предмет на самоцензура. Речиси до самиот настан, ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше „слонот во собата“, т.е. најгорливото прашање за македонските граѓани, или ајде да бидам попрецизна – за Македонците. Под притисок на јавноста, дури во последните денови срамежливо почнаа да изразуваат негодување во врска со начинот на кој Заев и компанијата почнаа такво длабоко орање што дури и пирејот е во опасност да биде откорнат и запустен. И сето тоа на крајот се сведе на бледите и познати фрази од типот „нема промена на Устав за промена на уставното име на државата“. Преведено, тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ се согласува со промена на Устав по барање од Грција, ама само ако таа не значи целосно бришење на уставното име на државата, и второ – се согласува со промена на уставното име, ама само доколку Уставот не се менува.
Накратко, на ВМРО-ДПМНЕ на крајот на паметот не му е да бара прекин на преговорите и одговорност за противуставното дејствување на „преговарачите“! (Ова засега го истакнаа само Левица и Глас за Македонија; првите дури и со тужба пред Јавното обвинителство против Заев). Ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека и „новото“ раководство на партијата е длабоко компромитирано и уценето, па не се ни осмелува да користи тези што од странците би можеле да бидат толкувани како националистички! Навидум, некој ќе помисли дека оваа „десна, конзервативна и националистичка“ партија чудесно се излекувала од старите болести, и тоа во време кога комплетното македонско прашање испливува на површина како никогаш порано: од оспорување на идентитетот, нацијата, јазикот, културата, историјата, црквата… А вистината е дека партијата можеби и би сакала, ама не ѝ даваат! Тоа што мнозина излегоа на протестот со многу појасна мисла и идеја од таа на Мицковски, само покажува дека земјата ниту има лидер, ниту има политичка сила или опозиција што би го запрела уништувачкиот од на актуелната влада. Мотото беше „Македонија ќе победи“ – и толку! Сега ќе пишуваат нова партиска програма („Нов завет“ е име што буди смеа, бидејќи новиов месија сака да го замени стариот, ама по истите траги). Говорите, песните, сценографијата – сето тоа беше бајато, луѓето се извикаа, се качија на автобусите и се вратија дома за да гледаат на вести кое име им го смислиле Заев и Ципрас. За ДПМНЕ ќе почнело „работно лето“ (веќе видено кај СДСМ), па годишни одмори и така… Протестот и немаше друга цел освен да му послужи на Мицковски. На наивните им обезбеди своевиден хајд-парк, барем за една вечер. Сега можеме да се вратиме во (не)нормалата.