На питачки стап со Нина и Мила

Секогаш кога сум принудена да реализирам колоквиуми или испити по пат на тестови се трудам прашањата да бидат поставени интелигентно, на начин што ќе ги натера студентите да размислат добро, а мене да ми дадат увид не само колку учеле (напамет) туку (многу поважно) колку ја разбрале материјата. Затоа, повремено, вметнувам и трик-прашања. Едно од нив се однесува на концептот на социјална држава – бидејќи, верувале или не, според членот 1 од Уставот, Македонија е (и) социјална држава (покрај суверена, самостојна и демократска – што за речиси 30 години се покажаа како флоскули). Трик-прашањето е поставено на начин на кој на студентите им се нудат неколку објаснувања, а тие треба да го одберат вистинското. Една од опциите би требало да биде толку евидентно погрешна, што (хипотетички) би требало по пат на елиминација веднаш да го отфрлат.

Таа гласи вака: социјална држава е држава што е сиромашна и прима социјална помош. Се разбира, претходно на часовите сум им објаснувала што е тоа социјална држава, па дури и сум им ја кажувала оваа замка и дека е тажно и смешно кога ќе видам голем број студенти што ја одбрале оваа опција. Но, одново и одново, оние што не учат, ја повторуваат истата грешка. Но, дали е грешка? Или студентите (од прва година, на Политички систем) рефлектираат инстинктивно, па чувствувајќи ја и гледајќи ја сиромаштијата околу себе и слушајќи за секојдневните задолжувања на државата, им се чини логично дека токму тоа е Македонија – социјален случај?!
Како да им објаснам на студентите дека таа (наводно) социјална држава ги повикува граѓаните, преку министерката за финансии (самата дел од бизнис-кастата), да донираат дел од личните примања за подобро справување со ковид-19?

На интернет-страницата наречена „Солидарност на дело“ пишува дека доброволните прилози одат во некаков Солидарен фонд за помош и поддршка со справување со кризата при Генералниот секретаријат на Владата („при“ Рашковски, оној заплеткан во некаква афера за која никој не зборува, плус другарче на ЗЗ на квадрицикл вреден 10.000 евра) и/или на сметката на Министерството за здравство. Оваа иста Влада, која или го изгубила компасот или мисли дека пиеме нафта, прво божем дава поврат на ДДВ со некаква апликација на која луѓето ги скенираа своите фискални сметки, а потоа апелира да ги донираат тие средства за хуманитарни цели. Потоа, преку портпаролче порачува какви неверојатни финансиски успеси постигнала и како ја подигнала минималната плата, а се задолжува со неверојатни износи пред избори.

Како да се толкува трошење на стотина илјади евра за тревници на плоштад среде здравствен колапс? Нина ги потсетува граѓаните на потребата да се солидарни, а ден потоа Дамјан објавува план за доделување 2,5 милиони евра за 5.000 млади, кои тукушто завршиле средно образование (и станале гласачи) за обучување за (божем) дигитални вештини. Во меѓувреме Заев лицитира со неверојатни бројки за тоа колку пари фалат во буџетот (а уште не е ни половина на годината помината) – 200 милиони, не 500, ах две милијарди станаа; Нина за три месеци се задолжува за 1,5 милијарда евра. Третиот пакет мерки е очигледен пакет на предизборна корупција, но, ете, немале за четвртиот, па народот треба да стане солидарен. Но, сепак, делат ваучери за летување (божем на најсиромашните баш до летување им дошло?!) и половина милион евра се инјектираат во шарените (не)владини организации, а богами и медиумите треба да добијат некоја трошка…

Мислат ли дека заборавивме дека во март потрошија 150 илјади евра само за бифтеци? Ви текнува на „Вистината за Македонија“? Ставревски е, без оглед на сѐ, мојот јунак: „Ние немаме за леб дома, а купуваме чоколади!“ – само што не верувам дека Нина сега тоа му го вели некому додека ја гризе совеста… Што? Совест? Кај Нина? Кај Мила? Кај Кочо? Да, да, Кочо е претставник на бизнисот (ах, колку згодно! How convenient!) во советодавното тело на Нина – Совет за фискални мерки за ковид-19, и види чудо: неговата фирма, која остварува милионски добивки, добива стотина илјади евра државна помош за само еден месец. Пресекот покажува дека државните пари главно завршија кај најпрофитабилните фирми, во согласност со старата „кој има пак да има“. Нина апелира до нашата совест – затоа што тие се „оперирани“ и од совест и од чест!

А богами и од одговорност (барем засега)… Ја проверувам интернет-страницата и гледам дека само три правни лица донирале нешто, но ги нема фирмите на сопругот на Мила, на Рада Прада, на Заеви (кои, ете, баш се подновија со нов џип со астрономска цена)… Накратко, во оваа „социјална држава“ на власт се социјалдемократи тајкуни, кои очигледно спискаа сѐ што беше на дофат и што не е нивно – почнаа со името, идентитетот и Уставот, а сега ќе остават финансиски колабирана државна каса…
А за социјалната држава, наредниот семестар ќе им кажам на студентите да не веруваат ништо што пишува во Уставот. Што се однесува до социјалната држава/државата на благосостојба, таа е дамнешно минато и на западот/северот на Европа (некаде повеќе, некаде помалку). Уште во 2013 година, во обраќањето до нацијата, холандскиот крал Вилем-Александер ја пренесе пораката на Владата: социјалната држава од 20 век е минато.

Наместо неа настапува „партиципативно општество“ во кое луѓето мораат самите да ја преземат одговорноста за сопствената иднина и да креираат сопствени социјални и финансиски безбедносни мрежи, со помала помош од страна на државата. Со други зборови, снаоѓајте се како знаете и умеете и не чекајте дека државата ќе ви помогне! Впрочем, дури и оваа „генијална идеја“ за промовирање (бизарна) солидарност со државата е чедо на УСАИД. За волја на вистината, во развиените капиталистички земји нема социјална поткрепа на најзагрозените (или во најдобар случај таа е драстично намалена), но барем граѓаните не мораат да ѝ донираат на државата. Нас двапати сакаат да нѐ „стрижат“: и со даноци и со донации, плус јавната контрола на политичките чувства пред избори (малку наликува потфатов на онаа ујдурма на ВМРО-ДПМНЕ со уплатниците на „граѓаните“).

Додека пишувам стигнува онаа статистика од која стрепиме секојдневно: нов рекорд, дури 11 починати (денес, сабота), ГОБ се „задушува“ од наплив на пациенти, монтажната болница се полни, Дебар во критична состојба… Но, затоа се полнат и кафеаните, сега без ограничување на работното време. Оние што пред некоја година редеа чевли пред зградата на Владата за да тагуваат за младите што заминале, сега зборуваат дека Владата прави максимум. Да, верувам! Ваква катастрофа да создадеш за само неколку години, во секој поглед, за тоа треба „дарба“! Ако досега ни заминуваа младите и образовани, сега државата ќе се ослободи од изнемоштените, старите и оние пред или со пензија – и оп, аферите-опашки и дупките од Фондот за здравство ќе се пополнат. Мерки на штедење без преседан.

Сакав да пишувам за тоа што е социјална држава, што (не) е солидарност и зошто овие не се социјалдемократи, но изгубив волја… Кому му е сега до тоа? Јавните финансии се сведоа на доброволни прилози, а од еден „министер на смртта“ (заради смртта на малата Тамара, која ја злоупотребија политички и ја заборавија исто како и Мартин Нешковски, чиј убиец е на слобода) завршуваме со „влада на смртта“. Само нема кој тоа да го каже гласно и да маршира… Сега УСАИД промовира „солидарност“ со режимот, а не негово уривање. Ова е држава на питачки стап, а ние сме лудаци ако мислиме дека со смената на една гарнитура нешто драматично ќе се смени. Понекогаш мислам дека е ова Титаник на кој не свири оркестар додека тоне, туку се одвива најпримитивна балканска „разваљотка“. Простете, ама кога човечките животи стануваат обична статистика, пристоен човек не може а да не биде депресивен.

Можеби затоа што неодамна ја препрочитував книгата „Слепило“ од Сарамаго… Или затоа што Харуки Мураками е во право кога вели дека секој, длабоко во срцето, го чека на крајот на светот, а крајот на светот е секој ден, за некои луѓе (М. Атвуд). Во кафеани не одам, на листата на приоритети никако не се ни родендени, ни слави, ни свадби ни погреби… Но, на избори ќе одам, ако треба и со скафандер, бидејќи ова веќе не е прашање на политички, туку на егзистенцијални избори. Оваа катастрофа во движење мора да запре или… нема да дочекаме други избори да ги смениме… За овие и питачкиот стап е многу, треба да им се одземе.