На неписмените им е потребен непостоен јазик

Имам сознанија дека аферата „Рекет“ води до Мицковски.
Имаш. Сознанијата ги најде во моите минатонеделни колумни.
Почитува ли бре некој во ова експерименталниов Орвелов протекторат, интелектуална сопственост? И што да правам сега јас? Треба да го тужам Зоќи што на прес-конференции, наместо свои, користи мои зборови? Да, да, ми краде интелектуална сопственост. Знам јас дека звучи идиотски што тој го обвинува Мицковски за рекетот. На мали деца им е јасно дека власта сериозно е зацапана во тој рекет, па сега преку судот и Обвинителството се обидува да се извлече. А јас бев прв што во своите колумни го обвинив Мицковски. Нормално, откако ги чув прес-будалаштините на „каде е син ми Костадин“. Е па, сега, ако „истрагата води до Мицковски“, како што напишав јас во минатите колумни, нека ме цитира докрај. Оти јас обелоденив цело злосторничко здружување против блескавиот „Северџанистан“. Открив гадни пикантерии. Како фактот дека Мицковски работи за Путин. Тој, Владимир Путин, му дал хибридна дрога на опозиционерот за да ѝ ја подметне на Кејти. Патем, го измислија ликот Боки Тредичи. Затоа што тој не постои. Никој не го видел, освен на телевизија. Така влијае тој заебан руски сајбер-наркохибрид што Путин му го дал на Мицко. Мислиш дека постои некој што не постои. И тераш рекет со него.

Објавив јас и други застрашувачки детали. Дека Путин им дал тајни снимки на комичарите Вован и Лексус, а овие преправени во Порошенко и Столтенберг, му ги дале на Мицко. Кој, пак, преку Федерико Фелини ги доставил до италијанската „Ла верита“. Сега се надевам дека Зоќи и Обвинителството ќе ги земат предвид и овие докази. Оти моево излезе исто како она на Геро, ама обратно. Тој раскажуваше приказни со фиктивни ликови сакајќи да посочи реални настани. И сега, „фиктивниве“ демантираат. Кај мене излезе сосем обратно. Јас пишував цинични и будалести тестови ставајќи вистински имиња. Мицковски, Путин, Лексус, Фелини… За да покажам со каква малоумност сме опкружени преку обидите на власта да се самоамнестира. И, ете, сега го слушам Зоќи како ја вади мојава луда и надреална теорија за вината на Мицковски по пресови.

Русјаков!!!
Аман од тебе! Што сакаш сега?
Го слушна ли грчкиот министер за надворешни работи?
Не, не го слушнав.
Рече дека ако сакаме во ЕУ, тие со текот на времето ќе нè убедат дека не сме Македонци, туку само граѓани на Северна Македонија.
Не е далеку од вистината. Тука има огромен број граѓани што се подготвени за „три чрвени“, лајна да бидат.
А го прочита ли Ненад Јовановиќ?
Не, го читав Јован Јовановиќ.
Кој Јован Јовановиќ?
Змај.
Не, тој. Овој напиша дека секој мора државава да ја нарекува Северна Македонија.
Нека дојде лично да ме убеди.
И плус, секој што не ја нарекува така, да ти бил националист, приврзаник на стариот режим и го делел народот.

Ха, малите северџанистански гебелсчиња нешто се жестат, а? Нацисеверџанчето е нервозно. Веројатно е свесен дека нема да престанеме да им дишеме во врат. Дека каде и да одиме, што и да правиме, јавно ќе кажуваме Македонија. И не само тоа. Секаде кога сме во можност ќе објаснуваме дека Северна е името на окупацијата. Како што јас го направив тоа пред извесно време во Словенија и Хрватска. Во Љубљана дадов четири интервјуа. Две пишани, две телевизиски. И двете пишани интервјуа беа за левичарски весници. Едното за најчитаниот весник, „Словенско дело“. Огромно интервју. Таму детално објаснив зошто Северна е името на окупацијата. Зборував за поништување на референдумската волја на граѓаните. За срамот на власта, амбасадите, ЕУ и НАТО, кои ги прогласија за победници губитниците. Ги изнесов на виделина криминалот, рекетот и уцените при гласањето во Собрание. Вараварските „балкански методи“ на Хан и нецивилизираноста на ЕУ. И за уште многу други нешта. Настапив и на словенечката национална телевизија. По моето демаскирање на злото, водителката постојано изговараше Македонија. И во Хрватска беше исто. Силно одекнаа моите настапи. И во радиоемисијата на ХРТ и во Друштвото на хрватските писатели во Пула. Тоа треба да го знаат гебелсчињава. И не само јас. Ние Македонците сме далеку помногубројни од нив, северџанистанците. Ќе им го рушиме и плукаме наципроектот кај ќе стигнеме. И затоа, кажи му на тој твој Јовановиќ што не е Змај, дека специјалната војна меѓу нас Македонците и нив, северџанистанците, не завршила. Напротив, само што почнала. Сеедно што сè уште седат во скутот на изопачената моќ.

А виде дека веќе промовирааат северномакедонски јазик?
На неписмените им е потребен непостоен јазик.
Значи да не ти ја споменувам Кица Колбе.
Звучи како конц-логор.
Што тоа?
Белзек, Бухенвалд, Кицаколбешвиц.
Кица Колбе е професорка и напиша дека…
Не ме интересира. Звучи како да е северномакедонка со бугарски корен, произведена во Грција. Не ме интересира што напишала. Сега сум заинтересиран за формирањето на СС-дивизијата. Деновиве есесовциве го промовираат клубот „Само Северна“. Фатиле и учебници да менуваат. Ќе прават мали есесовчиња. Сега чекам да ја активираат нивната интелектуална бижутерија, па да ни замаршираат „северјунген“ бригади по улици.
И како сакаш да ја завршиме колумнава?
Со чардаш. Малку унгарски виолини. Пушти ми ја „Свирете ми, датум стига, дуњо моја“ од Ласло Трошањи.