На која историја се потпира Македонија?

Во годините од осамостојувањето досега, историските прашања се покажаа како опиум за Македонците, со сите штетни последици од неговото консумирање. Поминатите временски циклуси на жестоката критика на југословенскиот период, на фронталното враќање на сеништата на крвавиот дел од историјата на почетокот на 20 век, префорсираната идентитетска врска со Александар Македонски, можеби беа нужни периоди за некое специфично национално освестување на Македонците. Без тие циклични пројави, Македонците не ќе можеа постепено да си ја чистат сопствената историја, редица заблуди ќе останеа да живеат во нивната национална свест

Познато е дека по потпишувањето на договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и по потпишувањето на конечната спогодба за името со Грција беа формирани и почнаа да работат заеднички стручно-научни комисии за усогласување на историјата и настани и личности од минатото меѓу трите држави. Формирањето на овие комисии (работни групи) не е автентична желба на некоја од државите посебно, туку е европска препорака заснована на позитивните искуства меѓу западните земји-членки на Унијата, кои низ историјата воделе стогодишни војни, а денес се вистински пријатели и остваруваат заеднички интереси. Познат е и фактот дека во македонската јавност, освен позитивните оцени од власта и нејзините поддржувачи, за еден добар дел граѓани, формирањето на комисиите е непотребно и ќе биде на штета на историјата на македонскиот народ.

Објективната ревизија на македонската историја, целосна или парцијална, беше нужна уште од денот на самото осамостојување и независност, од денот на гаснењето на комунизмот – социјализмот како владејачка и управувачка општествена идеологија. Таа, на еден или на друг начин е спроведувана, но целосно неорганизирано и, што е најважно, повторно политизирана во зависност од тоа која партија во кој период се наоѓала на власт. Додека социјалдемократите имаа повнимателен пристап, ВМРО-ДПМНЕ и како партија и со помош на нејзините историчари-поддржувачи вршеше интензивен упад во историското минато, некогаш изнесувајќи нови, дотогаш непознати документи, а некогаш одредени фалсификати заменуваше со нови фалсификати. Како во книгите, така и во учебниците.

Што се случи по тој повеќе квазиполитички одошто научен галиматијас? На што се потпира денес Македонија? На која историја, на кои историски факти? Кое е нејзиното сиви? Има ли негде напишано која е нејзината вистинска биографија како држава на некој народ или како територија на тој народ? Од кога постои – од антиката на Александар Македонски (Велики) или пред неа? Од времето на царот Самуил, од Илинденското востание и Крушевската Република, од пред и по Балканските војни или од Првата и Втората светска војна? Од АСНОМ 1944 или од референдумот 1991? Од Киро Глигоров или Љупчо Георгиевски? Дали нејзината историја почнува со појавата на УЧК (ОНА) и Охридскиот рамковен договор? Дали македонската историја или нејзиното толкување почнува со секое ново доаѓање на власт на различна партија или партиска коалиција? Или вистинската Македонија, овој пат со ново име, Северна Македонија, нема своја автентична историја туку таа почнува од најновата владејачка гарнитура на СДСМ со Зоран Заев, на чело во договор и партнерство со ДУИ на Али Ахмети и Талат Џафери, тандем што си зеде сериозна обврска земјата да ја внесе во НАТО и ЕУ. Додуша, таму не прашуваат за историјата, таму гледаат во иднината.

Лично, не верувам дека комисиите што работат со Бугарија и Грција ќе ги решат сите отворени прашања, а верувам дека и тие не веруваат во тоа. Сепак, претпоставка е дека заради задоволување одредени повисоки политички потреби, лицемерно ќе изјавуваат дека е постигната некаква согласност дури и тогаш кога неа суштински ќе ја нема. Тоа ќе се случува затоа што и сега историографијата ќе биде подведена под политичка контрола, со што најверојатно ќе биде загубен научниот дигнитет. Можно е историската наука, под влијание на политичарите од трите страни, од трите држави, да биде грубо политизирана, инструментализирана и фризирана, од што најголема штета би имале и самите историски факти, особено македонските.

Во годините од осамостојувањето досега, историските прашања се покажаа како опиум за Македонците, со сите штетни последици од неговото консумирање. Поминатите временски циклуси на жестоката критика на југословенскиот период, на фронталното враќање на сеништата на крвавиот дел од историјата на почетокот на 20 век, префорсираната идентитетска врска со Александар Македонски, можеби беа нужни периоди на некое специфично национално освестување на Македонците. Без тие циклични пројави, Македонците не ќе можеа постепено да си ја чистат сопствената историја, редица заблуди ќе останеа да живеат во нивната национална свест. Но правени за политичка популарност на лидерите и партиите, таквите обиди не ги дадоа очекуваните ефекти. Напротив, фактите ги поразија ефектите, а неславно завршија и сите агресивни пропагатори на невистини или полувистини.

Токму дел од историските навраќања и толкувања, оптовареноста со преголема горчлива доза историја, придонесе македонскиот народ да е поделен не само политички туку да нема силно и стабилно национално, духовно и културно (ако сакате и религиско) единство, какво што имаат други народи, Албанците на пример. Таквото неединство се одразува и врз политичките и контролирачки позиции на Македонците во сопствената држава, ги разгорува ниските страсти, создава морална отапеност, го поттикнува реваншизмот, го убива духот на толеранцијата, без која нема вистински демократски живот. Неоспорно дека го развива и стравот за иднината на сегашната и на идните генерации. Да не заборавиме дека тоа си има свое негативно влијание врз состојбите во економијата, во науката, образованието, здравството, културата, сообраќајот, спортот. Безмалку во секоја област и на секое ниво.

Заглавени во ирационални дебати, не гледаме колку сме противречни. Од една страна тврдиме дека имаме големо минато, славни периоди и личности, а во исто време кукаме дека сме излажани, предадени, дека сме објект на заговор на светските сили, од балканските војни наваму, до денес, без застој. За опишување на ваквата состојба можеби најдобро објаснение има дадено италијанскиот дипломат и антифашист Карло Сфорца, кој има кажано дека сите национализми истовремено се потпираат на две фиксни идеи, кои само привидно се исклучуваат – едната е манија на величина, а другата манија на гонење.

Во контекст на „уточнување“ на минатото со Бугарија и Грција, треба отворено да се каже дека, случајно или намерно, се испушта една алка без која нема објективна историја на Македонија и македонскиот народ. Таа суштинска алка е периодот на Република Македонија во рамките на Југославија од 1944 до 1990 година. Колку во минатите години се настојуваше да се минимизира или критизира тој период, историски факт е дека во југословенската држава, во Титова Југославија, беше решено македонското национално прашање, беше признаена самобитноста на македонскиот народ, потврдени неговиот национален идентитет, јазик и писмо.

Во тој период беа формирани сите национални институции што одликуваат и стабилизираат држава, сите со македонски предзнак, со национален префикс – македонски универзитет, академија на науките, црква, театар и слично. Секоја нова историја без објективна процена на времето на Тито (и Лазо) ќе биде лажна, фалсификувана историја. Југославија не беше вештачка творба, како што не беше и не е и Македонија. За овој период нема формирано некоја комисија, но затоа останува на историчарите од помладата генерација, неоптоварени со емоции, да направат вистинска материјална, не само идеолошка, анализа за најсветлиот период во историјата на македонскиот народ. Без југоносталгија, туку со вистинските факти.