На запад каде што изгрева зајдисонцето

Сите вознемирени. Не може да се пофати што повеќе нервира, плаши, фрустрира. Не ви се верува, така велите. Сме допреле дно, газиме во апсурд, живееме безумност. Сè е вистина. Всушност, пострашно е.
Ама така треба да биде. За безумноста не е виновен оној што ја создава, туку тој што ја прифаќа за нормална. Патем има милион оправдувања дека не е виновен за она што му се случува. Сите се исти, така сакаат моќните, а што па јас можам да сторам и уште милион оправдувања само за да не се изгуби личниот комфор полн сеир и озборувања.
Мила Царовска изјавила дека родителите им прават штета на децата ако ги тераат да учат од печатени учебници. Во право е. Правите штета. Учебниците најчесто се срање. Од вашите деца создаваат корисни идиоти. Мила само сурфа по брановите на безумноста, за тоа е програмирана, па не ѝ е јасно дека тие учебници ставени во дигитална форма исто им штетат на децата. Затоа што образовните програми им штетат на децата. Осумдесет проценти учителски кадар што шлапка во интелектуална плиткост, ползи пред партиска директива и живее со максима „за тие пари толку“, им штетат на децата. Целото образование програмирано за создавање несвесни послушници, среќни робови, консументи без самосвест, совест и сомилост, им штети на децата. Родителите им штетат на децата. Затоа што и тие поминале шкарт образование. Ме нервираат муабети, во наше време друго беше. Ма немој! Па во кое образование се образовани оние што денес ја креираат безумноста?
Многумина ги вознемири најавата за поскапување на струјата.

Прогнозата дека инфлацијата ќе расте. Тоа е логичен редослед на настаните. Нели блескаме? Нели повеќето ја прифатија приказната дека сме стабилна држава, затоа што така вели американската амбасада? Па ако економијата зајакнува, покачување на струјата не треба да возбудува. Патем не плаќаме радиодифузна такса. Да не зборуваме дека и новото име ни плаќа сметки. Така пееше интелектуалната бижутерија, многумина пеевте со нив, ама и оние што не го знаеја текстот, држеа ритам.
Затоа ќе ја продолжам таа песна. Инфлација е нормално да расте, тоа ѝ е работа. Штом расте економијата, се збогатува осиромашен ураниум, на моќните им пораснаа „мандалата“, па мавтаат со нив заштитени од презервативите на Западот, зошто да не расте и инфлацијата?
Ме чуди што се потсмевате со моќната НАТО-армија на Нордистан, која доби шатори и вреќи за спиење од Британија. Може ќе се отвори камп „Секс, војници и рокенрол“ каде што енџио-активистки ќе опуштаат НАТО-војници по лошиот секс во Авганистан. Исто како кампот „Секс, извидници и рокенрол“ што така силно вознемири, ама постоел како програмска активност пар години и родителите си ги праќале децата, оти претпоставувам, кршењето на сексуалните табуа е прогресивно, а знаеш ли ние на времето што правевме по шатори и други оправдувања, додека, нели, не дојде моментот… ама не очекував дека баш на моето дете… и така натаму. И сите овие безумни глупости, три децении сервирани од прогресивната енџиовштина на интелектуалната бижутерија, се прифаќаат како модерни, оти секогаш сте сакале да бидете како нив, граѓанство луѓенца. И ќе продолжите да им се восхитувате, не се сомневам во тоа, а они, сега кога јаваат на моќта, ќе продолжат да ве „сексаат“ со својата плиткост, претставувајќи ја како врвна интелектуалност.

Па и Груевски им се восхитуваше. Му дремеа по кабинети. Повеќето ги напика по културни институции.
Забележав, не ви се допаѓаат кампањиве за локални избори. Нивото било ниско, кај заминал моралот, се нуди тоа што нема да се исполни… океј е бе, нордистанци… вие како Скандинавци од Западен Балкан на југот од Европа, треба добро да знаете дека ако пописот е политичка операција, тогаш изборите се статистичка операција. И онака на крајот од сите избори возбудено се чека што ќе кажат статистичарите од Кале и онаа опскурна канцеларија што постои ЗА ТЕБЕ. Јас не ги следам избориве. Мене ми е интересен само односот на граѓанското, прогресивно СДСМ (нивните поддржувачи) спрема жената Данела Арсовска. Уф, каков само прекрасен, цивилизиран, проевропски сељачизам и со зборовите на нивната интелектуална бижутерија, неандерталски, шовинистички, мизогиничен примитивизам.
Забележав, згрозени сте од резултатите на заедничката акција на МВР и ОЈО, кои открија дека озлогласениот продолжен кабел е виновен за смртта на петнаесет луѓе во модуларната болница. Зошто сте згрозени, кога е јасно дека акциониот трилер „Лов на продолжниот кабел“ ќе има успешна премиера, оти по секој ваков лош филм се пушта нова тура прислушувани муабети за тоа кој политички селебрити со кого се онади и сите веднаш забораваат на грозното сценарио, оти сега секс слушаат. Патем, откако СЗО излезе со став дека количеството смрт од коронавирусот зависи од квалитетот на здравствените услуги, а Нордистан е земја меѓу петте во светот со најголема смртност по број на жители, би требало да се очекуваат продолженија за да се докаже дека здравството денес блеска, а за мртвите се виновни грешките на минатиот режим, па ќе ги гледаме „Грујовата отпусна листа“, „Штекерите на Грујо го возвраќаат ударот“, „Англискиот пациент и џелатот од Будимпешта“.

Ау, шок! Сексапилната Унија не го сака Нордистан меѓу своите нозе. Меркел не сака фиксни датуми во мобилни времиња. Влијателни германски медиуми отворено ја повикуваат Унијата да престане да ги лаже нордистанците, оти ниту датум ќе има ниту проширување. Па нели цела ЕУ се истопори пред референдум да каже дека треба само да смениме име и ете нè во елитата каде што ќе има бесплатно здравство за сите, а новото име ќе ни плаќа сметки. А тоа било само за НАТО, ааа океј, сега треба само уште нордистанците да се кажат Бугари. Па не е проблем. Се сеќавате како онадевте Бугарки во време на Тито за три чрвени, од тоа онадење гарант некаде фатило семето, што значи веќе иста крв сме. Патем ние дури сега сфативме колку е корисно да те онадат за три чрвени за влез по елитни клубови. На крајот на краиштата, секогаш може САД да нè внесат во Унијата, така?
А зошто сте запрепастени? Нордистанскиот гуру со гестикулација на врвен интелектуалец го покажа „мандалото“ на отворена сцена. Е па, ај, Грујо да го вратиме, он да го покажува. Патем, големиот гуру воопшто не покажа „мандало“. Тој покажа мандала. Да знаевте санскрит, ќе ви беше јасно дека тоа е круг. Сè почнува од него и кај него се враќа, затоа што тој е мистик и познавач на древната и источна мудрост што доаѓа од запад.
Туку надвор ќе студи. Многу ќе студи. И ќе има економска и енергетска криза. Струјата ќе поскапи. Инфлација ќе расте. Затоа Унгарија ќе добива руски гас. Хрватска исто така ќе добива руски гас. А ние? Нас Русите ни го протераа и последниот дипломат од Москва. Затоа што упорно, без никаква причина, протеруваме руски дипломати бидејќи сме лигави, сервилни полтрони на западната моќ, која и самата зема гас од Русите. Ние ќе се грееме на топлите зборови од Западот каде што изгрева зајдисонцето.