Најнови невронаучни сознанија за агресијата

Многу често во моите написи се обидувам да придонесам за осознавање нови и интересни откритија од областа на невронауката. Невронауката е растечка модерна дисциплина, која, ете, по некоја случајност, претставува и моја потесна област на истражување.
Невронауката подразбира студија за тоа како нервниот систем се развил, каква му е структурата и како функционира. Невронаучниците се насочени да ја откријат улогата на мозокот (како материја) и неговото влијание врз однесувањето и мисловните функции (како нематеријални продукти). Исто така, тие истражуваат што се случува во нервниот систем кога луѓето имаат некоја невролошка, психијатриска или невроразвојна болест. Но, невронауката не е изолирана дисциплина; за да добие одговори на многу комплексни прашања, таа е мултидисциплинарна и испреплетена со други дисциплини, како математика, лингвистика, инженерство, компјутерска наука, хемија, филозофија, психологија и медицина.

Отсекогаш луѓето биле заинтересирани да знаат што се крие зад формата на телото и неговите системи. Така, во стариот Египет се мислело дека интелигенцијата е во срцето на луѓето, па затоа при мумуфицирањето токму срцето го оставале во трупот, а го ваделе мозокот. Првите записи поврзани со мозокот се наоѓаат некаде 1700 год. пред нашата ера. Сепак, дури со пронаоѓањето на микроскопот (1590 г.) било овозможено да се студира структурата на овој најбитен орган во нашето тело. Со време, значајни научни откритија поврзани за славни имиња овозможиле разјаснување на деловите од мозокот што се битни за одредени функции.
Денешниот напис ќе го посветам на невронаучните сознанија околу агресивноста. Спрема дефиницијата, агресијата претставува чувство на антипатија и бес, кои резултираат со непријателско или насилничко поведение, спремност некој да се нападне или да се конфронтираме со некого. Секојдневно сме сведоци дека агресијата е растечка. Убиства без особена причина на секој чекор, војни, насилства над невини луѓе, жени, деца, старци! Нема современ филм или литературно дело каде што не е обработено нешто поврзано со агресијата. Дали навистина таа е феномен со понов датум или, пак, во напливот на информацискиот бум само стануваме поинформирани за случувањата во целиот свет?

Основна морфолошка и функционална единица на мозокот е невронот (нервната ќелија). Таа содржи тело, продолжетоци (куси – повеќебројни дендрити, и долг – само еден аксон). Во телото е содржана целата лабораторија на нервната ќелија, а информациите понатаму се пренесуваат преку продолжетоците со помош на хемиски супстанции – невротрансмитери и со помош на електрична струја.
Изгледа дека мозокот има неврони за сѐ: невроните се тие што ни велат да јадеме, спиеме, да се разбудиме. Но, невроните во мозокот ги контролираат и многу посложените функции одошто се апетитот или спиењето, на пример, како настануваат лошите навики или од што настануваат анксиозноста, шизофренијата и сл.
Современите достигнувања во невронауката се поврзани со пронаоѓање неврони што се одговорни на фундаменталната хумана емоција – агресијата. Иако овие согледувања засега се добиени на експериментални глувци, се смета дека истите важат и кај луѓето.
Научникот Бробергер со соработниците го истражувал однесувањето кај нов вид глувци во ситуации каде што тие покажале најжестока агресија и пронашле дека кај нив се многу активни невроните во мозочната регија, која се нарекува вентрален премамиларен нуклеус (ПМв). Овој нуклеус (јадро) е лоциран во хипоталамусот, регион каде што се излачува адреналинот во ситуации кога треба да зборуваме пред публика, да се соочиме со некој наш непријател или кога одиме на интервју за да добиеме нова работа.

Хипоталамусот е битен емоционален регулатор на нашите чувства за еуфорија, тага или бес. Со користење оптогенетика (техника што ги модифицира невроните генетски преку специјална светлина) научниците селективно ги активирале или инхибирале токму ПМв-невроните. На тој начин тие можеле глувците да ги направат поагресивни во ситуации кога вообичаено тие тоа не биле. Спротивно на ова, со деактивирање на ПМс-невроните тие биле во можност да ја прекинат агресивноста што настанала. Овие наоди се публикувани во најеминентното научно списание „Нејчр“.
На сличен начин невронаучниците биле способни да ги променат улогите кај истражуваните животни од доминантна во субмисивна. Преку деактивирање на ПМс-нервните ќелии кај доминантните животни, истражувачите постигнале истите животни да станат субмисивни (подредени), но и обратното. Она што е најбитно во овие истражувања е фактот што добиената инверзија на улогите траела подолго од две недели.
Овој истражувачки тим се надева дека успеал да фрли светлина на потенцијалниот начин како да научиме да ги контролираме агресијата и бесот. Зашто добро е познато дека агресивното однесување и насилството предизвикуваат физички повреди, но и тешки ментални трауми кај многу луѓе. Освен тоа, тие имаат несогледливи скапи структурни и економски последици на општеството во целина. За нас останува единствено да влијаеме на најмладите-децата со нашиот сопствен модел на однесување, свесно да ја контролираме оваа негативна, силна и штетна емоција.

(Авторката е педијатарка и психолог)