(Нај)долгиот пат

Веќе долго доцниме на тој пат, а отчука почетокот за бришење на сеќавањето за изминатите патишта и долгови. Првите бришења (не случајно) се на списокот на културата, кој според првичните резултати од конкурсот за проекти од национален интерес, ја „збогатува културата“ на поделби и дополнително ја соголува и онака кревката национална сцена

По повеќе од сто години, Македонија е повторно во сценарио што предвидува долго и полно со патемни понижувања патување, како рафинирано (зашеќерено) продолжение на она за „Најдолгиот пат“ од Петре М. Андреевски, овој пат во духовен прогон.
Повторно, Македонија е единствената на Балканот, која не е слободна (да се именува) и принудена со „потсечени петици“ да го игра „Тешкото“. Свирачите тврдат – треба да е лесно, но најпрво ќе мора да ги сметне од себе „иредентистичките носии“ и идентитетски да се соблече, завиена (засега) уште во сопственото знаме.
Долго ќе трае тоа соблекување, под погледот на меѓувладините комисии за политичка коректност, „помогнато“ (прво) од Бугарија, а потоа и пред Грција, откако во петокот (на осми февруари) е ратификуван Протоколот за членство на Македонија во НАТО во грчкото собрание – последната пречка Северна да стане ѕвезда. Ако не на европското небо, тогаш барем над атлантските води и да се препушти на ружата на ветровите (компасната ружа) на НАТО, за да ѝ го покаже патот кон светскиот „мир“. Поинаку кажано – да ја дувне во посакуван правец.

Македонија веќе долго време го прави она што други посакуваат, но сега треба да верува дека тие посакувања се излив на едно потиснато пријателство, а националното соблекување е сообразување со ефектот на стаклена градина. Да верува дека ружата на ветровите ќе ги растера сите наши магли (со она што е во нив замаглено) и ќе донесат разведрување на македонското небо. Да поверува дека ветровите ќе завршат во едрата на „тарсискиот брод“ на НАТО, што ќе нè префрли преку големата бара до ѕвездите.

Бродовите познати како тарсиски биле прекуокеански кораби, конструирани од Феничаните да издржат долги патувања, цел милениум пред Христос. Всушност, биле трговска флота со која Феничаните владееле со Медитеранот, совладувајќи ја тогаш непремостливата далечина од Феникија до јужна Шпанија, и понатаму, преку Гибралтар. Со време, тарсиските бродови ќе станат симбол за долги пловидби. Но две нешта се повеќе од симболични – бродовите не им ги изградиле „пријателите“, а до ѕвездите (според Латините) не се стигнува низ црвен тепих, а низ трње. Тешко на оној што нагазил бос на тој пат. А Македонија е не само „боса“, туку и егзистенцијално „гола“.

И дури голотијата во уметноста е една работа, онаа во егзистенцијалното е нешто сосема друго, но и таква, не ги смирува стравувањата на соседите од можен иредентизам на земјата со „издадени коленици“, пред портите на Европа. Мора да се соблече и однатре. Такви, духовно соголени, влегуваме во оваа идентитетска егзекуција, не распознавајќи добро од зло, оттука и без срам.

Уште во Првата книга Мојсеева се споменува дека Адам и Ева во Едемската градина „беа и обајцата голи… и не им беше срам“. Последново се променило кога двојката вкусила од плодот на дрвото на (рас)познавањето на доброто и злото. Кога увидоа дека се голи. Оттогаш недостигот од облека станува знак на срам и понижување, па голотијата се користи во изложување пред јавноста на неверството (на жените) и при егзекуции.

Но само она што е голо во духот е вистински голо, а се чини нема ништо потешко од македонската придавка, која како да им тежи на целиот Балкан и на империјалистичките круни, кои над него се веднат. Од таа тежина ќе се „соблекуваат“ историските и културни споменици и институции, откако претходно се рашиваа учебниците и другите потенцијални места погодни за „шверцување“ на патриотизмот.

Мора да се соблече однатре, не само до коска, а сосе коските и да ги предаде, всушност да дозволи да ѝ бидат одземени. Само тогаш ништо не ќе може да ѝ ја покрие голотијата, ниту да ја исправи. А коските за човек се како каменот за земјата. Густина и тежина во рамнотежа. Сидро, како она на Феничаните, кои не знаејќи за железното, користеле тешки камења во животински кожи, нужни за долги патувања. Како нашето.

Но Македонија уште не го почнала најдолгото патување. Уште е „развозувана на јахтата наречена желба“. За волја на вистината, таа никогаш и не го започна вистински долгото патување во себе, ниту го избра патот на вистинско спознавање и помирување во себе. Го избра само патот на долго соблекување, до самото раскостување на идејата за државата.

Сепак, со отуѓување на „коските“ не завршува „филмот“ за Македонија. По нив, останува долгот за нивното враќање, како во „Сенки“ на Милчо Манчевски од 2007 година. Таму Лазар е оној што треба да ги врати коските како наследен долг што треба да биде вратен за да исчезнат сенките од минатото. Преспанскиот договор не само што нема да ги смири сенките од минатото, туку ќе ги умножи и во иднина, сосе долговите на плеќите на идните Лазари, од двете страни на границата…

Феничаните се одамна во светот на сенките, и покрај тоа што нивното име се поврзува со птицата Феникс, која се обновува од сопствената пепел. Најголемите трговци на Медитеранот бидуваат поткусурени од историјата. Според Библијата, за тоа е заслужна арогантната гордост на Феничаните (поточно на Тир, како нивно пристаниште) и трговијата без скрупули. Според историјата, тие паѓаат под домино на силата. Македонија, пак, страда од ароганцијата и силата на другите, а од недостиг од сопствена гордост и срам.

Можеби телесниот нудизам или движењето гол пред други (според Маслов) е само по себе еден вид терапија, особено ако истото тоа е придружено со свест за тоа, додека модерниот нудизам познат и како општествена голотија се издигнало како филозофско движење посветено на здравјето (како панацеа на општествените проблеми). Меѓутоа, организираниот нудизам не става акцент на сексуализацијата, напротив на десексуализацијата и демистифицирање на човечкото тело, а ова што ѝ се случува на Македонија е организиран духовен „нудизам“, кој (напротив) е рамен на силување. Најпосле, дали нудизмот е добар за здравјето или психата, се чини е нешто што секој поединец треба самиот да го одгатне, како и тоа дали организираниот духовен „нудизам“ на кој е принудена Македонија, е израз на пријателска љубов или правно силување…

На крајот на „Најдолгиот пат“, осудените ги чека грчки поп со амнестија, по што осудените тргнуваат повторно на пат, на долго враќање кон своето, овој пат сами.
Веќе долго доцниме на тој пат, а отчука почетокот за бришење на сеќавањето за изминатите патишта и долгови. Првите бришења (не случајно) се на списокот на културата, кој според првичните резултати од конкурсот за проекти од национален интерес, ја „збогатува културата“ на поделби и дополнително ја соголува и онака кревката национална сцена. Се чини „Златното славејче“ си го отпеа своето, а „Оф-фестот“ останува во позиција на „оф“ како англицизам и извик.

Зурлите може да стиснат душа и да писнат во себе. Или колку што им стиска. Тешко (ќе) е. Ако е лесно, нешто мора да е погрешно.

Попусто е Македонијо да чекаш амнестија од грчки поп, кога не можеш да се надеваш ниту на својот. Мора да тргнеш, прво на најдолгиот пат до себе и да го соблечеш најпрво сопствениот срам. Или, пак, како духовен нудист да шеташ на воени јахти по светот, трупајќи долгови за враќање на туѓи коски. А самата сенка.

Авторот е магистер по мир и развој и поет