Нашите премиери

Нашите медиуми како куриозитет ја пренесоа информацијата од светските агенции дека владејачката Социјалдемократска партија на Финска ја избра новата премиерка, 34-годишната министерка и пратеничка Сана Марин. Таа ќе биде најмладата претседателка на финската влада во историјата. Тоа сигурно не би била голема вест ако не беа во прашање Финска и релативно млада жена. Уште помалку е вест што може да ги изненади Македонците, кои се навикнати во последниве триесет години да ги водат млади политичари. Мажи, се разбира, зашто далеку е времето кога на тоа место ќе видат ем жена, ем млада ем симпатична и привлечна. Такви нема на хоризонтот, иако не е исклучено да се појават откако во Собранието ќе влезат повеќе од 50 отсто жени пратеници, како што неодамна е навестено.
Само првиот претседател на Владата на Република Македонија од нејзината независност беше повозрасен, поопитен и со долг стаж, за разлика од оние што доаѓаа по него. Никола Кљусев, шеговитиот професор од Економскиот факултет, поетска душа и рафиниран бизнисмен, прв седна на премиерското столче на новокомпонираната држава. Имаше 63 години, сѐ уште енергичен и шармантен иако проќелав. Зборот ќелав го употребувам фигуративно не како навреда за изгледот туку за да кажам дека беше единствениот од премиерите што преку својата лика покажуваше зрелост и сериозност. Но генерацијата на Кљусев набргу замина од политичката сцена, нешто подолго траеја Стојан Андов и претседателот Киро Глигоров, иако тројцата на сосема различни позиции, со јасно спротивставени ставови и со меѓусебен отпор во (или за) комуникацијата. По нив дојдоа некои млади, модерни типови со бради како доказ за зрелост и за политичка квалификуваност за вршење високи функции. Брадести беа и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и лидерите од тогашниот албански блок. Ако веќе станува збор за рекорди, Бранко Црвенковски, наследникот на Кљусев, стана премиер со нецели 30 години, а неговиот наследник Љупчо Георгиевски со 33. Од сите досегашни 8 премиери, со исклучок на првиот, сите други кога ги презедоа должностите немаа повеќе од 45 години возраст. Ја споменувам само возраста, не и искуството. Во некои земји со долга традиција тоа се почетните години за влегување во сериозна политика, каде што политичарите својот врв го достигнуваат дури по наполнети 55 – 60 години. Да не ја споменуваме Америка, која имала само еден претседател, Џон Кенеди, што бил избран кога имал 42 години или Кина каде што, до неодамна, за млада гарда (авангарда) се сметаа оние што ја поминале шеесеттата.

Во Македонија во циклуси настапуваа нови генерации политичари и државни функционери, сѐ помлади и понови, кои при секои избори беа оценувани како нова надеж за напредок на државата. Колку од тие желби се остварија, а колку останаа пуста надеж може да се мери според очајната ситуација во која се наоѓа државата денес. И политички и економски и духовно – културолошки, просветно и нервно – здравствено. Гласачите ги пречекуваа премиерите како херои на новото време, но набргу доживуваа големи разочарувања.

Да не бидам погрешно разбран дека сум против политиката на млади во вршењето на државните функции. Накрај памет не ми паѓа да ги омаловажувам нивната младост, образование и вредност. Но сум против неспособни, необразовани, некултурни, прости и примитивни млади, кои навредите и плукањата кон политичките конкуренти ги гледаат како врвен дострел, како највисока умност и мудрост. Против сум нивната неоснована ароганција што ја покажуваат уште од првиот момент кога ќе влезат во некоја партиска или државновласна канцеларија. И што го губат човечкото лице, не се веќе она што биле пред тоа. Најгрубо и најгрдо е тоа што како народни избраници веднаш ја губат врската со народот.

Сите сме сведоци на разни средби, домашни и меѓународни, на разни форуми, самити, конференции и слични политички состанувања, низа странски делегации што се сретнуваат со нашите гостопримливи политички лица. Што гледаме на тие телевизиски слики што се движат, на фотографии и видеа? Гледаме дека не гледаме многу млади лица, туку во најголем број мажи или проќелави или со побелени коси. Не значи дека се толку паметни колку што се искусни и со долга политичка километража. Тие ја водат светската политика. И гледаме дами, подостарени но достоинствени, негувани и зачувани, не облечени како за на пазар или за во кафуле. Се трудат да се претстават во најдобро светло ем себе си, ем земјата од која доаѓаат. Тоа е ефект на свест, не на наредба.

Претседателот на Владата во Северна Македонија (порано Република Македонија) е трета лична по важност според протоколот, зад претседателот на државата и претседателот на Собранието, но прва според должностите и одговорностите. Според нашиот уставен систем, во негови раце е безмалку сета власт, под негова контрола се сите институции и државни пари, сега близу четири милијарди евра и нешто подзатскриено, надвор од буџет. Така е по закон, но во практика секоја поголема партија има своја „влада“ што ја контролира Владата, секој важен коалициски партнер си има своја независна општа и кадровска политика и буџет, работи во кои на премиерот не му е дозволено да се меша.

Поранешниот премиер на Финска поднел оставка поради губење на довербата од штрајк во поштата. Ако Македонија го следи примерот на Финска, тогаш нашите премиери требало секој ден да поднесуваат по една оставка зашто нема ден некој да не штрајкува или да не протестира пред Владата или пред Собранието. Оставка од тие причини не поднел никој. Кратката хронологија ни покажува дека некои од премиерите ја губеле власта на избори, главно по серија криминални скандали, на еден (Кљусев) му беше изгласана недоверба во Собранието, а само Хари Костов, кој кратко беше на чело на Владата, се повлече самиот по сопствен избор, откако виде дека во државата не е злато сѐ што сјае. Ако станува збор за куриозитети, тогаш не може да не се наведе податокот дека еден поранешен премиер, кон кого се поднесоа лавина обвиненија за криминално работење, инкогнито побегна од земјата, постапка што не е карактеристична за европски лидер, но е традиција во дел од африканските и во латиноамериканските земји.
На крајот нешто за премиерот, Уставот и за законите. Премиерот како звање, како функција и како титула, го нема ниту во Уставот ниту во кој било закон. По устав и по закон тој е претседател на Владата, така пишува во сите документи, како таков и самиот се потпишува. Ако се држиме строго до словото на Уставот (а како се држиме зависи од ситуација до ситуација), секоја употреба на именката премиер е неуставна и незаконска. Истото тоа важи за Собранието за кое ја употребуваме именката парламент. Македонија има собраниски, нема парламентарен систем на општествено уредување. Секоја употреба на зборот парламент во македонското собрание е политичка злоупотреба, кршење на Уставот и законите. Ова не го кажувам за да барам нешто да се смени туку го наведувам како доказ дека во македонската политика понекогаш со денови се расправаме за ситници, а експресно минуваат крупни одлуки што носат ненадоместливи штети. Можеби секогаш било така – да се шири мрежата за да поминат низ неа големите потреби, големите риби и големите пари.

[email protected]