Нашите предци знаеја како да ги чуваат националните темелни вредности и што значи своја држава

Многумина од основачите на современата македонска држава беа ортодоксни комунисти, за кои постојат и докази дека сурово се пресметуваа со секое тогаш наречено „реакционерство“, односно спротивно мислење. Меѓу нив, од оваа временска дистанца, има и низа контроверзни личности, а во нив се вбројува и Лазар Колишевски. Но и во таквиот контекст на уредување, во текот на политичкото владеење на овој македонски политичар, се создадоа Катедрата за македонски јазик, Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, ансамблот „Танец“ итн.

Во создавањето на македонската држава беа вложени значителен напор и пожртвуваност. Но не е лесно да се зачува татковото наследство, зашто е потребна силна волја за грижливо чување на постигнувањата на предците. Колку и да звучи трагично, сепак мора да се соочиме со вистината, а таа гласи дека нашите дедовци беа државотворни, ние не сме. Со промената на генерациите атрибутите на македонската држава лека-полека започнаа да исчезнуваат, со што се доведува во прашање егзистенцијата на македонската нација. Каде згрешивме?
Понекогаш на шега ни велат дека нашите искажувања личат на говорите на римските сенатори пред пропаста на Републиката, нема кој да нѐ слушне, никој не го чита Цицерон, обичниот човек чита „Политикин забавник“ и сѐ така до бесконечност. Можеби по стотина пати повторуваме една иста работа и се вртиме во круг, но не случајно Старите Римјани велеа дека: „Повторувањето е мајка на знаењето.“
Темелите на римската државност лежеа врз т.н. mos maiorum? Но за што всушност станува збор? Mos maiorum можеме да го разбереме како начин или обичаи на римските предци, морални и етички правила што биле суштина на римскиот традиционализам. Никогаш не биле официјално кодифицирани, но имале силно влијание врз сите аспекти на римската држава.

Во римските обичаи на предците може да се вбројат: fides (доверба, верност и кредибилитет), pietas (почитување на татковината, родителите и семејството), disciplina (воена дисциплина, дисциплина во образованието), gravitas and constantia (достоинствена самоконтрола, постојаност и упорност), virtus (доблест да се знае што е добро, зло, срамотно или нечесно), dignitas (достоинство, престиж и харизма). Римските мислители и историчари велат дека моралниот пад и напуштањето на традиционалните обичаи се причината за пропаста на Римската Република. Со други зборови, римските политичари започнале да се стремат кон лична полза, а не кон полза на државата и биле опседнати со мислата дека богатството е најважно.
Да се навратиме на прашањето каде згрешивме.

Наједноставниот одговор е дека ги напуштивме државотворните принципи на нашите предци, принципи врз кои беше создадена современата македонската држава. Очигледно е дека постапуваме како Старите Римјани, кои го напуштија т.н. mos maiorum и ја уништија римската држава.
Многумина од основачите на македонска држава беа ортодоксни комунисти што сурово се пресметуваа со секоја опозиција. Меѓу нив има и контроверзни личности како што е Лазар Колишевски, но во текот на политичкото владеење на овој македонски политичар се создадоа Катедрата за македонски јазик, Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, ансамблот „Танец“ итн. Нашите предци ја замислуваа Македонија како суверена општествена заедница на сите граѓани без разлика на народноста и религијата. Но државата беше оформена и како крепост на македонската нација, како тврдина што требаше да ги заштити или, во најмала рака, да ги утеши сите Македонци што живеат во другите држави.

Државата што ја тие ја создадоа беше држава во вистинска смисла на зборот. Таа се карактеризираше со меритократија, борба против корупцијата, владеење на правото, функционална администрација, добар здравствен систем, вистинско образование итн. Мора да имаме предвид дека ова државничко однесување произлегуваше токму од моралот на нашите предци. Најголемиот дел од нашите државотворни дедовци и татковци се одликуваа со патриотизам, чесност, дисциплина, постојаност, упорност, достоинство, скромност и др. Материјализмот немаше значење за нив. Со децении управуваа, но никогаш не спечалија богатство, само погледнете ги имотите што ги стекнаа како награда за долгогодишното служење кон државата и нацијата.
Кога точно се случи моралниот крах што предизвикува растројство на македонската држава. Компасот го изгубивме по падот на комунизмот кога тогашниот општествен кадар се најде во немилост.

Многумина самостојно се повлекоа од општествено-политичкиот живот, а други беа пензионирани како неподобни за новата реалност. На овој начин си го пресековме коренот и се лишивме од континуитетот на државничкиот менталитет.
Денес кога македонската држава и нација се соочуваат со егзистенцијални проблеми, можеби би било мудро да се присетиме на однесувањето на нашите дедовци и да извлечеме поуки од нивното однесување. По сѐ изгледа, тие знаеја што е држава и како да се управува со неа во тој историски контекст и околности, но пред сѐ знаеја како да ги чуваат националните темелни вредности.