Нашите изборни крстопати

Во Македонија има избори, но нема институција што носи име парламент. Не постои ниту еден државен документ во кој пишува дека во Македонија (Северна) има парламент. По Уставот и по Изборниот законик се гласа за состав на Собрание, за пратеници, не за парламентарци, но тоа елементарно кршење на Уставот и на законите и од највисоките државни раководители и партиски лидери никого не го засега, ниту пак го интересира

Во Речникот на симболите од Жан Шевалие и Ален Гербран наместо зборот „избор“, стои види „крстопат“. Во дигиталниот речник на македонскиот јазик зборот „крстопат“ во материјална смисла е дефиниран како „место каде што се вкрстуваат два или повеќе патишта“, а во духовна означува и „решавачки момент во животот, кога треба да се донесе некакво важно, судбинско решение со избор на една од повеќе можности“. Освен крстопат, во употреба е и зборот „раскрсница“, место каде што се пресекуваат неколку патишта или улици, што е слично и со зборот „крстосница“. Разговорно или поетизирано, се употребува и зборот „распаќе“, што на пример не се однесува само на некоја локациска позиција туку и на интимна душевна состојба пред донесување некоја важна лична одлука. Тогаш се вели на распаќе сум, не знам што да правам – што да сторам, не знам на кај да тргнам. Зборот „избор“, именка од машки род, има повеќенаменска примена, како што имаат и неговите деривати што може да се изберат за употреба при пишување и говорење. Политиколошки, зборот „ избор“, според нашите јазичари, означува и „постапка со која се остварува и се обезбедува организирано учество на граѓаните, односно на избирачите во изборот на политички претставници.

Така може да се означат и опишат сегашните вонредни собраниски избори, кои ќе се одржат на 15 јули, кога народот ќе си ги избере своите претставници во највисокиот законодавен дом, во Собранието на Северна Македонија. Нив не ги избира за во парламентот, затоа што во Македонија нема институција што носи име парламент. Не постои ниту еден државен документ дека во Македонија (Северна) има парламент. По Уставот и по Изборниот законик се гласа за состав на Собрание, за пратеници, не за парламентарци, но тоа елементарно кршење на Уставот и на законите и од највисоките државни раководители и партиски лидери никого не го засега, ниту пак го интересира.
Како што реков на почетокот, зборот „избор“ се идентификува со зборот „крстопат“, чија симболичка важност е посеопфатна, во смисла дека преку крстопатите се доаѓа до средиштето на светот. Таквата смисла наоѓа место и при сегашните избори овде, во Македонија, преку голем број примери на кандидати што во своите говори претендираат дека Македонија сега и отсекогаш е средиште на светот, дека сѐ почнува и завршува на македонска почва. Или дека цел свет се врти околу нашата земја, односно Македонија е раскрсница на небесните и овоземските светови. Можеби е така, можеби тие луѓе се во право, но научно не е докажано, како што е докажано дека нашата држава е на периферијата на светските мапи и уште подалечна од светските настани.

Во симболиката, крстопатот има вредност на нешто свето, на нешто судбоносно, место каде што треба да се застане и да се размисли. Тоа е место на кое човек може под заштита на анонимноста да се ослободи од отпадни, негативни, неупотребливи и опасни сили за заедницата и за него лично. Зашто, симболично, секое живо битие во себеси е крстопат, каде што се вкрстуваат и борат различните аспекти на неговата личност. Доаѓањето до крстопатот е доаѓање пред непознатото и до судирот со неизвесноста. Ако се знае дека најосновната човечка реакција од непознатото е стравот, првиот аспект на симболот е загриженоста.
Според теоријата, најпросто дефинирано, изборите се постапка преку која народот ја избира, ја проверува и контролира работата на политичката власт преку избраните од него. Оттаму, изборите се и извор и темел на легитимитетот на целокупната власт на една држава. Според тоа, како што рековме, во теоријата, изборите се механизам преку кој модерните демократии ги избираат членовите на своите управувачки институции, а преку тоа и извршната власт, а понекаде и претседателите на државите.

Освен државните национални, федерални, локални, избори има и во многу различни организации, политички партии, корпорации, спортски федерации, па дури и во аматерски, непрофитни здруженија и асоцијации. Сето тоа се подведува под демократски живот и под демократски процеси. Формалноправно изборите претставуваат демократија, демократијата подразбира слободни избори.
Поимот „демократија“ е искован во стара Атина, во петтиот век пред новата ера. Атинската држава, општо гледано, се смета за колепка на демократската власт, иако некои не се согласуваат со тоа и го негираат, бидејќи на изборите учествувале мал број гласачи, а без право на глас биле жените, робовите и странците. Со текот на времето значењето на поимот „демократија“ се менувал, се збогатувал, дефиницијата постојано се менувала, особено по 18 век, откако почнале да се воведуваат разни демократски системи во многу држави на стара Европа.

Сепак, изборите сами по себе, не се единствен и доволен услов за да се заклучи дека таму каде што има избори има и демократија. Иако во најголем дел држави во светот се одржуваат избори, за некои од нив се тврди дека не одговараат на модерните стандарди за „слободни, фер и чесни“. Пред избори, поплаките на опозицијата најчесто се однесуваат на законите по кои власта или некоја партија ја користи повластената положба, ги користи и општите државни материјални добра, а преку застрашување, манипулирање, па дури и фалсификување влијае на изборните резултати. Во време кога едни избори се оценуваат како „украдени“, а други како чесни (а речиси во сите може да се најдат поголеми или помали неправилности), најпроблематично прашање е кои се кои. Според една неутрална политичка теорија, изборите се чесни кога крајните резултати се совпаѓаат со мнозинството предизборни процени и јавни анкети.

Во грчката митологија, божица на крстопатите е Хеката, тројна личност, која имала тројно тело, три лица и тројна улога. Се појавувала во облик на кобила, волчица или кучка, во зависност од потребите, односно од тоа кого требало да придобие на нејзина страна или да измами. Имала големо влијание врз имагинацијата, создавала духови, привиденија и халуцинации што ги пренесувала на другите што верувале во тоа. Во соништата крстопатот открива желба за важна, свечена и на некој начин света средба, која на сонувачот му укажува дека треба да тргне во нова одлучувачка насока. Речиси во сите религии раскрсниците се сфаќаат како места за правење магии и пренесување на злото или на тешка болест од еден човек на друг и како место каде што се крие ѓаволот, подготвен да ги направи сите ѓаволштини.

Крстопатот не е крај, напротив, најчесто е нов почеток. Исто така е место на надеж, се разбира доколку не се избере погрешната насока и потоа да се живее со последиците од тој избор. Северна Македонија официјално го избра патот на НАТО и ЕУ. Со сите проблеми, недоречености и отпори поврзани со промената на името, факт е дека низ голем број анкети во минатите дваесетина години мнозинството граѓани го поддржуваат тој пат. Таа крстосница е зад државата, тоа распаќе е еднаш изодено. Сега е прашањето дали ќе се оди по познатата патека или ќе се избира нов макадам.

[email protected]