Нашата приказна

Не би знаел со сигурност да речам – дали оваа наша приказна ја губиме или таа нè губи нас, но знам дека во стварноста, како и во приказните, чудовиштата се ослободуваат понекогаш ненамерно, а понекогаш намерно, но само намерно стоички пред нив се стои

Деновиве разбравме за можното враќање на познатата серија „Раскажувачот“, емитувана во предвечерјето на југословенската приказна, по чиј крвав расплет, нашиот драматург Стефановски ќе ѝ каже на сопругата – „Ја загубивме приказната“ (од „Приказни од дивиот исток“).
Секој човек има своја приказна, како и секој народ. Живеејќи, човек си ја пишува приказната, некогаш наглас, почесто молкума. Но и таква, премолчена, се насетува од други и раскажува, повеќе или помалку вистинито, а некогаш повеќе или помалку лажно. Ненамерно или намерно.

На еден или друг начин, приказната го надживува човекот, но не и обратно – човек не може да ја надживее приказната, зашто тоа би значело дека престанал да живее, а за чудо останал жив, или уште полошо – живеел, а како да не живеел. Сакал – не сакал, човек живее до кај му е „цртичката“ и живеејќи, ја исцртува и испишува приказната.
Од сите лични приказни заедно, се пишува и колективната, заедничка приказна.
Во неа (и од нив) живее еден народ. Таа не е просто збир, но претопување, амалгам, во кој она што е лично станува делумно заедничко, и обратно, она што е заедничко станува делумно и лично. Ако личното е обезличено, тогаш и таквото обезличено станува заедничко и заедно сме (делумно) обезличени. Но и тогаш (и такви) приказната ја пишуваме, зашто сум убеден – сè дури мрдаме, приказната продолжува и продолжува да живее, дури има кој да ја раскажува и слуша. Дури има раскажувачи.
Југословенската приказна не успеа да ги победи „чудовиштата“ во својата приказна за разлика од бајките во „Раскажувачот“, но приказната за неа надживеа.

Книгата „Бајки на јужнословенските народи“ со тврди корици (која и денес ја чувам на полица) во која приказните на различни народи се наредени блиску едни до други, со смртта на Југославија се растури на бајки на посебните народи. Со Југославија, исчезна и амалгамот што овозможуваше приказните да се раскажуваат заедно, од една книга, за и нивните слушатели да станат поблиски едни на други (кориците и лепилото на мојот примерок се уште тврдоглави во опстојбата и заветот за чување на таа блискост).

Надвор од книгата останаа приказните на одделните народи, а едновремено започна (или продолжи) приказната за разделените народи, кои накратко (безмалку половина век) живееја во една држава како во бајка. Помалку или повеќе за некого добра или лоша (имено, амалгамот не повлекува истоветни својства на заедничката приказна со личните приказни од кои е составена), југословенската приказна беше повеќе од приказна, всушност беше приказна што оживеа во стварноста, како што на крајот од приказната оживеаја и „чудовиштата“ што ја задушија неа. Приказната за неа, пак, ќе постои дури постојат раскажувачи, кои одблиску и уверливо ја почувствуваа вистинитоста на југословенската приказна.

Припаѓам на генерацијата што „фати“ малку од приказната на почетокот од личната приказна, а на крајот од заедничката. Крвавиот расплет на кој сведочевме од извесна далечина, ме увери не во неможноста за вистинитост на приказната, колку во вистинитоста на (нејзините) чудовишта.

Една од омилените бајки во оние тврди корици ми беше/е приказната за Башчелик.
Башчелик е лик од словенската митологија на страната на злото, со чудовишна појава и сила, кое по грешка бидува ослободено од најмалиот од трите браќа.
Приказната е патешествие на најмалиот брат да си ја врати љубената што Башчелик ја грабнува со себе. Тоа е трнлив пат за тестирање на трпеливоста и истрајноста, каде што виновникот за ненамерното ослободување се „челичи“ и дораснува до сопствената приказна, на патот на иницијација и трансформација. Така, и приказната за Башчелик станува приказна за совладување несовладливи пречки, за победа над злото со љубов (и неизоставно – со мудрост)…

Но приказната ми беше за нашата приказна, амалгамот каде што се спојува заедничкото со личното и каде што сè што е заеднички тревожно, тегобно и трауматично искуство станува и лично искуство, а борбата со него лична, внатрешна борба. На оваа симбиоза (надвор од секаква паралела) ме наведува и протагонистот на романот „Нешто лично“ од нобеловецот Кензабуро Ое, именуван како „Птица“ – не поради способноста за летање, туку поради потребата од лет за бегство од бремето на приказната во која се чувствува заробен (Владимир Мартиновски има прекрасна анализа на оваа тема).

„Птица“ во романот е татко на хендикепирано бебе, именувано со чудовишни зборови поради напливот од страв, срам и вина од создаденото, исправен пред изборот да го задуши или стоички прифати (и израсне) потомокот, а со тоа да го изоди и патот на родителство. „Хамлетовата“ дилема кулминира со едновремените протести против нуклеарни проби, каде што се стопува приказната на личната и заедничката драма. Трагичната врска меѓу нив (во цивилизациска смисла) наоѓа одговор во прашањето на нобеловецот: „Што да се каже за цивилизацијата чие најголемо достигнување е атомската бомба со која е уништена Хирошима?“
Нови приказни – нови чудовишта.

„Плашилата“ во Југославија – критиките за недемократија, партиско судство и погрешна економија – сенишно замолчеа по нејзината смрт, иако истите тие чудовишно пораснаа, но по сè изгледа навикнавме да живееме со нив, како со свои.
Новите чудовишта не се како старите, страшни појави, мали се, речиси невидливи, облечени во еуфемизми и двозначности и скриени во членови и фусноти. Од нив страда нашата приказна, и недвосмислено – личните приказни.
Што да се каже за едно владеење чие најголемо достигнување е недостоинствено и срамно (само)укинување? Дали е тоа крајот на приказната?

На онаа реченица на нашиот драматург дека ја загубивме приказната, сопругата му одговара – „Не, приказната нè изгуби нас“.
Не би знаел со сигурност да речам – дали оваа наша приказна ја губиме или таа нè губи нас, но знам дека во стварноста, како и во приказните, чудовиштата се ослободуваат понекогаш ненамерно, а понекогаш намерно, но само намерно стоички пред нив се стои.

Знам дека сè дури зборуваме и пееме на мајчиниот јазик (дури и со затворени усти) – таа ќе се пишува.
Знам и дека нашата приказна е пред сè човечка приказна и ќе постои дури постојат и луѓето.
Растевме со југословенските бајки, со „Раскажувачот“ и со македонските приказни.
Југославија замина во бајките, „Раскажувачот“ повторно се враќа, а македонските приказни? Ќе има ли кој да ги раскажува? И поважно – ќе има ли кој да ги слуша?

Авторот е магистер по мир и развој и поет