Нашата администрација е обемна и неефикасна

На 21 јануари 2011 година до општината Кисела Вода поднесов барање, придружено со соодветна документација, за приватизирање на земјиштето на кое се наоѓа мојот стан. Според интензивната кампања што се спроведуваше тогаш, до истекот на рокот остануваше уште малку време и јас, како совесен граѓанин, побрзав документите да ги поднесам навреме. Владата тогаш нѐ убедуваше дека оние граѓани што нема да го купат земјиштето на кое се наоѓа нивниот стан, ќе ѝ плаќаат кирија на државата. Мојот сосед само ми се потсмеваше за моето трчање по документи. Тој ни со прст не мрдна да ги прибере документите. Јас бев убеден дека правилно постапувам.
На моето барање за приватизација на земјиштето, одговорот беше напишан на 27.7.2017 година, значи по седум години. Имено, тогаш беше напишано решение со кое моето барање се одбива поради нецелосна документација. Какви документи требаше да се предадат веќе не се сеќавам, но паметам дека требаше да се поднесе елаборат и да се платат разни такси. Вкупната сума што требаше да се даде изнесуваше 10.000-15.000 денари.

Времето за поднесување барање за приватизација на земјиштето дојде и помина. Но ниту мојот комшија плаќаше такса на државата затоа што не поднел барање за приватизација, ниту јас го приватизирав односното земјиште. Сега е јасно дека тогашната влада ни најмалку не се грижеше за приватизација на земјиштето. За неа најважно беше да се направат скапите елаборати и да се платат високите такси. Луѓето брзаа да ги поднесат документите за приватизација. Штом рокот за поднесување барање заврши, проструи информација дека проектот за приватизација на земјиштето се напушта. Значи, целта на Владата беше да исцица уште некој денар од овој, веќе и без тоа осиромашен народ, а за да го пополни буџетот. Целта на Владата тогаш беше да пополни 10-15 проценти од буџетот со разни такси (во овој случај за приватизација на земјиште) и разни казни.

Решението со кое моето барање за приватизација се одбива не го донесе претходната влада туку владата на Заев, веќе неколку месеци по востанувањето. Значи оваа, сегашна влада, брзо ја заврши неизвршената работа од владата на Груевски.
Се поставуваат следниве прашања, ако мојата документација не била целосна, зошто односниот референт тогаш ја примил и ми издал соодветна потврда. Имено, при предавањето, референтот добро ги загледуваше документите што ги поднесував. Значи, документите биле целосни. Понатаму, дали оваа влада сега бара документи за приватизација на земјиште што се поинакви од документите што ги бараше претходната влада? Тоа значи, нови докази, трчање од канцеларија во канцеларија со нејасен исход од сето тоа.

Оттука, ако оваа влада сака навистина да внесе живот во државава, треба веднаш земјиштето на кое се наоѓаат становите или куќите што не е откупено, да го прогласи за сопственост на лицата што поседуваат имот на тоа земјиште, без никакви такси и барања. Впрочем, дали има земја во светот во која купуваш стан, а истовремено не го купуваш и земјиштето на кое се наоѓа станот? Тоа е апсурд што го измисли владата на Груевски. Време е оваа држава да стане нормална држава.

Од друга страна, зачудува фактот што цели седум години администрацијата на Груевски не најде време да ги реши овие предмети. Во државната администрација има околу 3.000 лица што не одат на работа, а земаат плата. Но, исто така, администрацијата има илјадници лица што одат на работа, земаат плата, а не работат ништо.

(Томе Николоски)